Северна Кореја тврди дека успешно лансирала шпионски сателит
22 ноември 2023Сателитот „Малигјонг-1“ денеска (22.11) завршил во вселената носен од од ракета која била лансирана од севернокорејската провинција Северен Пјонган, јави севернокорејската агенција КЦНА.
Јужна Кореја и Јапонија досега го немаат потврдено успехот на лансирањето. Јужна Кореја реагираше со „делумно“ откажување на воен договор со Северна Кореја, склучен во 2018 година. Сеул повторно почна со надзорни мерки долж границата со соседната земја. Јужнокорејските разузнавачки служби со недели предупредуваа дека Северна Кореја е во последната фаза од подготовките за третиот обид да лансира шпионски сателит во орбитата. Првиот обид не успеа во мај, а Пјонгјанг и во август не успеа да лансира сателит во вселената.
САД го осудија лансирањето на сателитот. Лансирањето со употреба на „технологија на балистички проектили“ претставува јасно кршење на резолуциите на Советот за безбедност на ОН, изјави портпаролката на американскиот Совет за национална безбедност, Адриен Вотсон. Според Вотсон, инцидентот ги зголемува „тензиите“ и може да ја „дестабилизира безбедносната ситуација во регионот и пошироко“. Сите држави мора да го осудат лансирањето на ракетата, вели Вотсон, која од Северна Кореја бара да престане со своите „провокативни“ акции.
Обединетите нации исто така остро го критикуваа лансирањето на шпионскиот сателит. Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека секое лансирање од страна на Северна Кореја со користење на технологија на балистички ракети ги прекршува резолуциите на Советот за безбедност.
Северна Кореја оваа година изврши рекорден број тестови на оружје. Нуклеарното оружје и ракетните програми на Северна Кореја на меѓународно ниво долго време се гледаат како голема закана. Советот за безбедност на ОН донесе бројни резолуции со кои Северна Кореја се повикува да ги прекине своите нуклеарни и ракетни програми. Северна Кореја го изврши својот прв нуклеарен тест во 2006 година.